Соопштение

Делот од сложувалката кој недостасуваше: воспоставување на Национален Парк Шар Планина, едно од најголемите прекугранични подрачја во Европа

01 јули 2021

  • Меѓу првите национални паркови воспоставен по неодамнешниот почеток на Декадата на ООН на обновување на екосистемите,
  • Новиот парк обезбедува пространо живеалиште и за критично загрозениот балкански рис
Фотографија: © UNEP/Stavrevska-Panajotova

Скопје, Северна Македонија, 1 Јули 2021 година - Создавањето на Националниот парк Шар Планина во Северна Македонија е последното делче од сложувалката и едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа. Новиот национален парк зафаќа површина од 627,05 km2, додека прекугранично, подрачјето се простира на околу 2400 km2.

Честата нелегална сеча на планината е една од причините за зголемена фрекфенција на поројни поплави; новиот парк прогласен веднаш по Меѓународниот ден на животната средина (5 јуни 2021 година) и почетокот на Декадата на ООН за обновување на екосистемите, ќе обезбеди строга заштита за значајни екосистеми и живеалишта.

„Историските одлуки, како што е основањето на Националниот парк Шар Планина, можат да ја зајакнат заштитата на природата, обезбедувајќи поддршка за целиот живот на Земјата. Обновувањето на екосистемите е исто така неопходно за да се забави или запре загубата на видовите “, изјави Бруно Поци, Директорот за Програмата на ООН за животна средина (УНЕП), Канцеларија за Европа. „За УНЕП беше привилегија да ја придружува Северна Македонија на ова патување. На крајот, граѓаните преку своите претставници, се согласија да го заштитат нивното природно богатство“.

„Ова е Шара. Ова е нашиот нов национален парк. Работевме многу и успеавме. Потребни беа повеќе од 27 години. Би сакал да им честитам на сите. Ова ќе овозможи развој, туризам, инфраструктура. Ова ќе ни даде можност нам и нашите граѓани од подрачјето да се вратиме да живееме и да работиме тука. Горди сме. Сакаме светот да знае тоа “, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија.

По повеќегодишни дискусии на национално ниво, Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија го заврши обемниот процес на консултации со јавноста. Различни сектори, вклучувајќи и ловци и еколошки организации, се вклучија во процесот за да ги разгледаат меѓусебните потреби и погледи и да го отворат патот за конечна согласност. Мнозинство од 66 пратеници гласаа вчеравечер во Собранието на Република Северна Македонија ‘за’ прогласување на Националниот парк Шар Планина, создавајќи нова историја за заштитата на животната средина на нивната земја.

„Овде немаме фабрики или нешто слично - само планини. Ако Шар Планина стане Национален парк, се надеваме на подобра иднина. За нас, туристите и за сите.“, изјави пред гласањето Решит Решити, одгледувач на овци од селото Вешала.

Северна Македонија е многу значајна за биолошката разновидност на Европа. Две третини од растенијата на земјата, вклучувајќи бројни ендемични видови, се среќаваат на Шар Планина. Повеќе од 70 видови лековити растенија се собираат и се користат таму. Се проценува дека едвај педесетина единки на критично загрозениот балкански рис се останати во државата, но сега тие се меѓу видовите за кои се отвора простор за побезбедна иднина.

„Шара е дом на речиси целокупната биолошка разновидност на Северна Македонија. Тука се среќаваат волци, мечки, рисови и лисици “, рече Методи Чилиманов, професионален планинарски водич кој работи на Шар Планина. „Благодарение на природата, имаме чај и лалиња од Шар Планина, како и прекрасен шафран што расте тука“, додаде Методи покажувајќи тетоважа со разнобојни цвеќиња на неговата рака.

