Соопштение

Светскиот ден на храната одбележан во Скопје

16 октомври 2019

  • „Нашите дејства се нашата иднина: ЗДРАВА ИСХРАНА за свет #БезГлад“

 

Со денешниот настан во Скопје по повод Светскиот ден на храната, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) и партнерите повикаа на поголема акција за ставање крај на гладот ​​и на другите форми на неухранетост, како и за потребата да се овозможи безбедност на храната и здрава исхрана за сите.

Со слоганот „Нашите дејства се нашата иднина – здрава исхрана за свет #БезГлад“, ФАО, заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ОУ „Крсте Мисирков“ - Гази Баба и ГО „Слоу Фуд Водно“ и оваа година се фокусираа врз подигање на јавната свест за важноста на одржливото производство на храна и здравата исхрана за остварување на свет Без глад.

„Постигнувањето на свет без глад ​​не значи само да се нахранат гладните“, рече на настанот Росана Дуџак, постојан координатор на ОН. „Тоа значи и здрава исхрана која вклучува доволно разновидна безбедна и здрава храна, истовремено чувајќи го здравјето на планетата од која сите зависиме“, истакна таа, дополнувајќи дека треба да го промениме фокусот од производство на повеќе - кон производство на поздрава храна.

Според Росана Дуџак, владите мора да воспостават политики и регулативи со кои хранливите продукти ќе станат достапни, пристапни и прифатливи. Смета, потребно е и воведување и проширување на едукацијата за храна и здрава исхрана таму каде што е применливо. „Сите можеме да ги поддржиме локалните производители на храна, да започнеме здрав режим на исхрана, да го намалиме отпадот од храна, и да бидеме посвесни за животната средина“, нагласи таа.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски изјави дека нашата држава се обврза дека ќе работи посветено заедно со сите земји-членки на Обединетите нации на постигнување на Целта за одржлив развој „Нулта глад“, но за тоа е потребно дејствување и посветеност на сите сектори, професии и поединци. Тој истакна дека климатските промени се закануваат да го намалат како квалитетот, така и квантитетот на земјоделските култури, намалувајќи ги приносите, па затоа, од клучна важност е примената на паметни (иновативни) решенија за производство на разновидна и квалитетна храна, за да се заштитат биодиверзитетот и природните ресурси, како и да се зголеми отпорноста на земјоделското производство кон климатските промени.

Светскиот ден на храната оваа година е насочен кон учениците и младите, нагласувајќи ја важноста на училишните градини како моќна алатка за подобрување на квалитетот на исхраната и едукацијата на децата, нивните семејства и заедници. Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје е одличен пример за воведување практична настава околу животната средина и исхраната во редовната училишна програма, преку сопствената училишна градина за одгледување овошје и зеленчук.

Како што истакна постојаниот координатор на ОН, „училишните градини се одличен начин децата да научат за исхраната и да воспостават врска меѓу одгледувањето храна и добрата исхрана, да развијат животни вештини и да ја зголемат свеста за животната средина.“

Настанот беше одбележан со бројни активности, вклучувајќи и предавање „Здрава исхрана - време е за промени“ од Драган Јованов, експерт по фитомедицина и агроекологија, изложба на здрави оброци подготвени од учениците на ОУ „Крсте Мисирков“, цртање цртежи за учество во конкурсот на постери по повод Светскиот ден на храната 2019-та , и кулинарска работилница каде учениците и готвачите на „Слоу Фуд Водно“ подготвија здрави закуски со свежи продукти од училишната градина.

Според податоците од Извештајот на ОН за состојбата со исхраната безбедноста на храната во светот за 2019 г., бројот на неухранети луѓе во светот е во пораст. Над 820 милиони луѓе немаат доволно за јадење, но во исто време, прекумерната тежина и дебелината и натаму се зголемуваат во сите региони, особено кај децата на училишна возраст и возрасните. Од фарма до чинија, нашите прехранбени системи во моментов фаворизираат засилено производство на храна и земјоделски практики кои имаат негативно влијание врз природните ресурси и биолошката разновидност. Постои итна потреба овие трендови да се променат за постигнување на Нулта глад и подобра исхрана до 2030 година.

Aleksandar Dimishkovski

Александар Димишковски

RCO
Комуникации и застапување

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ФАО
Организација за храна и земјоделство

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива