Квалитетните патронажни служби се од суштинско значење за превентивната здравствена заштита
Со новата функционална проценка се разгледуваат аспектите на организирањето и човечкиот капитал на поливалентната патронажна дејност во Здравствен Дом Скопје
Скопје, 23 јуни 2022 г.: Според главните наоди од функционалната проценка на структурата и организационите предизвици на поливалентната патронажна дејност во Скопје, со подобрена ефикасност патронажните сестри ќе можат соодветно да одговорат на потребите на семејствата и децата.
Со извештајот се подвлекува потребата од јасни професионални стандарди, протоколи и описи на работното место, можности за професионален развој, дигитализација на сите служби, подобрување на соработката со други институции и стручна подготовка за да им се помогне на семејствата со деца и со други совети кои не се поврзани само со одржување добро здравје и со прегледи поврзани со растењето.
Здравствените работници од институциите за примарна здравствена заштита и претставниците од Министерството за здравство, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Фондот за здравствено осигурување денес ги разгледаа наодите од извештајот за да ги валидираат и за да предложат следни чекори за подобрување на патронажната служба. Со оглед на тоа што анализата се базира на функциите на институцијата, препораките може да се применат и кај патронажните служби во други делови од земјата.
„Придобивките од соодветната грижа во првата фаза од животот се трајни и претставуваат главна детерминанта за благосостојбата во животниот циклус на детето. Затоа од суштинска важност е патронажните сестри да бидат добро организирани, обучени и да бидат мотивирани, затоа што само така ќе можат да им помогнат на семејствата со совети, не само за здравјето, растењето и физичкиот развој, туку и за тоа како да стекнат вештини за позитивно родителство и да воспостават сигурна приврзаност со децата,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
„Министерството за здравство ги поздравува наодите од функционалната анализа на патронажната служба со препораки за зајакнување на нејзината улога и воспоставување систем за поддршка со цел да се одговори на претстојните предизвици во годините што следат,“ рече Нермина Факовиќ, раководителка на секоторот за превентивна здравствена заштита во Мнистерството за здравство.
Во моментот, просечната возраст на вработените во поливалентната патронажна служба е 50-60 години, што значи дека во следните 5 до 7 години голем дел од вработените ќе ги исполнат условите за пензионирање и бројот на патронажни сестри значително ќе се намали. Во извештајот е нагласено дека без зголемени напори за привлекување млад кадар, ќе се доведе под знак прашање одржливоста на патронажната служба.
Понатаму, медицинските сестри кои завршуваат средно медицинско немаат теоретско и практично познавање од патронажната работа, бидејќи патронажата не е дел од наставните предмети и можностите за континуирана медицинска едукација. За да им се помогне на медицинските сестри да се стекнат со знаење и искуство, со функционалната анализа се препорачува воведување на менторска поддршка во спроведувањето на работните задачи.
Патронажната служба треба да нуди повеќе од проверка на здравствената состојба и развојот на децата. Со извештајот се подвлекува дека е потребно подобрување на соработката со другите институции. Преку меѓусекторски врски на услугите од примарната здравствена заштита и секторите за детска заштита и образование, полесно се идентификува и се постапува во случај на доцнење во развојот, попреченост, насилство и занемарување.
Поконкретно, ако постои соработка со Центрите за социјална работа, во контекст на споделување информации и податоци, може да се придонесе кон спречување на насилство и занемарување и дисфункционално родителство, а преку соработка со стручните лица кои работат на рано откривање и рана интервенција во случај на доцнење во развојот може да се придонесе кон обезбедување навремена поддршка на семејствата со деца со попреченост.
Во проценката беше документирана и итната потреба да се дигитализираат процесите на собирање податоци и да се поврзат со „Мој термин“ во сите патронажни служби во земјата. Иако системот за евиденција и известување е дигитализиран и иако дигиталните модули се вклучени во системот за е-здравје, само 60% од патронажните сестри во земјата ги користат, затоа што на многу места недостасуваат компјутери.
Дигитализацијата е многу важна, затоа што придонесува податоците за бремените жени и новороденчињата да се внесат веднаш штом ќе се соберат, им помага на здравствените работници да добијат пристап до здравствените картони на пациентите и до податоците за општиот социјален статус на семејството пред посетата во домот. На тој начин исто така се овозможува внесување дигитални извештаи за посетите во семејствата и споделување други вкрстени податоци со другите институции.
Се очекува наодите да влијаат на пошироката правна рамка со која се уредува работата на патронажната служба и да помогнат да се отпочне со решавање на предизвиците, како што се недостатокот на прописи и алатки за стандардизирање на праксата на патронажната сестра.
Истражувањето го поддржаа УНИЦЕФ и Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување и беше спроведено во партнерство со Центарот за управување со промени и Здравствениот дом Скопје.
Активноста е дел од пошироката поддршка што ја обезбедуваат УНИЦЕФ и Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување во рамките на двегодишната иницијатива за зајакнување на националните системи за здравство, образование, ран детски развој и детска заштита, за да се обезбеди континуитет во обезбедувањето на клучните услуги за ранливите деца и нивните семејства во рамки на непосредната и подолгорочната реакција за закрепнување од КОВИД-19 во земјите на Западниот Балкан и Турција.