Северна Македонија ја поставува сцената за климатска акција во земјата
30 октомври 2019
- Земјата го објавува првиот повик на Зелениот климатски фонд за проектни идеи.
Скопје - Националниот совет за одржлив развој на Северна Македонија се сретна денеска во Скопје за да повика на поголема климатска акција преку стратешки ангажман со Зелениот климатски фонд (ЗКФ/GCF). Средбата ја организираа ФАО и Кабинетот на заменикот-претседател на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, во својство на Назначен национален орган (ННО) за ЗКФ. Присуствуваа над 100 претставници од надлежни институции, владини агенции, претставници на локалната самоуправа, граѓанското општество, приватниот сектор, академските институции и меѓународната заедница.
ЗКФ е нов партнер за финансирање на инвестициите на Северна Македонија во климатски-отпорен развој со ниски емисии. Во рамките на првиот проект на земјата од програмата на ЗКФ за подготвеност и подготвителна поддршка, чии резултати беа презентирани денеска, ФАО ја поддржува Владата да воспостави национален механизам, институционална рамка и процедури потребни за ефективен пристап и распределба на средствата од Фондот.
На денешниот настан „Унапредување на климатската акција во Северна Македонија“, членовите на Националниот совет, заедно со министри и претставници на академската и деловната заедница, се собраа да ги потврдат клучните резултати од проектот - предложениот Национален координативен механизам за носење одлуки околу прашања на ЗКФ, критериуми за приоритетни предлог-проекти развиени во Северна Македонија за средства од ЗКФ, и т.н. постапка „без приговор“, со која се обезбедува усогласеност на предлозите за финансирање од ЗКФ со националните приоритети, стратегии и планови во земјата.
Една од главните улоги на ННО е да ги поврзе напорите на ниво на земјата со можностите за пристап до финансиски средства преку Фондот, и да обезбеди активностите да бидат во согласност со националните приоритети за климатска акција и да ги исполнуваат критериумите за инвестиции од ЗКФ.
Владата го означи почетокот на развојот на програмата за работа на ЗКФ во земјата со отворен повик за проектни идеи. Сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и академските институции, националните/локалните органи, јавните и приватните компании, граѓанските организации, како и другите правни лица, се поканети да достават проектни идеи со кои се предлагаат мерки за адаптација или ублажување на климатските промени во барем еден приоритетен сектор, т.е. енергетика, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биолошка разновидност, здравство, шумарство и културно наследство.
Проектните идеи може да се достават преку онлајн-апликација, каде се објаснети чекорите и критериумите за изработка на проектна идеја за ЗКФ, како и други упатства за барателот. Веб-сајтот ќе служи како клучен комуникациски инструмент за размена на знаења и информации околу активностите на ЗКФ во Северна Македонија.
„Како акредитиран субјект на ЗКФ со разновидно знаење и искуство од целиот свет, ФАО со задоволство ја поддржува Северна Македонија при заедничка имплементација на овој проект за подготвеност, прв од ваков вид во земјата“, рече Тања Сантинавез, раководител на ФАО за реализација на регионалната иницијатива за одржливо управување со природните ресурси. „Со ова ќе се постават темелите за иницијативи во насока на адаптација на земјата кон отпорност на климатските промени преку идни проекти финансирани од Зелениот климатски фонд.“
Таа додаде дека „пристапот до финансиски средства од ЗКФ ќе им овозможи на институциите, општините, граѓанскиот сектор, академската заедница и приватниот сектор во Северна Македонија, да се вклучат во активности на адаптација и ублажување, проширување на проектите, поттикнување на иновативниот потенцијал, намалување на ранливоста и искористување на неискористените можности за зелен развој на земјата.“
ЛИНКОВИ
Веб-страница на Северна Македонија и на Зелениот климатски фонд
Првиот проект за подготвеност на Зелениот климатски фонд започнува во Скопје
Северна Македонија и ФАО работат на олеснување на инвестициите во фондот за зелени климатски услови
http://www.fao.org/europe/news/detail-news/en/c/1201575/
Зелениот климатски фонд на еден поглед
Северна Македонија и билтени за проектите на Зелениот климатски фонд
http://www.fao.org/publications/card/en/c/CA6148EN
http://www.fao.org/publications/card/en/c/CA5788EN
http://www.fao.org/publications/card/en/c/CA5707EN
http://www.fao.org/publications/card/en/c/CA4893EN