СЗО ги проценува бариерите за примарното здравство во Северна Македонија
5 Јули 2022
СЗО и Министерството за здравство на Северна Македонија собраа голем број засегнати страни, вклучувајќи локални и национални власти, меѓународни агенции и граѓански организации, за да се започне студија за проценка на бариерите и факторите кои влијаат на пристапот до примарното здравство во земјата.
Во контекст на глобалните напори за обезбедување универзално осигурување во здравствените системи, обезбедувањето подеднаков пристап до квалитетните здравствени услуги и понатаму претставува предизвик. Иако пристапот до примарното здравство претставува основно човеково право и е клучен за успешноста на здравствените системи, голем број луѓе се соочуваат со економски, географски или други бариери за пристап до низа достапни услуги.
„Ова ќе биде првото сеопфатно истражување кое е спроведено за да се утврдат тесните грла и олеснителните фактори за пристап до примарните здравствени услуги во земјата“, истакна д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО за Северна Македонија и в.д. шеф на канцеларијата на СЗО во земјата. „Клучно е да се разберат бариерите со кои се соочува руралното население и различните родови во Северна Македонија за да може да се обезбедат решенија засновани на докази за прогресивно проширување на пристапот до здравствените услуги и за да се придонесе кон јакнењето на здравствената рамноправност и родовата еднаквост во земјата“.
Јакнење на пристапот до примарното здравство за сите
Во Северна Македонија и во глобални рамки, екстремната сиромаштија е повисока во руралните области. Луѓето кои живеат во руралните области може да бидат повеќе изложени на лошо здравје поради поголемата несигурност во однос на приходот, лошите животни услови, послабиот социјален и човечки капитал, невработеноста и лошите работни услови, како и нерамноправниот пристап до квалитетни здравствени услуги во рамките на сите подрачја на здравствената нега.
Кога се зема предвид образованието, соодносот на жените и мажите кои живеат со долготрајна болест е поголем кај оние со пониско образование отколку кај лицата со повисоко образование. Најзагрозени се жените со ниско ниво на образование.
Г-ѓа Татјана Бузети, службеник одговорен за политики во Европската канцеларија на СЗО за инвестиции за здравје и развој во Венеција, Италија, објасни, „Идентификувањето на бариерите и потребите на населението кое се соочува со различни видови на ранливост поради социоекономска неповолна положба, дискриминација, род, место на живеење (рурално-урбана поделеност), и пристап до здравствените услуги ќе помогне во подоброто дизајнирање на здравствените услуги со кои никој нема да биде заборавен. Резултатите ќе може да се искористат и од страна на други сектори за да се разрешат основните детерминанти на здравството и заеднички да се бараат инвестиции во рамките на Националната стратегија за развој за да се затворат празнините во здравството и развојот“.
Ова истражување ќе овозможи поголема употреба на докази во политичките одлуки и во тековниот процес на реформа на примарното здравство во земјата.
Иницијативата претставува добар пример за заедничката соработка на трите нивоа на СЗО заради обезбедување поддршка за земјата. Активностите ги предводи Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија со техничка поддршка од СЗО/Европа и е со координација од Европската канцеларија на СЗО за инвестиции за здравство и развој заедно со тимот за родова еднаквост и права во седиштето на СЗО.
СЗО ќе продолжи со своите напори да овозможи здравството за сите да стане реалност така што ќе овозможи пристап за сите до висококвалитетни здравствени услуги.