Изјава на г-а Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија
23 јуни 2020
Системите за јавно здравство се прекумерно оптоварени во последниве месеци и тоа е тест за нашата способност да се справуваме со тешки ситуации.
Независно дали ги мериме во однос на изгубените животи, личното или јавното здравје или штетата која е нанесена на глобалната и локалната економија – влијанијата од ковид-19 се опустошувачки и не тераат да размислиме за начинот на кој живееме. Системите за јавно здравство се прекумерно оптоварени во последниве неколку месеци и тоа е тест за нашата поединечна и колективна способност да се справуваме со тешки ситуации. Олеснувањето на мерките кои беа воведени ширум Европа и во Северна Македонија, вклучително и отворањето на границите, се прифатени и нудат доза на оддишка, но, истовремено наметнуваат огромна одговорност да ги примениме корисните лекции кои ги научивме последниве неколку месеци – и поединечно и колективно.
Најпрво, неопходно е и понатаму да бидеме претпазливи и да прифатиме дека и во претстојните месеци постои голема закана од ковид-19 по нашите животи и општества. Олеснувањето на некои мерки не значи дека не треба да се штитиме, туку дека мораме да ги приспособиме начините на кои живееме и работиме – со претпазливост, одлучност и одговорност, и покажување солидарност кон другите. Имаме апсолутна обврска да продолжиме да ги следиме насоките, кои овозможуваат да се минимизираат ризиците по нашите заедници и проактивно да се одговори на кризата, за да не се стави дополнителен товар на веќе и така оптоварениот јавно-здравствен систем. Зголемениот број случаи на инфицирани лица во Северна Македонија и во многу други земји е огромно предупредување. Одговорното постапување како колектив започнува со нашето поединечно постапување преку одржување на препорачаното физичко растојание, носење заштитни маски и често миење или дезинфицирање на рацете.
Второ, јакнењето на здравствениот сектор е еден од најголемите приоритети во Северна Македонија. Земјата мора да ги насочи своите заложби и одлучно да инвестира во здравствената заштита за да се зголеми подготвеноста и капацитетот за давање одговор бидејќи од тоа зависи животот на луѓето. Но, инвестирањето во здравствениот систем е нешто кое не важи само за сегашната пандемија. Тоа е еден од начините да се подобри квалитетот на живот во земјата и да се обезбеди стратегија за одговор на слични шокови во иднина. Создавањето робустен систем за управување со информациите и остварувањата и со кој се врши проценка на ранливостите и ризиците, зголеменото финансирање на здравството и јакнењето на примарната здравствена заштита, се само некои од клучните среднорочни приоритети на патот кон посилен здравствен систем и универзално здравствено покритие во Северна Македонија.
Трето, справувањето со опсежните влијанија од ковид-19 претставува можност да се фокусираме на создавање на подобро, наместо на избрзано враќање кон нормалното какво што го знаевме. Кризата послужи и како огромно предупредување за системските јазови и ранливости, како и нееднаквоста која опстојува во нашите општества – помеѓу половите и оние кои се економски или социјално маргинализирани. Со ширењето на вирусот видовме неприфатливо зголемена стапка на семејно насилство и злоупотреба, детско запоставување и зголемена дискриминација во општеството, и на локален и на глобален план. Едно стана јасно – и тоа повторно – дека способноста за справување и ублажување е во голема мера определена и влошена од постоечката нееднаквост и дека оние кои се оставени да заостанат зад другите се честопати оние кои се најтешко погодени.
За да може целосно да се разбере сложеноста и сериозноста на влијанијата од ковид-19 ќе бидат потребни години и години за истражувања и анализи. Разбирањето и справувањето со влијанијата не се сведува само на броење на оние кои се инфицирани или ги изгубиле животите. Да сочувствуваме, покажеме емпатија и да не ги заборавиме оние кои се најзасегнати, и нивните семејства и пријатели, е тоа што не прави луѓе.
Но, нашата должност оди и понатаму и почнува со тоа што ќе прифатиме дека подоброто утре зависи од нас како ќе го дефинираме, изградиме и одржиме, давајќи еднакви шанси, и користејќи го капацитетот и придонесот на секој поединец и на сите наши заедници, во Северна Македонија и ширум светот. Животот мора да продолжи, да ни носи радост и надеж, но, работејќи во насока на закрепнување, мора да останеме претпазливи, одговорни и ефективно насочени кон јакнење на приоритетите за отпорност на нашите заедници. Сите достигнувања на Северна Македонија од независноста досега, ме уверуваат дека оваа прекрасна земја и топли луѓе имаат сила да ја надминат секоја криза. Како и секогаш, семејството на ОН е тука до вас да помогне и да ги слави вашите успеси.
Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива
Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива
ФАО
Организација за храна и земјоделство
МОТ
Меѓународна организација на трудот
ИОМ
Меѓународна организација за миграции
UN Women
Тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените - UN Women