ПУКАЊЕТО НА ПРОСЛАВИ Е ТРАДИЦИЈА КОЈА ТРЕБА ДА ОСТАНЕ ВО МИНАТОТО
Заедничко интервју: Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи и Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП
Пукањето на прослави е честа појава во балканските земји, па ни Северна Македонија не е исклучок. Какви мерки презема Министерството за внатрешни работи за да се спречат инциденти и да го намали бројот на пукања на веселби?
Спасовски: Неспорно е дека овие појави ги вознемируваат граѓаните и кај нив предизвикуваат чувство на страв и на загрозеност, па следствено на тоа ние сме должни да им се спротивставиме, користејќи ги сите законски механизми кои нѝ се на располагање, вклучително и превентивното делување. Знаете, репресивниот одговор – како своевидна последна мерка не мора да значи или да гарантира дека одредена појава сигурно ќе биде елиминирана. Затоа и велам дека казната е последната мерка.
Впрочем, праксата јасно покажува дека поголемиот дел од социо-девијантните појави имаат посложена генеза и причинители, чие детектирање, демистифицирање и спречување зависи од голем број институционални и општествени фактори, а не само од тоа колку и како постапува полицијата. Тоа по правило секогаш доаѓа на крајот, откако појавата веќе се случила. Така е и со употребата на оружјето на прослави и веселби. Притоа, сакам да потенцирам дека полицијата постапува по секоја поднесена пријава, без исклучок. За илустрација, во периодот октомври 2021 – октомври 2022 година полицијата евидентираше 14 случаи на злоупотреба на оружје при веселби и прослави. Секако, речиси сите тие се кривично-правно финиширани, што резултираше со седум кривични дела „предизвикување на општа опасност“, едно кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“, како и шест прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Меѓутоа, целосно свесни дека станува збор за појава која има причинска повеќеслојност, односно влече корени од многу други социјални, културолошки, образовно-воспитни, традиционалистички и други фактори, ние како Министерство за внатрешни работи одиме чекор понатаму, па кон оваа појава, како и кон сите други социо-патолошки феномени од типот на злоупотреби на дроги, алкохол, насилство итн. се обидуваме да ја превенираме во зародиш. Преку превентивно-едукативно делување работиме да ја промениме таа матрица на размислувања и сфаќања за користењето и употребата на оружјето или пиротехниката при прослави и веселби. Токму таков е случајот и со последната активност што ја имавме заедно со нашите партнери од УНДП, што се реализира под мото „Секој куршум има мета! Слави со срце не со оружје!“.
Господине Григорјан, УНДП континуирано работи на проекти чија цел е да им дадат поддршка на институциите во борбата против нелегалното оружје, како и за намалување на инцидентите поврзани со злоупотреба на мало и лесно оружје. Задоволни ли сте од резултатите?
Григорјан: Нелегалното оружје е еднa од најчестите причини за вооружени инциденти во државата, но и генерално на територијата на Западен Балкан. Токму тоа беше поттик за канцеларијата на УНДП, во последните неколку години сериозно да се посвети на поддршка на институциите во чија надлежност е борбата против нелегалното оружје. Имаме тим на
експерти кои работат на имплеметација на Патоказот заодржливо решение за нелегално поседување, злоупотреба и недозволена трговија на мало и лесно оружје (МЛО) и муниција во Западен Балкан до 2024 година. Во изминатите три години, имплементиравме два проекта во соработка со Министерството за внатрешни работи. Станува збор за активности со кои ги зајакнавме капацитетите на МВР за водење електронска евиденција и следење на секое парче мало и лесно оружје од влезот во државата, па се до крајниот купувач. Дополнително, работиме на подигнување на јавната свест за последиците од злоупотребите на оружјето. Резултатите се навистина позитивни и видливи, но факт е дека на оваа проблематика треба уште многу да се работи. Токму затоа, во 2023 година продолжуваме со два нови проекти, од кои едниот ќе се фокусира на уште поголема контрола и следење на малото и лесно оружје, а вториот се однесува на анализа на легислативата поврзана со ранливите групи во делот на компјутерскиот криминал. Овие нови иницијативи се уште една потврда дека нашите национални партнери, но и донаторите се задоволни од постигнатите резултати и остварениот напредок.
Министре Спасовски, колку често добивате пријави за пукање на веселби? Дали има промени во јавната свест во последниве години во врска со опасностите што произлегуваат од носење и злоупотреба на малото и лесно оружје?
Спасовски: Согласно нашите аналитички податоци, граѓаните речиси по правило реагираат откако ќе се воочи одредена директна штета или закана од заталкан куршум. Секако, евидентен е фактот, особено во урбаните средини, дека луѓето сѐ повеќе и сѐ погласно ја декларираат својата нетолерантност кон оваа појава, што бездруго е резултат на зголемената јавна свест за спречување на злоупотребата на оружјето и користењето пиротехнички средства на семејните веселби.
Наше е и понатаму да работиме во таа насока, преку креирање и реализација на конкретни активности. Како пример ќе го посочам Патоказот за одржливи решенија за борба против трговијата со мало и лесно оружје за земјите од Западен Балкан, врз основа на кој произлегува и новата Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје заедно со Акциониот план за периодот 2022-2024, што генерално, ќе придонесе за нов исчекор во насока на натамошно подигање на јавната свест во врска со опасностите што произлегуваат од носењето и злоупотребата на малото и лесно оружје. Конечно, законските измени што ги спроведуваме во делот на Законот за оружје, а кои значат натамошно хармонизирање на нашето со европското законодавство, исто така, се во насока на нормативно оптимизирање на контролата на малото и лесно оружје. Сето ова покажува дека сме цврсто одлучни во намерата оваа појава да ја минимизираме колку што е можно повеќе.
Кога се пука во воздух многумина велат дека тие не целат кон специфична мета и притоа сметаат дека нивната активност е безопасна иако тоа не е точно. Можете ли да објасните зошто пукањето во воздух е опасно?
Спасовски: Честопати луѓето тргнуваат од убедувањето дека „тоа мене нема или не може да ми се случи“ или пак дека станува збор за нешто безопасно, што освен бучава не може да предизвика никаква штета. Но, тоа е сосема погрешен став! Најточно е да се каже дека таа лажна сигурност е практично своевиден хазард со нечии здравје и живот. Верувам дека сè уште е свежо јавното паметење за настани со деца осакатени од пиротехнички средства или за случајот со 19-годишната девојка која трагично го загуби животот токму од заталкан куршум на прославата на новогодишната ноќ во Скопје пред нецели две децении. Веројатно испукан од некој кој претходно мислел дека не прави ништо страшно и опасно.
Дополнително, прославите и веселбите, самата атмосфера во која e присутно консумирање алкохол, намалената пресметливост на сторителот и ред други фактори, придонесуваат за постоење висок степен на опасност, односно таквиот начин на прославување има сериозен потенцијал да предизвика трагедија. Или, како што вели народот, ќе испадне од играчка – плачка. И тоа е без дилеми така, бидејќи на оружјето најмалку му е местото таму каде што се прославува.
Дали луѓето се доволно запознаени со законите и казните за носење и употреба на мало и лесно оружје?
Спасовски: Принципот на транспаретност, навремено и исцрпно информирање на граѓаните, е еден од стожерните стандарди на нашето секојдневно работење. Ние како МВР постојано, преку различни форми на комуникација, се трудиме да воспоставиме што поголем степен на јавна достапност на податоци од сите домени на нашето работење. Токму затоа, уверен сум дека поголемиот дел од јавноста има, макар и делумни информации за оваа проблематика. Се разбира, ние како сервис на граѓаните, сме должни и подготвени да вложиме уште повеќе напори да допреме до граѓаните, да апелираме, да информираме, да комуницираме, објаснувајќи ги сите негативни консеквенци од нелегалното користење на малото и лесно оружје и за заканите кои тоа ги носи за нашите блиски, нашите пријатели, нашите сограѓани.
Господине Григорјан, како стои Северна Македонија во однос на справувањето со злоупотребата на МЛО во споредба со другите земји од Западен Балкан?
