Диверзификацијата на финансирањето, здруженото финансирање, зајакнатите партнерства и иновативни модели на финансирање што ги вклучуваат нетрадиционалните донатори се клучни за отклучување на забрзан одржлив развој на глобално и локално ниво. Ова беше во фокусот на дискусиите на настанот со наслов „Предизвици и можности за мобилизирање ресурси на ОН на национално ниво“ што се одржа како дел од Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, што оваа недела се одржува во Севилја, Шпанија.
Рита Колумбија, Постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, ја нагласи итната потреба од зајакнување на обврските во рамките на Финансискиот договор на ОН и ја истакна критичната улога на квалитетното финансирање за поддршка на напорите на ОН во забрзување на постигнувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР).
„Искористувањето на комбинираното финансирање, како што е примерот со Фондот за зелено финансирање во Северна Македонија, обврзниците за ЦОР и поголемото учество на новите донатори, покрај традиционалните, како и регионалните и новонастанати финансиски институции, имаат потенцијал да отклучат нови развојни достигнувања“, рече Колумбија на настанот организиран од фондацијата Даг Хамаршелд, Канцеларијата за фондови со повеќе партнери на ОН (МПТФО), Канцеларијата за координација на развојот на ОН (ДКО) и Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија (БМЗ).
Овој настан се одржува во време на зголемена загриженост поради наглото опаѓање на средствата за развој од неколку земји-членки на ОЕЦД, со ризик од дополнителни намалувања што ја загрозуваат испораката на основна развојна и хуманитарна помош.
Настанот понуди платформа за различни гледишта на квалитетното финансирање, прикажувајќи ги најновите финансиски податоци на ОН и увиди од имплементацијата на Финансискиот договор.
Примерите дискутирани ја потврдија потребата од иновативни пристапи во промовирањето на пристапот до одржливи решенија, како што се решенија за енергетска ефикасност за ранливи категории, додека истовремено ја нагласија потребата од поголема, мултипартнерска соработка по теми од заеднички интерес.
„Искуствата од здруженото финансирање покажуваат дека тоа го обединува системот на ОН, ја зајакнува кохерентноста, ја зголемува ефикасноста, ја намалува фрагментацијата, ја проширува донаторската база, го олеснува делењето на ризици со партнерите и се справува со мултидимензионални предизвици со сеопфатни и иновативни решенија“, забележа Колумбија.
Учесниците исто така истражуваа можни патишта за подобрување на достапноста и квалитетот на финансирањето за развој, додека одговараа и на прашања поставени од публиката за иднината на финансирањето на ОН, особено во однос на зголемената загриженост поради наглото намалување на средствата за развој.
Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот (ФФД4) нуди уникатна можност за реформа на финансирањето на сите нивоа, вклучително и за поддршка на реформата на меѓународната финансиска архитектура и справување со финансиерските предизвици кои ја попречуваат итно потребната инвестиција за ЦОР. Меѓународните конференции за финансирање на развојот се единствениот простор каде што лидерите од сите влади, заедно со меѓународни и регионални организации, финансиски и трговски институции, компании, граѓанското општество и системот на ОН се обединуваат на највисоко ниво, поттикнувајќи посилна меѓународна соработка.
Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија ќе продолжи да работи со тимот на ОН во државата, Владата на Северна Македонија и сите други меѓународни и домашни организации, академската заедница, приватни компании и поединци за промовирање иновативни, мултидимензионални пристапи кон финансирањето на одржливиот развој.