Постигнувањата на Северна Македонија во консолидацијата на земјиште добиваат признание од Европската унија
Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија 2020 го препознава напредокот на консолидацијата на земјиштето во земјата.
Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија во 2020 година го призна напредокот во процесот на консолидација на земјиште во земјата. Ова достигнување е резултат на заедничките напори на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), Европската унија (ЕУ) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Од март 2017 година, преку тековниот проект „Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште’’ финансиран од ЕУ, ФАО им помага на сопствениците на земјоделско земјиште и руралните заедници во Северна Македонија да се справат со прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малите површини на фармите. Крајната цел е да се зголеми конкурентноста на земјоделските стопанства, да се подобрат условите за живот и да се овозможи одржливо користење на природните ресурси во руралните средини.
Во две подрачја (Егри и Конче), успешно се спроведоа два пилот проекти за консолидација на земјоделско земјиште. Врз основа на ова искуство, ФАО и Европската унија му помагаат на МЗШВ да ја прошири Националната програма за консолидација на земјиштето низ целата земја и да се развие техничката и административната експертиза на МЗШВ и другите клучни јавни и приватни партнери.
Според поглавјето за земјоделство и рурален развој во Извештајот, во однос на барањата за пристапување кон ЕУ, Северна Македонија останува умерено подготвена, со значителен напредок постигнат во структурните реформи за консолидација на земјиште и земјоделските задруги и добар напредок во спроведување на Инструментот за претпристапна помош за Рурален развој и во однос на мрежата за прибирање на сметководствени податоци за земјоделските стопанства.
Во тековната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој, Република Северна Македонија ја истакнува консолидацијата на земјиштето како клучен инструмент за структурни реформи за решавање на прекумерната расцепканост на земјиштето и подобрување на продуктивноста на земјоделското производство.
Проектот МАИНЛАНД се надоврзува на претходните напори на Проектот за техничка соработка на ФАО во Северна Македонија од 2015 до 2017 година, кој направи анализа на националната правна и институционална рамка за консолидација на земјиштето и даде препораки за операционализација на Националната програма за консолидација на земјиштето.
Усвојувањето на изменетиот Закон за консолидација на земјоделско земјиште во мај 2018 година ја означи првата пресвртница во напорите за консолидација на земјиштето во Северна Македонија. Ова создаде правна основа за ефективно и ефикасно спроведување на проектите за консолидација на земјиштето, неопходна за да се обезбеди почитување на легитимните права на сопственост. Првите Планови за распределба на земјиштето, без и со промена на границите, во селата Конче и Егри, беа успешно усвоени кон крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година. Планот за консолидација на земјиштето во Егри вклучува 336 ха земјоделско земјиште во сопственост на 214 сопственици на земјиште и резултираше со скоро четирикратно намалување на бројот на земјишни парцели (од 874 до 260) кои сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. Егри исто така, има корист и од инвестиции во подобрување на земјоделската инфраструктура - пристапни патишта, системи за одводнување и наводнување.
Консолидацијата на земјиште напредува во седум други области во Северна Македонија, кои во моментов се во фаза на планирање на распределба на земјиштето, во што се вклучени најмалку 2.500 сопственици и вкупно околу 3.000 хектари земјоделско земјиште.
„Напредокот во консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, признат од Европската комисија, потврдува дека заедничките напори на ФАО, Европската унија и Владата на Северна Македонија за воведување и проширување на Националната програма за консолидација на земјиштето во целата држава, дадоа видливи резултати“, истакна експертот за земјишни политики на ФАО, Мортен Хартвигсен. „Ова е одличен пример за успешно спроведување на консолидација на земјиште и во меѓународни рамки“.
Извештајот е дел од Пакетот за проширување на Европската комисија за земјите од Западен Балкан во 2020 година, кој, заедно со својот економски и инвестициски план, дава проценка за тоа каде се наоѓа Република Северна Македонија во спроведување на клучните политички и економски реформи на патот за членство во Европската унија.
ЛИНКОВИ:
Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште (МАИНЛАНД)
http://www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/
Европска комисија: Извештај за Северна Македонија 2020
https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/north_macedonia_report_2020.pdf
Првиот План за распределба на земјиште со промена на граници усвоен во Егри, Северна Македонија
www.fao.org/europe/news/detail-news/en/c/1260372/
Flickr албум - Првиот План за распределба на земјиште со промена на граници усвоен во Егри, Северна Македонија
www.flickr.com/photos/128106072@N05/albums/72157713251025067
Дванаесет подрачја избрани за консолидација на земјиште
www.fao.org/europe/news/detail-news/en/c/1106193/
Flickr албум – ЕУ ја поддржува консолидацијата на земјиште во Северна Македонија
https://www.flickr.com/photos/128106072@N05/albums/72157692962213441