#ЗаСИТЕЖениИДевојчиња е повик за акција по повод 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција. Меѓу оние што одговараат на овој повик е и Горан Спасовски, 50 години, од Скопје, Северна Македонија. Тој е советник за меѓународна соработка во Центарот за развој на стручно образование – национална институција со седиште во Скопје, која го поддржува и унапредува стручното образование ширум целата земја.
Повеќе од 13 години, Спасовски е вклучен во европски и регионални процеси, меѓународни проекти и соработки, градејќи обемна експертиза во реформата на стручното образование и обука, развој на вештини и прекугранична соработка. Неговата мисија: усогласување на националните системи со европските стандарди, со постојан фокус на образовните потреби на младите.
За да ја зајакне оваа мисија, Горан Спасовски учествуваше на обука за обучувачи за интегрирање на родови перспективи во државните институции, организирана од UN Women и поддржана од Шведска преку Програмата за родово одговорно управување. Денес, тој се залага за образовен систем ослободен од родови стереотипи, каде што и младите жени и младите мажи можат да напредуваат и слободно да го изберат својот кариерен пат.
Она што секогаш му било најважно е како нашите политики и програми влијаат врз младите, нивните избори, нивната иднина и можностите што ги имаат пред себе. Тој верува дека системот за стручно образование и обука мора да остане динамичен, приспособувајќи се не само на економските и општествените промени, туку и на променливите потреби на учениците.
„За мене, најважно е да создадеме услови каде девојчињата и момчињата добиваат еднаква поддршка да го изберат патот кој навистина го сакаат,“ вели тој.
Оваа обука ја промени неговата перспектива. „Сакав да го зајакнам своето знаење и директно да го применам во работата. Обуката ме поттикна критички да ги преиспитам постојните практики. Сфатив дека таканаречените ‘родово неутрални’ пристапи често ја одржуваат нееднаквоста. Учебниците, наставните практики, па дури и начинот на кој им се обраќаме на учениците, можат несвесно да ги обесхрабрат девојчињата да влезат во техничките области или момчињата да се насочат кон квалификации кои се сметаат за ‘женски’. Разбирајќи го ова ме направи уште поодлучен да промовирам родово сензитивни програми и политики,“ размислува Спасовски.
„Креативноста нема род“
Како претседател на Комисијата за текстил, кожа и слични производи, Спасовски активно ги оспорува родовите стереотипи. Често текстилот се означува како „женска“ професија. Тој силно не се согласува. „Машките и женските имиња во модата стојат едно до друго. Креативноста нема род – таа е човечка особина. Ова уверување го споделувам со колегите, затоа што верувам дека секој ученик заслужува поддршка во своите избори.“
За Спасовски, предизвиците за унапредување на родовата еднаквост во образованието се јасни: на многу институции им недостигаат знаење, капацитети, стандарди и алатки. Сепак, тој останува оптимист: „Со обуки, родово сензитивни наставни програми и отворен дијалог, можеме да изградиме системи кои не само што ги препознаваат разликите, туку и активно работат да ги надминат.“
„Родовата еднаквост не е дополнителна задача“
Пекиншката декларација и Платформата за акција нè потсетуваат дека мора да ги ставиме адолесцентките и младите во срцето на нашите заложби, бидејќи тоа е најдобриот начин да гарантираме успех, и денес и утре. Спасовски го живее овој принцип преку својата работа во родово сензитивното образование. За него, еднаквоста не е дополнителна задача, туку предуслов за правично и квалитетно образование. „Ако сакаме вистинска инклузија, мора да се погрижиме секое дете да има еднакви можности, без стереотипи, без бариери,“ вели тој.
Гледајќи кон иднината, неговата визија е јасна: родовите перспективи повеќе да не се гледаат како дополнување, туку како природен дел од секоја образовна и институционална политика. „Сакам да видам училишта без стереотипи, каде и девојчињата и момчињата имаат еднакви шанси да растат и да придонесуваат.“
Исто толку јасна е и неговата порака за улогата на мажите. „Мораме да бидеме сојузници, поддржувачи и примери за тоа како се гради праведно општество. Мојата лична и професионална одговорност е да отворам врати, да изградам доверба и да помогнам да создадеме институции каде секој – без оглед на родот – ќе се чувствува прифатен, ценет и поддржан.“