Григорјан: Според нашите сознанија, има видлив напредок во зголемување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, на сите нивоа на дејствување. Меѓутоа она што е уште позначајно е соработката која е воспоставена меѓу сите земји од Западен Балкан во борбата за остварување на заедничката цел, намалување на криминалот поврзан со употребата на МЛО, како и движењето на оружјето од Западен Балкан кон земјите на Европската Унија. Тука би го споделил податокот на Платформата за следење вооружено насилство на SEESAC дека во 2021 година на територијата на Западен Балкан се случиле 124 инциденти со пукање на веселби. При тоа, 76,8% од оружјето употребено при овие инциденти било нелегално.
Министре Спасовски, колку често оружјето со кое се пука на веселби е нелегално? Што превзема МВР за да го намали присуството на нелегално оружје?
Спасовски: Секако дека има појави каде што се користи нелегално оружје иако нашиот став е цврст во поглед на злоупотребата на оружјето на веселби и прослави, а тоа е - нула толеранција. МВР во рамки на надлежните организациони единици, како дел од законските надлежности и должности, постојано работи на откривање нови случаи на илегална трговија со оружје, муниција, експлозивни материи и слично. Колку за илустрација ќе ви посочам дека во текот на оваа година, заклучно со 31 октомври, во областа за недозволената трговија со оружје откриени се 161 кривично дело, а кривично пријавени се вкупно 167 сторители. Притоа, како резултат на овие расчистени кривични дела, откриени и запленети се 106 парчиња оружје, 4.133 парчиња муниција, 78.400 петарди, 228 огномети, 541 пиротехнички ракети и друго. За споредба, истиот период лани евидентиравме помал број кривични дела - 154, но затоа пак, беа запленети 304 парчиња оружје (од кои 141 се гранати), 39 сандаци со муниција и 8.503 парчиња муниција, 97.993 петарди, 913 огномети, 548 пиротехнички ракети и друго.
Она што треба да се потенцира е фактот дека полицијата продолжува со својата истражно-откривачка активност и во овој сегмент на нелегална трговија со оружје, притоа правејќи дополнителни напори кон овој криминал да се пристапи и од превентивно-едукативен аспект, со креирање и користење кампањи, како што е тековната „Секој куршум има мета! Слави со срце не со оружје!“.
Господине Григорјан, оваа кампања е фокусирана токму на искоренување на славеничкото пукање како еден вид традиција на овие простори. Оваа активност е всушност дел од серијата кампањи спроведувани во изминатите години под слоганот „Слави со срце, не со оружје“. Дали тие дадоа резултат?
Григорјан: Целна група на досега спроведените кампањи беа млади мажи кои се најчести сторители во регистрираните случаи на пукање на веселби, главно водени од мотивот да ја покажат својата мажественост и доминација. Овој пат отидовме чекор подалеку и во кампањата ги вклучивме и учениците, бидејќи сметаме дека за опасностите од залутаните куршуми треба да делуваме уште од рана возраст. Кампањата има и едукативна компонента. На пример, го споделивме податокот дека еден залутан куршум може да помине околу 2,5 километри, дури и повеќе, во зависност од калибарот и аголот под кој е испукан, пред повторно да падне на земјата. Сакавме со одговорите кои ги дава кампањата, да се срушат митовите и стереотипите дека испукан куршум во воздух не е закана. Сметаме дека е значајно кога човек кој поседува оружје ќе слушне од експерт дека еден куршум испукан во воздух може да повреди некого во бизина, но и некогокој е оддалечен и сосема несвесен за опасноста.
Оваа кампањата се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“, кој се реализира со финансиска поддршка на Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а е поддржан и од Европската Унија.
Резултатот кој го гледаме од кампањите е подигнатата свест на граѓаните. Ќе продолжиме со овие кампањи, затоа што сметаме дека во иднина сите граѓани треба да го препознаат и осудат користењето оружје на веселбите, со цел да ги заштитат своите блиски и овие опасни практики да останат засекогаш во минатото.