Демографијата и демографска отпорност како и важноста на справувањето со демографските предизвици беа некои од темите на неодамнешната посета на Скопје на Мајкл Херман, регионален советник на УНФПА за економија и демографија, на средби со претставници на националните институции.
Во рамки на посетата беа реализирани неколку средби со клучните партнери за поддршка на демографските процеси во државата, вклучително и на Владата на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, Државниот завод за статистика, со претставници на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, со претставници на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија и други.
Целта на мисијата е поддршката што ја дава УНФПА во партнерство со националните институции околу проценката на тековните и планирањето на идните активности поврзани со демографската отпорност.
На средбата со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се истакна значењето на подготовката на новата страгегија за демографија на Република Северна Македонија, која треба да биде базирана на реални демографски податоци како податоци за миграцијата, стареење на населението и наталитетот.
„Во подготовката на стратегијата од големо значење ќе бидат информациите од страна на сите министерства. Затоа што се работи за национална стратегија и сите области се важни. Анализата од пописот на населението и Анализата на кои работи консултант ангажиран од Канцеларијата на УНФПА за да спроведе ревизија на имплементацијата на националната Стратегија за демографски политики 2015-2024 година., во која е вклучено и Одделението за анализа, планирање и развој на демографски политики на министерството, ќе бидат значаен инпут за подготовка на стратегијата. Таа треба да биде усогласена со Националната развојна стратегија и Стратегијата за развој на човечкиот капитал,“ истакна министерката Тренчевска.