Скопје, 17 октомври, 2022
„Младите се клучен дел од демографските движења и градењето на демографската отпорност. Тие ќе бидат клучен дел и во новата национална демографска стратегија, која ќе се развива со поддршка на УНФПА. Инвестицијата направена во секој млад човек, значи инвестиција која ќе влијае на неколку генерации во исто време, а ќе значи и дефинирање на иднината на светот “.
Ова денеска во Скопје го изјави Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, вршителка на должност шефица на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, на Конференцијата со која се означува почетокот на изработката на Националната стратегија за млади чиј носител е Агенцијата за млади и спорт, со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА, Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„ Денес, во светот живеат повеќе од 1,8 милијарди млади на возраст 10-24 години, што всушност претставува речиси една четвртина од светското население. Многу значајна категорија на населението, не само поради бројката, туку и поради фактот што иднината на светот лежи во младите”, додаде таа.
Процесот на креирање на Стратегијата ќе биде проследен со широка консултација со младите лица преку социјалните медиуми и разни дигитални алатки под мотото „вклучи се“. Се очекува Националната стратегија за млади да биде финализирана до декември 2022 година.