Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) и Северна Македонија ја договорија соработката за засилена гранична контрола во Југоисточна Европа
27 јануари 2021
- Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски потпишаа Писмо за спогодба за формирање национална аеродромска меѓуагенциска група на Меѓународниот аеродром во Скопје со кое ја договорија соработката за засилена гранична контрола во Југоисточна Европа преку заедничка акција ЕУ-УНОДЦ, финансирана од страна на Европската унија.
26 јануари 2020 година, Скопје, Северна Македонија / онлајн: Според извештаи на ООН, ЕУ и некои регионални организации, земјите од Западен Балкан продолжуваат да се соочуваат со сериозни закани предизвикани од криминални мрежи кои се вклучени во трговија со контролирани супстанции, огнено оружје и луѓе, криумчарење мигранти, недозволени финансиски текови, корупција, тероризам и слично. Делумно, ова е поврзано со локацијата на регионот бидејќи претставува најкраток коридор во светот што ги поврзува земјите кои тргуваат со хероин, но исто така е и истакната рута помеѓу земјите каде има војна и нестабилност и европските држави што можат да понудат меѓународна заштита. Овие закани се меѓусебно поврзани бидејќи многу од злосторствата се извршуваат од страна на специфични групи на организиран криминал, кои со текот на времето ги менувале своите начини на работење и се потпираат на копнени, воздушни и поморски патишта за да ги вршат своите криминални активности.
Наспроти ова, во јануари 2020 година Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал УНОДЦ започна заедничка акција ЕУ-УНОДЦ за промовирање на владеењето на правото и доброто владеење преку насочени мерки за контрола на границите на пристаништата и аеродромите, финансирани од Европската унија и насочени кон решавање на сите форми на трговија со луѓе, и поддршка на националните и регионални капацитети за справување со оваа закана. Иницијативата поддржува поефикасни и координирани одговори на недозволена трговија на пристаништа, копнени гранични премини и меѓународни аеродроми во Западен Балкан, односно во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово според Резолуцијата на ООН 1244.
Акцијата се спроведува преку соработка на Регионалната програма на УНОДЦ за Југостиочна Европа со Програмата за контрола на контејнери (CCP) на УНОДЦ и Светската царинска организација, и Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) на УНОДЦ, Светската царинска организација и Интерпол. И покрај пандемијата од Ковид-19, УНОДЦ продолжи со испорака на своите активности и консултации со властите во соодветните земји и јурисдикции за воспоставување на потребните законски рамки за спроведување на акцијата.
Во Северна Македонија, Владата претставена од Министерството за внатрешни работи и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал УНОДЦ формално се согласија да продолжат со соработка во областа на засилена гранична контрола во рамките на иницијативата ЕУ-УНОДЦ со потпишување Писмо за спогодба, што предвидува дека потписниците се согласуваат за имплементација на Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) и Програмата за контрола на контејнери (CCP), и особено за формирање на национална аеродромска меѓу-агенциска група составена од единица за контрола на воздушни карго-пратки и заедничка аеродромска единица за пресретнување на Меѓународниот аеродром Скопје.
Писмото за спогодба е потпишано од министерот за внатрешни работи на Северна Македонија г-дин Оливер Спасовски и г-дин Џон Брандолино, Директор на Одделот за договорни прашања на Канцеларијатa на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена, во присуство на г-дин Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси и г-дин Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност на Република Северна Македонија.
За време на настанот потписниците ја истакнаа важноста на таквата посветеност во борбата против прекуграничното движење на недозволена стока и организираниот криминал. Министерот за внатрешни работи изрази благодарност до УНОДЦ за поддршка на владините агенции преку градење на нивните капацитети, и изјави дека Писмото за спогодба „ја зајакнува архитектурата на борбата против организираниот криминал“ во земјата, додека пак директорот на Одделот за договорни прашања на УНОДЦ ја потврди подготвеноста на УНОДЦ за поддршка на Северна Македонија во решавањето на прекуграничните незаконски активности.
Потпишувањето на Писмото за спогодба дополнително ја поддржува имплементацијата на Конвенциите на ООН за дрога и криминал и легислативата на ЕУ, особено поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на организиран криминал, владеење на правото, добро управување и безбедност. Оваа иницијатива ја подобрува ефективноста и развива синергија помеѓу одговорните страни за спроведување на законот на национално, регионално и меѓународно ниво, и гради мостови помеѓу различни тематски области како и помеѓу Западен Балкан и други региони, подобрувајќи ја безбедносната состојба на Западен Балкан и Европа како целина.