Соопштение

Нова Програмска рамка ФАО - Северна Македонија за поконкурентна, одржлива и поотпорна рурална економија

29 април 2022

28 Април 2022. Нова петгодишна Програмска рамка се потпиша денеска од страна на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Република Северна Македонија, при што двете страни се обврзаа да ги продолжат заедничките напори за постигнување поконкурентна и поотпорна рурална економија која поттикнува создавање на работни места и инклузивен, зелен раст.

Приоритетите на новата Програмска рамка на ФАО за Северна Македонија за периодот 2021–2025 година се во согласност со приоритетите на Владата, Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027 и Рамката за соработка за одржлив развој меѓу Северна Македонија и Обединетите нации 2021-2025, во насока на трансформирање на системот за храна и усогласување на земјоделството и руралната економија со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој.

Договорот го потпишаа Mинистерoт за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Љупчо Николовски и заменик регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги,  во рамки на нивната денешна средба со генералниот директор на ФАО, Кју Донгју.

„Оваа рамка е продолжување на долгогодишното партнерство меѓу ФАО и Северна Македонија и нашите заеднички напори за унапредување на развојот на земјоделството, зајакнување на малите земјоделци и семејните земјоделски стопанства и инвестирање во одржлива иднина и сигурност на храната за македонскиот народ“, изјави Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО.

“Подготвени сме да ги продолжиме активностите и одличната соработка со ФАО преку која министерството, Владата и граѓаните на нашата држава директно на терен го гледаат бенефитот. Ќе го спомнам само успехот кој го направивме со тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште во рамките на Националната Програма за консолидација, со кои направивме историско придвижување во подобрување на структурата на земјоделското земјиште, што крајно придонесе за намалување на трошоците и зголемување на приходите на земјоделците. Соработката со ФАО е богата, течат многу заеднички проекти кои се од огромен интерес за државата“  истакна министерот Николовски.

Земјоделството е еден од клучните економски сектори и значаен работодавач во руралните средини, со 12 отсто од бруто домашниот производ и околу 22 отсто од вкупната вработеност. Сепак, бројни предизвици влијаат на развојот на секторот, меѓу кои расцепканоста на земјоделското земјиште, ограничен пристап до инфраструктура, земја, вода, енергија, знаење и финансиски услуги, слаби вредносни синџири и ранливост на климатските промени.

Имајќи го ова предвид, ФАО е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во две главни области -  градење на посилна рурална економија во согласност со стандардите на ЕУ, со фокус на малите земјоделски стопанства и жените фармери; и унапредување на климатската акција, природните ресурси и управувањето со ризиците од катастрофи.

Поконкретно, ФАО ќе ја поддржи Владата на Северна Македонија во развој на ефективни политики и овозможување инвестиции за рурална трансформација, подобрување на структурата на земјоделското земјиште и мобилноста на пазарот на земјиште, модернизирање на производството, зајакнување на вредносните синџири и овозможување на климатски паметно, отпорно земјоделство.

 

Ќе продолжи поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во спроведување на тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште во рамките на Националната Програма за консолидација на земјиштето и нејзино понатамошно проширување на национално ниво, како и спроведување на други инструменти за пазарот на земјиште.

Преку споделување на знаење и јакнење на капацитети, ФАО ќе му помогне на МЗШВ и на другите релевантни партнери во развој на политики и мерки за подобрени советодавни, ветеринарни и фитосанитарни услуги, како и во напорите за усогласување на управувањето со здравјето на животните, безбедноста и квалитетот на храната со стандардите на Европската инија, во насока на задоволување на домашните потреби, како и соочување со предизвиците во глобалните прехранбени синџири.

Во рамки на вториот приоритет на програмата, ФАО ќе ги поддржи напорите на земјата за климатска акција. Ова вклучува одржливо управување со природните ресурси (земјиште, вода, шуми и биодиверзитет), градење климатска отпорност на земјоделското производство и намалување на ризиците од катастрофи во земјоделството. Зајакнувањето на климатската отпорност на малите земјоделци на многу начини – вклучително и поефикасна употреба на земјоделски репроматеријали, висококвалитетни податоци за донесување одлуки, климатски- паметно земјоделство и проширување на системите за наводнување – ќе бидат меѓу клучните области на поддршка.

„Постигнувањето на овие резултати е можно со силна посветеност на Владата и поддршка од развојните партнери, како и со придонесот на ФАО преку нејзината Програма за техничка соработка. Техничката помош на ФАО игра важна улога преку адресирање на предизвици во клучни области каде недостасува техничка експертиза на национално ниво, но и како каталитички инструмент за одржливо влијание и привлекување на нови инвестиции во насока на постигнување на Целите за одржлив развој дефинирани во Програмската рамка’’, вели Горан Ставриќ, програмски директор на ФАО (Програма за техничка соработка). Северна Македонија се потпира на глобалното искуство и знаењето на ФАО како акредитиран субјект за на Зелениот климатски фонд (Green Climate Fund), Фондот за адаптација (Adaptation Fund) и Глобалниот еколошки фонд (GEF) за пристап до климатски финансии во насока на остварување на националните приоритети за адаптација и ублажување на климатските промени, и исполнување на меѓународните климатски обврски на државата.

 

Линкови:

Нова Програмска рамка ФАО - Северна Македонија за поконкурентна, одржлива и поотпорна рурална економија

Radmila Slavkova

Радмила Славкова

ФАО
Национален специјалист по комуникации

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ФАО
Организација за храна и земјоделство

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива