Консолидација на земјиште
Поттик за развој на малите земјоделци и нивен придонес во сигурност на храната
Љупчо Ангеловски е млад семеен земјоделец во селото Егри, Северна Македонија. Доаѓа од семејство со долга традиција во земјоделско производство. Oткако ја преземал водечката улога во семејното земјоделско стопанство, тој ја сфатил важноста на модернизирање на производството и воведување на поодржливи и попродуктивни земјоделски практики кои ќе креираат подобри можности за создавање приходи за неговото семејство. Сепак, како и за поголемиот дел на мали земјоделци и семејни земјоделски стопанства во Северна Македонија, развојот и продуктивноста на неговото стопанство е под потенцијалот заради прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште.
Со просечна големина под 2 хектари (ха), честопати расцепкани на 5 или повеќе земјишни парцели со неправилна форма, што го отежнува земјоделско производство и со застарена земјоделска инфраструктура – земјоделските стопанства во Северна Македонија имаат мала продуктивност и конкурентност во однос на повеќето земји членки на Европската унија. Ова го ограничува нивниот потенцијал да го зголемат обемот на земјоделското производство и да се ориентираат кон комерцијални земјоделски активности.
Финансиран од Европската унија со придонес на ФАО, проектот МАИНЛАНД има за цел да им помогне на сопствениците на земјоделско земјиште и руралните заедници во Северна Македонија да го решат проблемот со расцепканоста на земјиштето, за да се окрупнат земјоделските стопанства, да се оптимизира земјоделското производство и да се воспостави потребната земјоделска инфраструктура, вклучително пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување. Проектот е дел од Регионалната иницијатива на ФАО за јакнење на малите сопственици и семејните земјоделски стопанства. Проектот нуди придобивки за околу 6.500 сопственици на земјоделско земјиште во петнаесет консолидациони области во Северна Македонија со вкупна површина од околу 4.500 ха.
„Натпреварувањето на пазарот на ЕУ и во глобалната економија едноставно не е можно со ситни парцели, просторно оддалечени една од друга. Нема економија од обем, време и гориво се трошат во патување од нива до нива за орање, ѓубрење, берба. Ваквите парцели можат да бидат корисни само за егзистенцијално земјоделство“, вели Љупчо.
Љупчо е силен застапник за консолидација на земјиште и еден од 214 сопственици на земјиште кои учествуваат во проектот МАИНЛАНД во Егри. Тој е многу среќен што неговото село Егри е првиот проект за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите, откако Планот за распределба на земјиштето во Егри беше усвоен со мнозинство гласови на сопствениците на земјиштето во јануари 2020 година.
Планот за распределба на земјиштето во Егри кој зафаќа 336 ха земјоделско земјиште, резултираше со скоро четирикратно намалување на бројот на земјишни парцели (од 874 на 260), со просечна големина на парцела од 1,30 ха, во споредба со 0,38 ха пред консолидацијата. Парцелите сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. Планот, исто така, вклучува и обнова на заедницата како што се инвестиции во пристапни патишта до нивите и во системи за одводнување и наводнување, финансирани од Европската унија.
Љупчо и неговата сопруга Кети, која има еднаков удел во семејното земјоделско стопанство и бизнис, очекуваат да видат придобивки од консолидацијата на земјиштето во годините што следат. Целото нивно земјиште составено од 15 мали парцели, расцепкани на различни локации, сега е окрупнето во три правилно обликувани парцели со просечна големина од 2 ха (споредено со само 0,4 ха пред консолидацијата) и со подобар пристап до земјоделската инфраструктура. Пченицата и пченката учествуваат со околу 50% во нивното земјоделско производство. Тие исто така произведуваат пиперки, бостан и тутун. 90 проценти од бостанот што ги произведуваат го извезуваат преку трговски посредници во Полска, Чешка, Босна и Херцеговина, Бугарија и Хрватска. Љупчо верува дека подобрената земјишна структура ќе ја зголеми ефикасноста на користење на земјиштето и ќе ги подобри приносите за 30 до 40 проценти.
Реализацијата на плановите за развој на земјоделското стопанство сега е полесна со големи парцели со правилна форма и подобар пристап до земјоделската инфраструктура. Љупчо и Кети сега размислуваат да инвестираат во современи земјоделски машини и технологии за да ја зголемат продуктивноста и профитабилноста на своето производство, исто така, водејќи грижа за животната средина. „Откако ги превземав одговорностите околу семејното стопанство од татко ми, ја сфатив потребата за модернизација на нашето производство - трактор и приклучни машини на прво место, да ја олесниме нашата работа на терен, да ги намалиме трошоците и да бидеме попродуктивни. Примената на таква модерна опрема на ситни и расцепкани парцели беше едноставно невозможно и без економија од обем“- вели Љупчо. За да инвестира во нова механизација (сеалки, машина за садење пиперки и меѓуредна фреза-раскопувач) Љупчо се подготвува да аплицира на тековниот повик во рамки на Програмата ИПАРД II за 2014-2020 на Европската унија.
Подобрениот пристап до мрежата за наводнување во консолидационата област во Егри отвора можност Љупчо и неговата сопруга да го прошират својот систем за наводнување капка-по-капка, кој во моментов опфаќа помалку од 2 ха од нивните ниви со пиперки. Проширувањето на нивниот систем за наводнување капка-по-капка ќе им помогне да го модернизираат производството, да заштедат вода и да ги подобрат приносите во комбинација со добри земјоделски практики.
Таа и Љупчо се подготвени да научат како да одгледуваат нови култури погодни за локалните климатски и почвени услови или да користат нови технологии за да одлучат да инвестираат во нив. Заинтересирани се да истражат можности за одгледување медицински билки и зачини, вклучително органско нане и шафран. Тие имаат присуствувано на неколку работилници за органско производство и ќе продолжат да бараат стручни совети за да истражат нови можности за диверзификација на производството и зголемување на нивниот приход.
Подобрувањето на структурата на земјоделското земјиште и зголемувањето на пристапот на земјоделците до инфраструктура, технологии и пазари е клучно за иднината на системите за храна и може да ги привлече младите во овој сектор. Ова позитивно влијае на мобилноста од руралните во урбаните средини, поттикнува еднаков и одржлив економски раст. Позитивното искуство на семејниот земјоделец од Егри треба да ги инспирира другите рурални заедници во Северна Македонија активно да учествуваат во консолидацијата на земјиште каде сите учесници имаат придобивки.
Неколку консолидациони области, меѓу кои Соколарци, Спанчево (Општина Чешиново-Облешево), Логоварди, Оптичари, Трн (Општина Битола) во моментов се во втората фаза од процесот на консолидација на земјоделско земјиште - планирање за распределба на земјиштето и технички дизајн на земјоделска инфраструктура. ФАО со задоволство соработува со Европската унија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на спроведување на Националната програма за консолидација на земјиштето во Северна Македонија и нејзино проширување ширум државата.