Циклус обуки на УНФПА за градење капацитети за дознаки и Big Data
Скопје, 19 октомври 2022
Миграциските трендови, прилив и мерење на дознаките во Северна Македонија со вклучени проценки на прилив на лични дознаки, неформални извори како и специфики и слабости на државните статистики за миграција, беа некои од темите на дводневната работилница што денеска започна во Скопје, во организација на Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА, со поддршка на ИОМ Северна Македонија.
На настанот, на кој учествуваа околу 20-тина претставници на различни институции од државата, меѓу кои националната Народна банка, Државниот завод за статистика, Министерство за труд и социјална политика, Биро за регионален развој и Секретаријат за европски прашања, се разгледуваше и методологијата за истражување на личните дознаки при користење на достапни статистики податоци како и податоците од Пописот 2021.
Во рамки на проектот, во наредните три месеци, ќе се одржат вкупно шест обуки за дознаки и за градење база на капацитети на темата "Вовед во големи податоци и примена на аналитика на големи податоци за миграција - Big Data.
Обуките за „големи“ податоци претставуваат иновативен пристап кон прибавување и анализа на податоците и создаваат можност за унапредуввање на развивањето миграциски политики и инструменти засновани на докази, подобрување на системското собирање и анализа на податоци и поефикасна меѓуинституционалната размена на податоци како и јавните перцепции и наративи за имигрантите и бегалците.
Тие се однесуваат на користење на нови, иновативни и алтернативни извори на податоци - Big data како поддршка на креаторите на политики за ефикасно управување со демографските процеси и миграциите со цел да го поддржат развивањето миграциски политики и инструменти засновани на докази, да го унапредат системското собирање и анализа на податоци, и да ги подобрат меѓуинституционалната размена на податоци како и јавните перцепции и наративи за имигрантите и бегалците.
Големите податоци или Big Data се големи количини на податоци што автоматски се генерираат во големи бази на податоци, како што се базите на податоци на операторите на мобилна телефонија, енергетските компании, социјални мрежи и други интернет базирани платформи.
Работилниците се дел од проектот „Миграциски дискурс, политика и планирање базирано на докази", поддржан од Мулти-партнерскиот фонд за миграција на Обединетите нации“, што го спроведуваат три агенции на ООН – УНФПА, ИОМ и УНХЦР.