Подобрување на оризопроизводството во Северна Македонија преку консолидација на земјиштето
Човечка приказна за консолидација на земјиштето
Оризот е стратешка култура во македонското земјоделско производство со потенцијал за извоз и дополнителни приходи за околу 3.500 земјоделски семејства во Кочанската котлина, најголемиот регион за оризопроизводство во земјата.
Меѓу селата овде е Спанчево, кое се карактеризира со плодна почва, изобилство на вода, поволни природни услови за земјоделско производство – но и расцепкано земјоделско земјиште.
Трајче Тодосиев (31), млад земјоделец, поседува четири хектари земјоделско земјиште и обработува дополнителни два, кои ги зема под закуп од други сопственици. Неговото стопанство од шест хектари е расцепкано на 20 мали парцели, расфрлани на различни локации низ полето кои, како што вели Трајче, не се продуктивни, што го поскапува земјоделското производство и доведува до неефикасно користење на земјоделската механизација и природните ресурси.
Покрај локалните услови за земјоделско производство, оризопроизводителите во Кочанско, генерално, се под силно влијание и од ценовните притисоци на странските пазари, диктирани од далеку поконкурентни производители. Затоа, продуктивноста и ефикасноста на производството се од клучно значење за зајакнување на конкурентноста на малите фарми и нивниот пристап до пазарите.
„Структурата на земјиштето мора да се подобри за да ги исполниме современите производствени стандарди и да можеме да се натпреваруваме на европскиот пазар“, вели Зоранчо Симијонов (53), кој, слично како и Трајче, одгледува околу пет хектари земјиште во Спанчево кое е расцепкано на 30 парцели, повеќето оддалечени една од друга.
Затоа, Трајче и Зоранчо ја искористија можноста да учествуваат во активностите за консолидација на земјиштето во село Спанчево, кои имаат за цел да им помогнат на 620 сопственици на земјоделско земјиште да стекнат придобивки од подобрување на неповолната земјишна структура.
Изгледи за подобро производство
Спанчево е едно од деветте подрачја во Северна Македонија каде што активно се спроведува консолидација на земјоделско земјиштето со поддршка од проектот МАИНЛАНД на Европската унија и ФАО.
Овде со проектот се опфатени 276 хектари земјоделско земјиште, расцепкано на повеќе од 1.800 парцели со просечна големина од само 0,2 хектари. Условите се дополнително отежнати како последица на недоволната и застарена земјоделска инфраструктура (патишта до нивите, канали за одводнување и наводнување).
Со планот за распределба на земјиштето во Спанчево, кој моментално се подготвува, се очекува секој сопственик на земјиште да има окрупнети парцели, со правилна форма, што во комбинација со подобрената земјоделска инфраструктура, се очекува да ги подобри условите за земјоделско производство и можностите за негова модернизација.
„Се надевам дека сите мои земјишни парцели ќе бидат консолидирани на само две или три локации“, додава Зоранчо.
Како млад земјоделец, Трајче се надева дека подобрите услови за работа и заработувачка овозможени со консолидацијата на земјиштето, исто така, ќе ги мотивираат помладите генерации да останат во селото и да ја оживеат руралната заедница преку понатамошен развој на оризопроизводството.
„Многу е важно што, покрај подобрувањето на структурата на нашето земјиште, проектот МАИНЛАНД ни помага да ги решиме долготрајните проблеми со недоволната и застарена земјоделска инфраструктура преку инвестиции во нови пристапни патишта и рехабилитација на постојните канали за одводнување“, објаснува Трајче.
И покрај тоа што МАИНЛАНД сигурно нема да влијае на промена на цената на оризот, која бележи пад во последните неколку години, проектот, како што вели Зоранчо, може да помогне да се намалат трошоците за земјоделското производство.
„Подобрениот пристап до земјоделските површини или јавните патишта значи помалку трошоци и време за транспорт“, посочува Зоранчо. „Со рехабилитација на системот за одводнување во Спанчево, значително ќе се зголеми квалитетот и плодноста на земјиштето, кои се инаку често погодени од поплави поради оштетените одводни канали’’.
Преку одржливо управување со земјоделското земјиште и водните ресурси, и со поддршка од Европската Унија и ФАО, малите земјоделски стопанства во Спанчево не само што ќе можат да ја подобрат сигурноста на храната, како и нивната отпорност на тековната КОВИД-19 криза и идни кризи, туку и да ја пренесеат традицијата на оризопроизводство на помладите генерации.
Веб-страница: Проект Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиште (МАИНЛАНД)