Соопштение

Зголемување на климатската отпорност во македонското земјоделство преку квалитетно производство на семе

29 септември 2021

Формирани се демонстративни опитни полиња во Кочани и Скопје за производство, тестирање и мултипликација на квалитетен семенски материјали од неколку стратешки култури, вклучително тетовски грав, три сорти пиперки (сиврија, амфора и везен лут пипер) и житни култури.

Фотографија: © @FAO

29 септември 2021 година, Кочани. Климатските промени имаат сериозно влијание врз македонското земјоделство преку недостаток на вода, намалени приноси, штети врз земјоделското производство, а сето тоа влијае на сигурноста на храната и егзистенцијата на руралното население кое зависи од земјоделството.

Ограничениот пристап и високите цени на земјоделските суровини, како високо квалитетен семенски материјал, но и капацитети за нивно производство, складирање и примена, дополнително влијаат на ефикасноста на земјоделското производство и отпорноста на климатските промени, особено кај малите земјоделци.

За да одговори на зголемената домашна побарувачка на висококвалитетен семенски материјал кој е отпорен на климатските промени, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) ја поддржува Владата на Северна Македонија да го подобри националниот систем за семе преку подобрување на домашното производство на висококвалитетни и климатски толерантни семиња на стратешки култури и јакнење на националните капацитети за да се обезбеди соодветно снабдување со семе за земјоделците.

Во тесна соработка со Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’’ Скопје, формирани се демонстративни опитни полиња во Кочани и Скопје за производство, тестирање и мултипликација на квалитетен семенски материјали од неколку стратешки култури, вклучително тетовски грав, три сорти пиперки (сиврија, амфора и везен лут пипер) и житни култури.

По тој повод, денеска на демонстративните опитни полиња при Земјоделскиот институт – одделението во Кочани, се оддржа настан на кој беа претставени реализираните проектни активности за квалитетно семепроизводство.

На отворањето на настанот, Заменик - министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, ја истакна важноста на овој проект за зајакнување на националните капацитети за квалително семепроизводство во насока на адаптација кон климатските промени во земјоделството и поголема сигурност на храната. Тој посочи дека Министерството е вклучено во подршка на спроведување проценка на националните политики за семепроизводство, дистрибуција и систем за сертификација на семе и саден материјал во државата. Од соодветните анализи на состојбата на националната политика во однос на семе и саден материјал, се очекува со поддршка на ФАО да се изготви стратешки документ за одржлив развој на систем за семе и развивање на препораки за адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени кој ќе биде доставен до Владата.

Според Проф. Д-р Виктор Ѓамовски, Директор на УКИМ Земјоделски институт Скопје, појавата на климатските промени и нивното штетно влијание врз земјоделството ја наметнува потребата од воведување адаптивни мерки и технологии во растителното производство. Затоа, Земјоделскиот институт во соработка со ФАО, во рамките на овој проект, ќе придонесе во развојот на нови истражувачки можности за подобрување на производството на семе, со цел подобра адаптација на земјоделството кон растечките негативни импликации предизвикани од климатските промени.

Силвана Манасиевска Симиќ, консултант за семепроизводство и проектен координатор од ФАО, истакна дека висококвалитетни и климатски-отпорни домашни сорти, добри национални политики за семе и капацитети за одгледување на нови и одржување на локални сорти - е важен чекор во трансформација на системите за храна на одржлив начин, подобрување на сигурноста на храната, адаптацијата кон климатските промени во земјоделството и поголема конкурентност.

Демонстративните опитни полиња во Кочани и Скопје помогнаа во оцена на влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени, со посебно внимание на заштитата и исхраната на овие култури, како важни предуслови за успешно земјоделско производство. Како резултат на овие активности ќе се добие квалитетен семенски материјал, што понатаму ќе биде достапен за дистрибуција на заинтересирани земјоделци.

Дополнително, за време на вегетациската сезона и реализацијата на теренските активности, 45 индивидуални земјоделски стопанства, претставници од здруженија на земјоделци и земјоделски правни субјекти беа обучени како да го прилагодат земјоделското производство на климатските промени и да остварат оптимални приноси преку производство на квалитетен семенски материјал.

Покрај горенаведените активности, ФАО во рамки на овој проект ќе ја поддржи државата во развој на национално портфолио за семе и методологии за тестирање на нови сорти на семиња, техничко обучување на домашни професионалци за сертификација на семе и лабораториско тестирање за контрола на квалитетот, како и воспоставување на регионална мрежа за соработка од областа на системи за семе и отпорност кон климатските промени.

Зголемување на климатската отпорност во македонското земјоделство преку квалитетно производство на семе

Radmila Slavkova

Радмила Славкова

ФАО
Национален специјалист по комуникации

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ФАО
Организација за храна и земјоделство

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива