Соопштение

Одбележување на Светскиот ден на храната, 16 октомври 2020

16 октомври 2020

  • По повод Светскиот ден на храната, денеска, во Кинотека на Македонија, ФАО и Слоу фуд Водно го организираат првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал‘’, под мотото “Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно - Нашите дејства се нашата иднина”.
World food day poster

Секоја година Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации  (ФАО), го одбележува Светскиот ден на храната на 16 октомври со цел да го одбележи основањето на Организацијата во 1945 година. Годинава се одбележуваат 75 години од нејзиното постоење, во еден исклучителен момент кога земјите ширум светот се справуваат со негативните ефекти на глобалната пандемија „Ковид-19“.

Повеќе од 150 земји во светот, вклучително и Северна Македонија, се приклучуваат во одбележување на овој ден со цел промовирање на глобалната свест и акција за оние кои страдаат од глад и за потребата да се обезбеди здрава исхрана за сите.

Годинешниот Светски ден на храната, повикува на силна акција за постигнување на целта #СветБезГлад и подобра исхрана до 2030 година, преку посилни партнерства и соработка во насока на трансформирање на нашите системи за храна, промена на начинот на кои ја произведуваме, обработуваме, консумираме и трошиме храната.

Токму по повод Светскиот ден на храната, денеска, во Кинотека на Македонија, ФАО и Слоу фуд Водно го организираат првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал‘’, под мотото “Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно - Нашите дејства се нашата иднина”.

Преку неколку кратки, но и четири долгометражни документарни филмови, филмскиот фестивал за храна  ја испраќа пораката за важноста на локалните производители на храна, за зачувување на биодиверзитетот и за заштита на животната средина.  Репертоарот на филмскиот фестивал ги вклучува „На трпеза кај…Македонија“ од Mирјана Момировиќ, „Езеро од јаболка“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказната за Слоу Фуд“ на Стефано Сардо и „Момчињата од Бароло“ на Паоло Казалис и Тициано Гаја, како и неколку видео записи на ФАО во чиј фокус се важноста на зголемување на отпорноста и одржливоста на системите за храна и обезбедувањето на прифатлива и здрава исхрана за сите.

Целта на „Трпеза филм фестивал‘’, е едноставна: едукација на луѓето преку филмот - да почнат да размислуваат многу посуштински за храната и за изборот што секојдневно го прават, не само за себе, туку и за Планетата. Но, целта е и да се мотивираат, односно поттикнат продуцентите да ги документираат приказните на нашите локални производители кои и тоа како имаат што да кажат и да пренесат, истакна Марјан Костадиновски од Слоу Фуд Водно.

Годинешниот Светски ден на храната не е обичен ден. Се случува во време кога светот се бори против пандемијата КОВИД-19, која ја разоткри кревкоста на нашите земјоделско-прехранбени системи, се заканува да турне милиони повеќе во глад, а кај многумина од нас ја разбуди почитта кон храната - она што некои го земаат здраво за готово, а на многумина им недостасува; но исто така откри нови можности за трансформација на земјоделско-прехранбениот систем кој излезе од рамнотежа.

Во своето обраќање на настанот, резидентната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека храната е суштината на животот и темел на нашите култури и заедници. Обезбедување сигурен пристап до безбедна и хранлива храна е и ќе продолжи да биде суштински дел од одговорот на КОВИД-19, особено за најсиромашните и најранливите кои се најтешко погодени од пандемијата и ќе бидат најмногу погодени од економските шокови како последица.

Според Дуџак, можеме да се справиме со КОВИД-19 ако дејствуваме заедно! Таа додаде дека е време да се зголеми отпорноста на системите за храна за да можат да го преживеат следниот предизвик, со овозможување на иновации, дигитализација и е-трговија за работниците во синџирот на храна и малите земјоделски стопанства насекаде во светот, кои произведуваат околу 80 проценти од храната во глобални рамки.

Набил Ганги, Заменик-регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, преку видео порака истакна дека во овие 75 години од основањето на ФАО, светот оствари голем напредок во борбата против сиромаштијата, гладот и лошата исхрана. “Многу напреднаа и земјоделското производство и прехранбените системи. Сепак, премногу луѓе останаа ранливи. Дури и пред пандемијата, повеќе од 2 милијарди луѓе немаа редовен пристап до доволно безбедна, хранлива храна, а  скоро 700 милиони луѓе си легнуваат гладни”, додаде тој.

Според Ганги, пандемијата КОВИД-19 ги надополни овие предизвици - потсетувајќи не дека сигурноста на храната и здравата, нутритивна исхрана се важни за сите нас. Тој истакна дека Светскиот ден на храната оваа година ги слави нашите херои во храната - земјоделците и работниците низ целиот прехранбен систем - кои дури и во исклучително тешки околности, како сегашната пандемија КОВИД-19, се грижат храната да стигне од фарма до трпеза. И тој исто така подвлече дека повеќе од кога било, потребно е владите, приватниот сектор, поединците да вложуваат во иновативни решенија, силни партнерства и системско дејствување за да ја донесеме храната до оние на кои им е потребна и да ја подобриме за оние што ја имаат.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во својот поздравен говор на настанот истакна дека повеќе од било кога сме свесни за значењето и трудот на локалните производители на храна. Според него, обезбедување на квалитетна и безбедна храна е најважно, особено во вакви тешки услови, како пандемијата Ковид 19. Тој истакна дека Република Северна Македонија, како дел од големото семејство на Обединетите Нации и членка на ФАО, ќе остане посветена на спроведување на проекти и програми чија цел е намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот на живеење на населението во руралните средини, а во насока на остварување на Целите за одржлив развој и пристапување кон Европската унија.

Денеска ги славиме хероите на храната и го повикуваме секој еден да стане херој на храната. Сите имаме улога да ја реализираме визијата за Свет без глад и неухранетост. Не смееме да ги поткопуваме нашите одржливи навики во време на криза. Можеме да растеме, да се исхраниме и да го одржиме нашиот свет - ЗАЕДНО. НАШИТЕ ДЕЈСТВА СЕ НАШАТА ИДНИНА – е пораката упатена од годинешниот Светски ден на храната во Скопје.

Светски ден на храната: www.fao.org/world-food-day/home/en/

ФАО Брошура:  Светски ден на храната 2020 - Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно. Нашите дејства се нашата иднина:  www.fao.org/3/ca9893mk/ca9893mk.pdf

ФАО Спот за Светскиот ден на храната:  www.youtube.com/watch?v=KQZFqakBw04&feature=emb_logo   

Radmila Slavkova

Радмила Славкова

ФАО
Национален специјалист по комуникации

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ФАО
Организација за храна и земјоделство

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива