УНИЦЕФ ја претстави апликацијата Bebbo за поддршка на родителите и старателите на деца од 0 до 6 години
Новата бесплатна мобилна апликација им дава стручни совети на родителите за широк спектар теми поврзани со здравјето и благосостојбата на нивните деца
Скопје, 6 јули 2022: Денес, УНИЦЕФ заедно со Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика ја претстави првата мобилна апликација “Bebbo“ наменета за родители и сите што се грижат за деца на возраст од 0 до 6 години. На настанот учесниците исто така отворија дискусија за тоа како да се зајакнат услугите за поддршка на родителите и стратателите за да можат да им обезбедат на децата најдобар почеток во животот.
“Една од најтешките професии во светот е да се биде родител. Сите родители имаат потреба од поддршка, некои повеќе од другите,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Сега, повеќе од било кога, неопходно е да инвестираме во програми и политики, за родителите да можат да посветат повеќе време на своите деца, да добијат поголема поддршка за да станат умешни во родителството, во донесувањето вистински одлуки и во грижата за сопственото ментално здравје и благосостојба – и на тој начин, да станат најдобрите можни родители на своите деца.“
Програмите за родители – кои опфаќаат едукативни програми, служби за домашна посета, телефонски линии за помош, услуги на ниво на заедницата и дигитални алатки – им ја даваат на родителите неопходната поддршка со практични совети и насоки за позитивно родителство и поттикнувачка грижа, како и поддршка на нивното ментално здравје и благосостојба. Bebbo е дополнителна алатка што ги води родителите и старателите низ сложениот пат на родителството.
Оваа апликација ја изработи Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Средна Азија за да обезбеди стручни совети за широк спектар теми поврзани со здравјето и развојот на децата, од исхраната и доењето до раното учење и вредноста на играта, проактивното родителство, заштитата на децата и нивната безбедност. Исто така, вклучува конкретни упатства за родителите и старателите за тоа како да се грижат за сопствената благосостојба.
За време на настанот, увидувајќи ја потребата од поширока директна поддршка на родителите, експертите поттикнаа дискусија за зајакнување на системската поддршка на родителите на мали деца.
Патронажните сестри, семејните лекари, воспитувачките од градинките, социјалните работници и други експерти се придружија кон дискусијата со фокус на подобрување на меѓусекторската соработка и јакнење на капацитетите и вештините на професионалците за да дадат поддршка на позитивно и проактивно родителство. Средбата претставуваше и можност за оние што работат директно со родители, да се запознаат со Bebbo како дополнителен ресурс во нивната работа.
Препораките од дискусиите ќе придонесат во подготовките на националната Стратегија за родителство и во зајакнувањето на постоечките програми и услуги за родители.
“Oд особено значење се денешните дискусии преку кои очекуваме дека ќе добиеме значаен придонес од стручниот кадар за изработката на националната Стратегија за родителство, чии цели ќе бидат насочени кон развој на услуги за поддршка на родителството, идентификување на ресурси и иницијативи за подобрување на вештините за позитивно родителство, подобрување на условите и капацитетите на стручните лица за позитивно родителство, промовирање на заеднички техники за грижа и ненасилна дисциплина, притоа ставајќи крај на негативните родителски практики, поддршка на менталното здравје и благосостојба на родителите и старателите,” рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
“Свесни сме за важноста на првите години од животот и поддршката што им треба на родителите за да донесат правилни одлуки за здравјето на своето дете. Здравството и здравствените системи не можат и не смеат да функционираат во изолација од другите сегменти на општеството затоа што тие се во постојана взаемна интеракција. Bebbo е еден таков пример на меѓусекторска, сеопфатна поддршка на родителите,“ рече Беким Сали, министер за здравство.
“Родителот е првиот наставник на детето. Образованието го гледам како кружен циклус во кој се вклучени наставниците, родителите и учениците кои исто така ќе станат идни родители.Затоа и во образовниот процес е неопходно вклучување на родителите во изработката на програмата на училиштето и во училишните совети,“ рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Во Северна Македонија, УНИЦЕФ, во соработка со Институтот за јавно здравје, заедно со стручњаци од различни области на раниот развој на децата, го прилагоди материјалот од апликацијата на потребите на корисниците во земјата на македонски и на албански јазик.
Апликацијата беше подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија како дел од пошироката соработка на УНИЦЕФ и Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување во рамките на двегодишната иницијатива за зајакнување на националните системи за здравство, образование, ран детски развој и детска заштита, за да се обезбеди континуитет во обезбедувањето на клучните услуги за ранливите деца и нивните семејства во рамки на непосредната и подолгорочната реакција за закрепнување од КОВИД-19 во земјите на Западниот Балкан и Турција.
Повеќе податоци за “Bebbo”:
Како вистински сопатник на родителите во првите години од животот на нивните деца, Bebbo нуди можност да се следат клучните развојни одредници на децата – како на пример, на која возраст детето почнува да игра одредена игра или да учи одредени зборови – и да се следи растот на детето, вакцинирањето и здравствените прегледи. Апликацијата содржи:
Статии подготвени од експерти кои опфаќаат многу теми како што се доењето, раното учење и развој.
Нуди игри – многу идеи за тоа како се воспостави интеракција со детето преку игри кои го стимулираат раното учење и развој. Родителите можат да одберат игри за поттик на физичкиот развој, социо-емоционалните вештини, јазикот, комуникацијата и развојот на мозокот.
Следење на развојот - им помага на родителите да го следат напредокот во развојот на детето и постигнувањето на развојни одредници кои се препорачани за негова возраст. Помага и родителите да го мотивираат развојот преку игра.
Вакцинација – следење на препорачаните вакцини според Календарот за имунизација за родителите да можат лесно да следат до каде се со вакцинирањето на детето.
Здравствени прегледи – овој дел од апликацијата помага да се запише информација за посетите на лекар на нивното дете, како и да внесат потсетници за лекарски прегледи.
Раст на детето – оваа алатка овозможува родителот да ги следи висината и тежината на детето според возраста.
Bebbo може да се симне од Google play и App Store на македонски и на албански јазик.