Информациите за квалитетот, дистрибуцијата и безбедноста на вакцините против КОВИД-19 треба да се примаат само од доверливи научно засновани извори

Северна Македонија ќе добие безбедни и квалитетни вакцини преку КОВАКС, според планот

Лажните вести и дезинформациите сѐ повеќе растат паралелно со ширењето на новиот корона вирус и може да бидат исто толку опасни колку и вирусот, особено сега, кога развивањето и дистрибуцијата на вакцините забрзано се одвиваат. Сега, повеќе од кога било, пресудно е луѓето да добиваат информации од доверливи извори, за секој да може да донесе вистински информирана одлука за сопственото здравје.

„Инфодемијата“ влијае врз јавната перцепција за квалитетот на вакцините, но, и создава недоразбирања околу сложените синџири на снабдување вклучени во производството и испораката на вакцините.

Во овој момент, понудата на вакцини против КОВИД-19 не се совпаѓа со побарувачката во светот. Дистрибуцијата на вакцини од обемот на КОВИД-19 сама по себе претставува голем логистички потфат. Неизбежно е да постојат предизвици при набавките на вакцини за КОВИД-19 додека чекаме производството во светот да го достигне полниот капацитет. 

„Вакцините се нов критичен инструмент во битката против КОВИД-19 и сфаќам дека сите сакаат да го искористат ова светски достапно јавно добро“, рече д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија. „Додека чекаме да ја добиеме вакцината, да не заборавиме на достапните јавно-здравствени мерки кои имаат значајна улога во ставањето под контрола на оваа пандемија“. 

СЗО во Северна Македонија тесно соработуваше со Министерството за здравство на подготвеноста за вакцинација против КОВИД-19 во земјата, вклучувајќи и изработка на Национален план за вакцинација против КОВИД, приоритети, поддршка на соодветен студен синџир и обука на медицинскиот персонал за вакцинирање.   

„Можам да потврдам дека Северна Македонија ги исполнува наведените услови на СЗО за вакцинација против КОВИД-19“, изјави д-р Тавила.  

„Имаше многу дезинформации околу пристигнувањето на вакцините преку КОВАКС. Како партнер на КОВАКС при набавката на вакцините против КОВИД-19, УНИЦЕФ потврдува дека Владата на Северна Македонија ги следеше глобалните упатства од КОВАКС, ги исполни сите критериуми и ги достави потребните документи според барањата и во потребните рокови. Исто така, Владата изврши навремено плаќање“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Иако се очекува првите дози да пристигнат во земјата во првата половина од април, датумите ќе бидат соопштени кога ќе бидат добиени дефинитивни информации.“  

Дезинформациите поврзани со КОВИД-19 може да направат огромна штета и за економското закрепнување на земјата. 

„Пандемијата со КОВИД-19 е енормно сложено глобално прашање кое ги засега сите и може да се надмине само ако сите дејствуваме заедно. Во тој дух, сите агенции на Обединетите нации се вклучени во соработка со Владата на Северна Македонија, во сите аспекти на одговорот и закрепнувањето од КОВИД-19, и ќе продолжат со таквата соработка“, изјави Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.

 

…………………………..

КОВАКС, столбот за вакцини на Акцелераторот за пристап до инструменти против КОВИД-19 (АЦТ), заедно го водат Коалицијата за иновации во подготвеност за епидемии (ЦЕПИ), Гави, (Алијансата за вакцини Гави) и Светската здравствена организација (СЗО) - кои работат во партнерство со УНИЦЕФ на набавка на вакцините, како и на превозот, логистиката и чувањето на вакцините за КОВИД-19, во име на глобалниот механизам КОВАКС.

 

Напишано од
Автор
Александар Димишковски
Комуникации и застапување
RCO
Aleksandar Dimishkovski
Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива
RCO
United Nations Resident Coordinator Office
УНИЦЕФ
Фонд за деца на ОН
СЗО
Светска здравствена организација