Македонските поп ѕвезди лансираа песна што ќе ги обедини нашите гласови за ставање крај на насилството, на централниот настан во рамки на кампањата 16 Дена активизам против родово-базирано насилство што се одржа во Филхармонија на Република Северна Македонија.
Семејството на Обединетите нации, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје традиционално ги здружуваат силите за 16 Дена активизам против родово-базирано насилство, кампања за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња.
„Не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ!“ е годинешното мото со кое Северна Македонија се приклучува на глобалната кампања „Обој го светот во портокалово за крај на насилството врз жени и девојчиња, сега!“. Од 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жени и девојчиња па се’ до 10 декември – Меѓународниот ден на човекови права, се одржуваат голем број настани низ целата земја како презентации, тренинзи, филмски фестивал и панел дискусии.
Во Филхармонија денеска македонските поп ѕвезди Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Светлана Јовановска, Џон Илија Апелгрин, Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи) и Бранко Николов (Фолтин) заедно со публиката ја отпеаа песната „Очи црни“ во аранжман на Џијан Емин и препев на Диме Поповски и Васиа Поповска, која ги кани сите мажи и жени да излезат да бараат, да кажат јасно, да кажат гласно – не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ!
„За жал, кога станува збор за родово базираното насилство и фемицидoт, Северна Македонија не е исклучок од негативните светски трендови“, – рече сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска. „Повеќето случаи на фемицид се случуваат токму на местото, кое треба да биде најбезбедно засолниште за жените, а повеќето од сторителите се сегашен, или поранешен партнер на жртвата.“
„Анкетата (на ОБСЕ) од 2019 година, покажа дека секоја втора жена во Северна Македонија има искусено психолошко насилство од страна на својот партнер. Секоја трета била предмет на сексуално вознемирување, а 14% имаат искусено физичко или сексуално насилство – од партнерите или од други лица.“ – рече Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
„Премногу долго, молчењето и стигматизацијата овозможуваат насилството врз жените и девојчињата да продолжи“ - рече амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Не можеме да бидеме рамнодушни по ваквите кривични дела. Мора на жртвите да им ја пружиме потребната поддршка за да се чувствуваат безбедни да пријават такви дела и да закрепнат од нивните трауматски искуства.“
„Насилството врз жените и девојчињата не е неизбежно. Може да се сопре. Очигледно е дека е остварен напредок, глобално и локално. Тоа не може да се порекне. Но, едноставно, тоа не е доволно. Нема да биде доволно сѐ додека секоја жена и девојче не се чувствуваат целосно безбедни и добредојдени во својот дом, училиште, работно место, онлајн или секаде.“ – рече постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак.