Стоп за експлоатацијата на деца и млади од страна на тутунската индустрија
31 мај 2020
- Овогодинешната кампања на СЗО по повод „Светскиот ден без тутун“ се фокусира на заштита на децата и младите од експлоатација од страна на тутунската и сродните индустрии.
Светската здравствена организација денес, промовира нов инструмент за учениците на возраст од 13 до 17 години со цел да ги предупреди за тактиките што ги користи тутунската индустрија за да ги „навлече“ на производи што создаваат зависност. Секоја година, тутунската индустрија инвестира повеќе од 9 милијарди американски долари за рекламирање на нивните производи. Младите луѓе сè повеќе стануваат мета на оваа индустрија и нејзините никотински и тутунски производи. На овој начин тутунската индустрија прави обид да ги замени осумте милиони луѓе кои нивните производи ги убиваат секоја година со нови купувачи на истите тие производи.
Овогодинешната кампања на СЗО по повод „Светскиот ден без тутун“ се фокусира на заштита на децата и младите од експлоатација од страна на тутунската и сродните индустрии. Инструментот на СЗО се состои од активности во училница меѓу кои е и активноста во која учениците треба да замислат дека се другата страна, односно тие да ја играат улогата на тутунската индустрија за да станат свесни за тоа како таа се обидува да ги изманипулира за да конзумираат производи кои носат смрт. Меѓу активностите во рамките на инструментот се и едукативно видео, квиз за разбивање митови и домашни задачи.
Инструментот ги обелоденува тактиките што ги користи тутунската индустрија, како на пример: забави и концерти спонзорирани од тутунската и сродни индустрии; вкусови за електронски цигари што ги привлекуваат младите од типот на мастика за џвакање или бонбона; трговски претставници на електронски цигари кои вршат презентации по училишта; платени реклами за нивните производи во популарни емисии за младите.
Дури и за време на глобална пандемија, тутунската и никотинската индустрија не престануваат да рекламираат производи кои ја намалуваат способноста на луѓето да се борат против Коронавирусот и да се опорават од болеста. Индустријата понуди бесплатни брендирани маски и испорака до дома за време на карантинот, а згора на тоа и лобираше нивните производи да бидат наведени како „есенцијални“.
“Глобалната кампања ќе ги разоткрие митовите и тактиките што ги користат овие индустрии и ќе им овозможи на младите луѓе знаење што е потребно за лесно откривање на манипулациите во индустријата и нивно опремување со алатки за отфрлање на ваквите тактики. Ова е особено важно сега, бидејќи студиите покажуваат дека пушачите имаат поголем ризик за тежок случај на коронавирус. СЗО ги повикува сите млади да се вклучат во борбата за да станат генерација без тутун.”- изјави д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Република Северна Македонија.
Пушењето ги задушува белите дробови и другите органи, одземајќи им го кислородот кој им е потребен за да се развиваат и да функционираат како што треба. „Едукацијата на младите е најважна затоа што речиси 9 од 10 пушачи почнуваат да пушат пред да наполнат 18 години. Сакаме да им обезбедиме на младите знаење за да го кренат гласот против манипулациите од страна на тутунската индустрија” - изјави Ридигер Крех – директор за промоција на здравјето во СЗО.
Над 40 милиони млади на возраст од 13 до 15 години веќе користат тутун. За да допре до што повеќе млади, СЗО објави и еден танцов предизвик на социјалната мрежа TikTok и го поздрави партнерството во ова поле со социјалните мрежи како Pinterest, Tinder, YouTube и TikTok со цел да се зајакне испраќањето на пораките.
СЗО ги повикува сите сектори да помогнат да се стави крај на маркетиншките тактики на тутунската и сродните индустрии кои ги „демнат“ децата и младите:
- Училиштата треба да одбиваат каква било форма на спонзорства од никотински и тутунски компании и да забранат нивни претставници да им зборуваат на учениците;
- Познатите и влијателни личности треба да ги одбиваат сите понуди за спонзорство од никотински и тутунски компании;
- Телевизиите и продукциските куќи треба да престанат да прикажуваат употреба на тутун или електронски цигари на екранот;
- Социјалните мрежи треба да забранат рекламирање на тутунот и сродни производи, како и нивно рекламирање од страна на влијателни личности;
- Владата и финансискиот сектор не треба да вложуваат средства во тутунската и сродните индустрии.
- Владите треба да ги забранат сите форми на рекламирање и промоција на тутунот и спонзорствата од тутунските и сродни компании.
Како е во Република Северна Македонија
Државите можат да ги заштитат децата од експлоатација од страна на тутунската и сродните индустрии така што ќе донесат строги закони за контрола на тутунот, вклучувајќи и регулација на производите како што се електронските цигари на кои веќе почна да се „навлекува“ нова генерација млади луѓе.
На 19 мај 2020 година СЗО го промовираше Извештајот за Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст „ Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус„ кој ги прикажува резултатите од истражувањето спроведено во 2017/2018 година.
Република Северна Македонија е една од 45-те земји на Европа и Канада учеснички во студијата, а македонските адолесценти на 11,13 и 15 годишна возраст се дел од преку 220 000 адолесценти опфатени со истражувањето. Во студијата, покрај многуте аспекти од однесувањето на адолесцентите кон сопственото здравје, се обработени и употребата на цигарите во текот на животот и во последните 30 дена, како и поврзаноста со имотната состојба на родителите, споредбено во 2014 година и 2018 година.
Податоците за Република Северна Македонија покажаа дека преваленцата на употреба на цигари во текот на животот сеуште е висока кај адолесцентите на 15-годишна возраст (22% девојчиња и 31% момчиња во 2018г., 23%девојчиња и 27% момчиња во 2014г) пришто евидентен е наглиот пораст на бројот на адолесценти пушачи на цигари на 15-годишна возраст во споредба со адолесцентите на 13-годишна возраст (6% девојчиња и 8% момчиња во 2018г., 4% девојчиња и 8% момчиња во 2014г.)
Преваленцата на сегашни пушачи на цигари, односно адолесценти кои се изјасниле дека пушеле цигари во последните 30 дена, во 2018г. кај 15-годишните адолесценти изнесува 12% за девојчињата и 19% за момчињата со сигнификантна разлика за p<0.05, за разлика од 2014 година кога преваленцата изнесувала 16% како за девојчињата, така и за момчињата.
Момчињата во поголем процент се изјасниле дека пушат цигари за разлика од девојчињата, но за жал разликата со возраста се намалува, со тоа што се зголемува процентот на девојчиња кои пушат цигари. Социјалните нееднаквости во имотната состојба на родителите не се евидентирани како фактор кој влијае на преваленцата на пушење цигари кај адолесцентите од двата пола.
Влијанието на тутунската индустрија врз адолесцентите е истражувано и во нашата држава.
Истражувањето за употреба на тутун од страна на деца на возраст од 13 и 15 години спроведено во 2002/3, 2008 и 2016 година (Global Youth Tobacco Survey) во Република Северна Македонија покажа дека иако има тренд на намалување, сеуште во 2016г. децата во околу 40% виделе рекламирање на тутунски производи на продажни места, 17,5% имаат предмет (пенкало, маица и сл. ) кој има лого на цигари, 72% од децата виделе на ТВ , видео или филмови лица кои употребуваат тутун. Исто така, на 6,6% од адолесцентите им била понудена цигара од претставник на тутунската индустрија.
Глобалната светска кампања по повод Светскиот ден без тутун – 31 Мај 2020 година ќе послужи за:
- Разоткривање на митови и изложување на тактики за манипулација користени од тутунската и сродните индустрии, особено маркетинг тактиките насочени кон младите;
- Оспособување на младите луѓе со знаење во врска со намерите и тактиките на тутунската и сродните индустрии;
- Овозможување на влијателните личности да ги заштитат и бранат младите и да ги насочат промените со нивно ангажирање во борбата против “Големиот Тутун”.
Корисни сајтови:
Збирка алатки на СЗО за училиштата: https://www.who.int/docs/default-source/campaigns-and-initiatives/world-no-tobacco-day-2020/wntd-workshop-toolkit.pdf?sfvrsn=9ea1b842_4
Филмовите со пушачки сцени да бидат означени како „филмови за возрасни“: https://www.who.int/bulletin/volumes/94/2/16-020216/en/
Тактики на тутунската индустрија за време на КОВИД-19: https://tobaccotactics.org/wiki/covid-19/
За повеќе информации, Ве молиме контактирајте со:
СЗО Канцеларија во Република Северна Македонија: eurowhomkd@who.int