Националниот парк Шар Планина е поделен на четири зони со различни нивоа на заштита. Строгата зона на заштита со околу 25% од целата територија на паркот, со најзначајните глацијални езера и тресетишта, ќе дозволува само научни истражувања, традиционално напасување на добитокот и пешачење по обележани патеки. Лов, моторни возила, кампување и градење нови куќи ќе бидат забранети таму. Од друга страна, зоната за активно управување која опфаќа речиси половина од површината на паркот, вклучувајќи ги најважните шумски екосистеми, ќе дозволува економски активности кои нема да имаат негативно влијание на заштитата на природата; на пример, поставување дрвени и камени конструкции за посетители и изградба на нови бачила, моторните возила кои ќе се користат за потребите на ЈУ Национален парк. „Зоната за одржлива користење“ зафаќа 22% од Шар Планина, каде е лоцирана инфраструктурата и населените места. Изградбата на нови инфраструктурни објекти од типот на ски-лифтови или хидроцентрали, ќе биде забранета во зоната, додека кампувањето се очекува да биде дозволено на дефинирани локации, како и информативни центри за посетители. „Заштитен појас“ ќе се постави околу ски-центарот Попова Шапка, каде ќе мора да се преземаат мерки за ублажување на влијанијата врз животната средина од работењето на центарот. Во периодот што следи попрецизно ќе се дефинираат активностите кои ќе бидат дозволи во паркот по зони.

Подрачјето на паркот е дом на триесетина села со повеќе од 26.000 жители. Истражувањето спроведено во април 2021 година покажа дека 82% од анкетираните кои живеат на Шар Планина ја поддржуваат иницијативата за прогласување. Паркот се очекува да донесе нови можности во области како што се еко и етно-туризам и сточарство.  Исто така, се очекува да зајакне и значењето и вредноста на традиционалните производи како што се сирењето, медот и чајот, како и музичкиот фолклор.

„Со прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, ќе ја зачуваме оваа слобода и ќе можеме да ги заштитиме сите вредности и убавини што ги има Шар Планина“, изјави Дурсим Рушани, одгледувач на коњи од село Бозовце.

Проектот кој го имплементира УНЕП од 2016 година со поддршка на Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ) придонесе за основање на Националниот парк Шар Планина. Во рамките на проектот, беа организирани бројни состаноци со засегнатите страни, како дел од процесот на консултација и изнаоѓање решенија за клучните прашања. Исто така, беа изработени студија за валоризација и социо-економска студија кои ги идентификуваат, меѓудругото, двигателите на еколошките закани за подрачјето, како и можностите што може да ги понуди националниот парк. Идните ренџери сега се обучуваат за одржливо управување со паркот, а деградацијата на земјиштето внимателно ќе се следи.

Конвенцијата за биолошка разновидност треба да ја одржи својата петнаесетта конференција на земјите-членки во октомври во Кунминг, Кина. Оваа средба има за цел да го иницира глобалното движење за да им помогне на земјите да ја запрат и ублажат деградацијата на земјиштето. Ќе се постави нова глобална рамка за биолошката разновидност, веројатно вклучувајќи нови цели за процентот на површината земјиште кое ќе треба да се заштити на национално ниво.

Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации од април ги повика земјите-членки да ја одржуваат и зајакнат поврзаноста на живеалиштата, вклучително преку зголемување на прекуграничните заштитени подрачја. Северна Македонија е последната што му понуди на светот нов национален парк кој ќе ги поврзе дивиот свет и пошироко од границите.

Други извори на информации:

Преземете фотографии, пакет видео-снимки подготвени за емитување и изјави како поддршка на медиумските стории.

Белешки до уредниците

За Декадата на ООН за обновување на екосистемите

Декадата на ООН за обновување на екосистемите 2021-2030 година е повик за заштита и заживување на екосистемите ширум светот, за доброто на луѓето и природата. Има за цел да ја запре деградацијата на екосистемите и да обезбеди нивно обновување заради постигнување на глобалните цели. Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи Декадата на ООН, која е предводена од Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Декадата на ООН заснова силно глобално движење за да се зајакне обновувањето и светот да се врати на вистинскиот пат за одржлива иднина. Тоа ќе вклучува политичка поддршка и илјадници иницијативи во пракса.

За повеќе информации, контактирајте ги:

Алехандро Лагуна, одговорен за информации, Канцеларија на УНЕП Европа,

+41 766910848, laguna@un.org

Марк Граси, асистент за информации, канцеларија на УНЕП Европа,

+41 788750086, mark.grassi@un.org

 

Aleksandar Dimishkovski

Александар Димишковски

RCO
Комуникации и застапување

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

УНЕП
Програма за животна средина на ОН

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива