Извештајот за сигурност на храната и исхраната во Европа и Централна Азија за 2020 година, предводен од ФАО, ги разгледува трошоците за здрава исхрана

Достапни здрава исхрана може да поттикне позитивен развој на исхраната и одржливоста

12 мај 2021 година, Будимпешта, Унгарија - Иако гладот не е голем проблем во Европа и Централна Азија во последните 20 години, регионот делумно се соочува со зголемување на умерена несигурност во храната (што подразбира нередовен пристап до хранлива и доволна храна), истовремено справувајќи се со распространет брз раст на дебелината.

Намалувањето на трошоците за здрава исхрана може да биде клучно за постигнување подобра исхрана и одржливост.

Според најновиот Извештај за регионалниот преглед на сигурноста на храната и исхраната во Европа и Централна Азија 2020 година, пандемијата КОВИД-19 предизвика сериозна закана за сигурноста на храната и исхраната, особено за населението со ниски примања и ранливото население во регионот.

Заедничкиот годишен извештај на ФАО, Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), Фондот за деца на Обединетите нации (UNICEF), Светската програма за храна (WFP), Светската здравствена организација (WHO) и Светската метеоролошка организација (WMO), обезбедува сеопфатна анализа на темата, вклучително и за сите форми на неухранетост, тековните начини на исхрана и трошоците за здрава исхрана.

„Изминатите 12 месеци покажаа дека нашето здравје и функционирањето на нашите земјоделско-прехранбени системи се од фундаментално значење - и дека е потребно повеќе напор“, изјави Владимир Рахманин, помошник генерален директор и регионален претставник на ФАО. „Ние сите – вклучително носителите на одлуки, развојната заедница, граѓанското општество, академската заедница, приватниот сектор и поединци – имаме улога во постигнување на целта „Нулта глад“, во обезбедување на сигурноста на храната и подобрена исхрана, да не биде никој изоставен и да го промовираме одржливото земјоделство. ”

„Намалувањето на гладот и неухранетоста бара пристап на животен циклус, со посветување посебно внимание на децата, адолесцентите, мајките и другите ранливи групи“, изјави Џон Ајлиф, регионален директор на Светската програма за храна за Азија и Пацифик. „Нулта глад не е само исполнување на стомакот. Тоа бара од нас да работиме низ сектори - од земјоделство и социјална заштита до образование и здравје - за да обезбедиме здрава, урамнотежена исхрана, исто така достапна и ценовно прифатлива за сите “.

„Во зависност од нивното производство и локација, земјоделците во регионот беа особено погодени од нарушувањата предизвикани од пандемијата КОВИД-19, особено во земјите со економија во транзиција“, нагласи Олга Алгајерова, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и УНЕЦЕ. „Ги повикувам владите да распоредат соодветна финансиска поддршка за земјоделците. Исто така, ги поканувам да ги искористат процедурите на ОН за олеснување на трговијата и меѓуграничното движење,  да се задржат границите отворени за проток на стоки, особено основните производи како што е свежата храна “.

Земјите напредуваат во искоренување на застојот во раст и развој кај децата и малата родилна тежина, но се забележува тенденција за анемија и доење исклучиво во текот на првите шест месеци од животот. Во сите земји од регионот, постојат недостатоци во политиките за спречување на дебелина и анемија од дефицит на железо.

„УНИЦЕФ ги признава важните достигнувања што ги постигнаа земјите во врска со застојот на раст и развој кај децата и малата родилна тежина. Сепак, без удвојување на напорите, регионот нема да ги исполни обврските од 2025 и 2030 година за адресирање на детската дебелина, анемијата и ексклузивното доење “, вели Афшан Кан, регионален директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија и специјален координатор за одговор на кризата со бегалци и мигранти во Европа. „Влијанието на пандемијата КОВИД-19 ја зголеми ранливоста на исхраната кај децата. Имаме евиденција за споделување со креаторите на политики и добавувачите на храна за да ги поттикнеме да преземат активности за подобрување на исхраната и за мобилизирање на здравствените, образовните и социјалните системи за да се подобри детската исхрана“.

Преваленцата на прекумерна тежина и дебелина е голем проблем, дури и кај децата, со алармантно високи стапки во повеќето земји од регионот. Според СЗО, преваленцата на прекумерна тежина кај деца на возраст од 6-9 години е најголема во земјите од Медитеранот. „Луѓето кои живеат со дебелина имаат зголемен ризик за сериозни последици од КОВИД-19“, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

„Ковид-19, исто така, истакна колку можат да бидат кревки системите на храна - и колку е важно да се осигура дека сите луѓе, без разлика каде и како живеат, имаат пристап до безбедна, здрава и одржлива храна. За европскиот регион ова е од витално значење, имајќи ја предвид алармантната состојба со дебелината - хронично сложено заболување само по себе и голем ризик фактор за незаразните болести во регионот “.

Дополнително, регионот е под силно влијание на предизвиците наметнати од прекумерната потрошувачка на храна богата со сол, маснотии и шеќер и недоволната потрошувачка на овошје и зеленчук. Ова бара структурни промени во производството и потрошувачката на храна во рамките на сегашните системи за храна. Податоците на СЗО покажуваат дека нездравата исхрана е причинител на околу 86 проценти од смртните случаи и 77 проценти од други болести во регионот.

„Ефектите од климатските промени се сè поголем предизвик за тековните напори за добро владеење“, вели Милан Дачиќ, шеф на Светската метеоролошка организација за Европа. „Потребни се политики кои поддржуваат одржливо управување со земјиштето, намалување на загадувањето на воздухот, снабдување со храна за ранливите популации, намалување на загубите кај посевите и ограничување на емисиите на стакленички гасови поврзани со земјоделството.

Ченг Фанг, економист на ФАО и главен автор на извештајот, посочи и на неповолниот состав на храна достапна на пазарите во Европа и Централна Азија. Како што е наведено во извештајот, достапноста на храна од животинско потекло е над светскиот просек, додека потрошувачката на зеленчук, мешунки и риба е под светскиот просек. Иницијативите како ‘’Европски зелен договор’’ и ‘’Од фарма до вилушка’’ се рамковни политики што можат да ги олеснат промените.

Според Ченг „главниот заклучок е дека и покрај добар напредок во диверзифицирање и придвижување на достапноста на храната во вистинската насока, има потреба од преориентирање на системите за производство и трговија со храна за да се овозможи здрава исхрана“. Според него, ова може да вклучува дополнителни напори за едукација на потрошувачите и стимулации за зголемување на потрошувачката на овошје и риба, меѓу другото, за да се постигнат одржливи и здрави стратегии за исхрана во земјите од регионот“.

Трошоци за здрава исхрана

Здравата исхрана е генерално скапа, бидејќи во просек чини пет пати повеќе отколку исхраната што ги покрива само основните енергетски потреби преку скробна храна, според извештај на ФАО и анализа на податоците од 14 избрани земји во Европа и Централна Азија.

Зголемување на трошоците често е поттикнато од фактори како трговија, јавни трошоци и инвестиции низ ланците за снабдување со земјоделски производи. Во насока на нивно намалување, ФАО и Светската програма за храна се залагаат за инвестиции со фокус на исхраната, таргетирани интервенции и социјални политики/програми за зголемување на достапноста на здравата исхрана на одржлив начин. Искуството на Ерменија со мерките за социјална заштита со фокус на исхраната е претставено во извештајот.

„Придобивките од хранливата исхрана влијаат не само на поединците, туку и на целото општество“, вели Фанг, „а трошоците за хранлива исхрана ги сноси исто така целото општество“. Генерално, вкупните трошоци поврзани со здравата исхрана се многу пониски од трошоците за тековните модели на потрошувачка. Според податоците од проектите во испитуваните земји Доколку населението се насочи кон здрава исхрана, се предвидува дека директните и индиректните здравствени трошоци ќе се намалат до 97 проценти, а трошоците од емисии на стакленички гасови ќе се намалат за 41-74 проценти. Овие придобивки потенцијално може да се зголемат со текот на времето преку иновации и усвојување на нови технологии кои вклучуваат климатски-паметно земјоделство.

‘’Предизвиците од Ковид-19 пандемијата ни нудат шанса да ги преиспитаме нашите прехранбено-земјоделски системи, меѓу другото, и да започнеме трансформација за подобра храна и исхрана со помалку трошоци за животната средина. Самитот на ООН системи за храна свикан од генералниот секретар на ООН оваа есен, ни дава одлична можност на сите да го решиме ова важно прашање “, рече Владимир Рахманин.

Линк до извештајот ‘’Регионален преглед на сигурноста на храната и исхраната во Европа и Централна Азија 2020 година’’ -  www.fao.org/3/cb3849en/cb3849en.pdf

Напишано од
Автор
Радмила Славкова
Национален специјалист по комуникации
ФАО
Radmila Slavkova
Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива
ФАО
Организација за храна и земјоделство