МОТ: Да се премостат јазовите во социјалната заштита во земјите во развој за да се спречат идните кризи
15 мај 2020
- Со зајакнати и сеопфатни системи за социјална заштита ќе се намали влијанието на кризите како што е КОВИД-19.
ЖЕНЕВА (МОТ) – Според новата анализа на Меѓународната организација на трудот (МОТ), кризата од КОВИД-19 изнесе на виделина шокантни јазови во опфатот на социјалната заштита во земјите во развој и заздравувањето ќе биде одржливо и идните кризи ќе бидат спречени единствено ако тие земји може да ги трансформираат своите ад хок мерки за одговор на кризата во сеопфатни системи за социјална заштита.
Двата информативни документи што беа објавени од МОТ предупредуваат дека тековните јазови во социјалната заштита би можеле да ги доведат во прашање плановите за заздравување, да изложат милиони луѓе на сиромаштија и да влијаат врз глобалната подготвеност за справување со слични кризи во иднина.
Информативните документи детално ја разгледуваат улогата на мерките за социјална заштита во справувањето со пандемијата на КОВИД-19 во земјите во развој, вклучувајќи го обезбедувањето на надоместоци во случај на болест за време на кризата.
Информативниот документ за Мерки за социјална заштита во одговор на пандемијата на КОВИД-19 во земјите во развој ја опишува социјалната заштита како „неопходен механизам за обезбедување поддршка за лицата за време на кризата“. Документот ги разгледува мерките што беа воведени од определени земји, вклучувајќи го отстранувањето на финансиските препреки за квалитетната здравствена заштита, зголемувањето на сигурноста на приходите, опфаќањето на работниците во неформалната економија, заштитата на приходите и работните места и подобрувањето на обезбедувањето на социјалната заштита, вработувањето и другите интервенции.
„Иако вирусот не разликува богати и сиромашни, неговите последици се многу нерамномерни“, се наведува во документот, додавајќи дека можноста за пристап до квалитетна здравствена заштита по достапни цени стана „прашање на живот или смрт“.
Документот, исто така, ги предупредува креаторите на политиките да го избегнуваат фокусирањето единствено на КОВИД-19 бидејќи тоа би можело да ја намали достапноста на здравствените системи за реагирање на „други состојбишто одземаат човечки животи секојдневно“. Документот го наведува примерот како, за време на епидемијата на Ебола, фокусирањето на овој вирус ја влошило стапката на смртност од маларија, туберкулоза и ХИВ/СИДА.
Според податоците во документот, 55 проценти од светското население – односно четири милијарди луѓе – не се опфатени со социјално осигурување или социјална помош. Во светски рамки, само 20 проценти од невработените луѓе се опфатени со надоместоци во случај на невработеност, а во определени региони овој опфат е многу помал.
Другиот информативен документ „Социјалната заштита во фокусот на вниманието“ го разгледува прашањето за Надоместоци во случај на болест за време на боледување и карантин: Национални мерки и прашања од политиките во контекст на КОВИД-19.
Информативниот документ предупредува дека здравствената криза од КОВИД-19 истакнала два основни негативни ефекти на јазовите во опфатот со надоместокот во случај на болест. Како прво, таквите јазови во заштитата може да ги принудат луѓето да одат на работа кога се болни или би требало да бидат во самоизолација, на тој начин зголемувајќи го ризикот за заразување други луѓе. Како второ, поврзаната загуба на приходите го зголемува ризикот од сиромаштија за работниците и нивните семејства, што може да има долготрајни последици.
Документот повикува на преземање итни, краткорочни мерки за премостување на јазот во опфатот и соодветноста на надоместокот во случај на болест, нагласувајќи дека ова би довело до трикратни придобивки: поддршка за јавното здравје, спречување на сиромаштијата и унапредување на човековите права на здравствена и социјална сигурност.
Предложените мерки вклучуваат проширување на опфатот на надоместокот во случај на болест за сите, со особено внимание на вклучувањето на жените и мажите со нестандардно или неформално вработување, самовработените лица, мигрантите и ранливите групи. Останатите препораки вклучуваат зголемување на нивото на надоместокот за да се осигури дека тој обезбедува сигурност на приходите, забрзување на обезбедувањето на надоместокот и проширување на опфатот на надоместоците за вклучување на мерките за превенција, дијагноза и третман, како и времето поминато во карантин или за грижа за болни издржувани лица.
„Кризата од КОВИД-19 е повик за будење. Таа покажа дека недостигот на социјална заштита не ги погодува само сиромашните, туку ја разоткрива и ранливоста на оние што имале релативно добри примања, бидејќи болничките трошоци и губењето на приходите може лесно да уништат децении семејна работа и заштеди“, изјави Шахра Разави, Директор на Одделението за социјална заштита во МОТ.
„Примерите од целиот свет повторно јасно покажуваат дека земјите со робусни и сеопфатни системи за социјална заштита се во многу подобра положба да одговорат на и заздрават од некоја криза. Креаторите на политиките треба да го искористат стимулот создаден од сè поголемата јавна свест за важноста на социјалната заштита и итната потреба за вложување во социјалната заштита од страна на општеството, со цел да се осигури подготвеност за идните кризи.“