Лицето на промените: Бенази Шемовска ги охрабрува жените од Центар Жупа да ги рушат бариерите и да ја создаваат својата иднина.
Во малата општина Центар Жупа, во западниот дел од Северна Македонија, една 35-годишна наставничка по биологија, сега директорка на училиште, го претставува лицето на промените и напредокот за жените и девојчињата.
Бенази Шемовска не е посветена само на образованието, туку и на остварувањето на правата на жените. Нејзините залагања во изминатите три години беа од суштествено значење за основањето и работењето на мултифункционалниот женски центар во Центар Жупа како сигурен простор за социјализација, учење и изработка на ракотворби.
Таа посветено работи на мобилизирање на жените од општината и над дваесет околни села и на нивно економско зајакнување за да станат независни, организирани и активни во своите заедници и постојано ги охрабрува да се стремат кон еднаквост во сите аспекти од животот.
„Многу жени сè уште не ги знаат своите права на одредени работи. Ние имаме право на многу работи, но самите се одрекуваме од нив. Често велиме: „Не можам да одам во општината“, „Не можам да возам автомобил - тоа е машка работа“. Но, тоа едноставно не е точно. Сè се сведува на образованието, или поточно, првенствено на воспитувањето од дома“, објаснува таа.