Не смееме да ја земаме водата здраво за готово: мора да работиме заедно за управување со овој ограничен, скапоцен ресурс
Од Кју Донгју, Генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО)
Светскиот ден на храната оваа година го слави еден од најскапоцените ресурси на планетата: водата. Таа е од суштинско значење за животот на Земјата. Го покрива поголемиот дел од површината на нашата планета, сочинува над 50 проценти од нашите тела, ни помага да се храниме, овозможува егзистенција и е од основно значење за постигнување на Агендата за одржлив развој 2030 година и Целите за одржлив развој (SDGs). Како треба да му пристапиме на сложениот предизвик за заштита на нашите водни ресурси од загадување и влијанија од климатската криза, истовремено обезбедувајќи еднаков пристап до вода за сите?
Со оглед на тоа што околу 70 проценти од слатките води се користат за земјоделски цели, од клучна важност е да ги смениме начините на производство на нашата храна. Недејствувањето во овој поглед носи сериозни последици.
Свежата вода не е бесконечна и треба да престанеме да ја земаме здраво за готово.
Земете во предвид дека во текот на последните две децении, секој од нас потрошил приближно една петтина од свежата вода што ни е достапна. За некои луѓе, реалноста е многу полоша. Во некои региони, всушност, оваа бројка се движи поблиску до една третина.
Освен ако не дејствуваме итно, на пат сме да ја зголемиме потрошувачката на вода за повеќе од една третина до 2050 година на глобално ниво, со оглед на зголемената стапка на раст на популацијата на нашата планета. Тоа значи, колективно, ризикуваме да стигнеме до точка од која нема враќање.
Брзиот раст на населението, урбанизацијата, индустријализацијата, економскиот развој и климатската криза - оставаат големи последици врз нашите водни ресурси. Во комбинација со загадувањето на водата, прекумерното исцрпување и некоординирано управување, ова е комплексен микс од испрепрлетени предизвици.
Зголемениот број на екстремни временски појави, сушата и поплавите ги оптоваруваат нашите екосистеми и носат застрашувачки последици за глобалната обезбеденост со храната. Малите земјоделци, сиромашните, жените, младите, домородните народи, мигрантите и бегалците се најранливи.
Како да се пристапи на овие сложени предизвици
Во обидот да се најде решение за овие комбинирани предизвици, најважно е да се обезбеди доволно вода за земјоделството, истовремено усогласувајќи ги и потребите за вода и на другите економски активности, особено во услови на забрзана урбанизација.
Доброто управување е од клучно значење за одржлива и правична распределба на водата, преку интегриран и инклузивен пристап со сите партнери. Управувањето со водата и правото на користење, цените на водата, регулативите и мерките за стимулација се потребни за да се поттикнат промените и да се обезбеди правичен пристап до чисти и безбедни водни ресурси.
Потребно е интегрирано управување со водните ресурси преку координиран развој и управување со водата, земјиштето и сродните ресурси за да ја максимизираме човековата благосостојба, без да ја загрозиме одржливоста на виталните екосистеми. За ова ни требаат и национални и регионални проекти.
Инвестициите во иновативни, ефикасни практики за управување со водите се од витално значење, вклучително и во модерни технологии за наводнување и складирање, како и решенија засновани на научни истражувања за справување со недостигот на вода и поплавите. На тој начин градиме општество кое штеди вода, вклучително и преку поефикасно управување со врската вода-храна-енергија.
Акција на терен
Можеме и работиме на тоа да ги оствариме овие цели.
На пример, во Сахел, ФАО им обезбедува можност за механизација на земјоделците за да ја подобрат нивната водна инфраструктура, олеснувајќи им го на руралните жени и нивните домаќинства пристап до вода.
На глобално ниво, наводнуваното земјиште произведува 40 проценти од храната од 20 проценти од обработливото земјиште - но сепак останува неискористен потенцијал.
За да помогне во реализацијата на овој потенцијал, ФАО развива методологија за мапирање на глобалните потреби и потенцијали за наводнување, со очекување наскоро да почне да се користи во земјите кои имаат ваква потреба.
Соодветните финансиски механизми се клучни за реализација на капитални инвестиции во инфраструктура.
Решенијата засновани на отпорност се клучни. Давањето приоритет на зелената и сината инфраструктура за пoттикнување на земјоделството и рибарството, соодветно, може да го подобри квалитетот на водата, да ја одржи биолошката разновидност и да обезбеди други придобивки за земјоделско-прехранбените системи и руралните области.
Во Шри Ланка и Замбија, на пример, ФАО пилотира мултифункционални полиња со ориз каде покрај производство на ориз се одгледуваат риба и ракчиња.
Таквата инфраструктура со додадена вредност генерира придобивки преку надополнување на подземните води, контролирање на поплавите и обезбедување на екосистемски услуги.
Сите чинители треба да бидат согласни
Можеме и мораме да направиме повеќе, заедно, со сите различни чинители кои даваат свој различен, но меѓусебно поврзан придонес.
Владите треба да креираат политики засновани на наука и докази, базирани на податоци и иновации, и да се координираат меѓусекторски за подобро планирање и управување со водите. Водата, енергијата и храната се нераскинливо поврзани. За политиките да бидат успешни, важно е тие успешно да управуваат со често спротивставените интереси, без притоа да го загрозат здравјето на нашите екосистеми.
Нашите земјоделци треба да бидат главни во управување со водите, но и опремени со вистинските алатки за одржливо да ја извршуваат таа функција. Земјоделците, луѓето зависни од шумите, сточарите, рибарите веќе управуваат со водата на дневна основа. Потребна им е поддршка и охрабрување да преземат лидерство во изнаоѓањето и имплементацијата на решенија за водите.
Од бизнисите се потребни конкретни заложби за поефикасно искористување на водата и намалување на загадувањето долж синџирот на водоснабдување. Ова е од корист се само на природата и општеството, туку и на самите бизниси. Ефикасно управување со водата позитивно влијае врз нивниот углед и профит, а помага да се избегнат ризиците што недостигот на вода, поплавите и загадувањето би можеле да ги предизвикаат на деловното работење во иднина.
Дозволете ми повторно да нагласам дека сите ние треба да престанеме да ја земаме водата здраво за готово. Донесувањето информирани одлуки за производите што ги купуваме, трошењето помалку вода и спречувањето на катастрофите од поплави и загадување се лесни начини за сите да придонесат кон просперитетна иднина на луѓето и планетата. Тиe се главни начини за постигнување на се е она што ние во ФАО го нарекуваме Четирите подобрa (Four Betters): подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот - за да се осигураме дека никој нема да биде изоставен.