Жените-земјоделски производителки во Северна Македонија добиваат помош за да ги развијат своите бизниси
Со новата мерка што произлезе како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање, 250 жени-земјоделки добија финансиска поддршка.
Живка Ѓурчиновска е земјоделка и мајка на три деца. Живее со своето семејство во живописното село Тумчевиште, во северозападниот дел на Северна Македонија. Со земјоделство се занимава веќе 20 години - произведува пченка, пченица, грав, компири и друг зеленчук. Пред неколку години, по предлог на децата, Ѓурчиновска и нејзиниот сопруг одлучиле да се обидат да одгледуваат лешници. Тие сега имаат 750 дрвја леска на 8.000 м2 земјиште земено под закуп.
„Леската не дава лешници во првите седум до осум години, затоа треба да се биде трпелив“, вели Ѓурчиновска. „Првата берба лешници ја имавме пред две години.“
На почетокот, собраните лешници ги сортирале рачно, а тоа е тешко и одзема многу време, па Ѓурчиновска одлучила да поднесе пријава за грант од новата владина програма наречена Мерка 115.
Со поддршка на UN Women, Работната група за родова еднаквост, при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, ја изработи мерката во рамки на Националната програма за земјоделство и рурален развој (2018–2022). Мерката им дава можност на жените што се регистрирани како земјоделски производители да поднесат пријави за грантови за одржување и развој на својот бизнис.
Ѓурчиновска добила грант и со средствата купила машина за сортирање и кршење на лушпата на лешниците, што значително ќе и помогне да го пласира својот производ на пазарот.
„Има многу работа во производството на лешници. Сè уште ги собираме рачно, од дрвјата и од земја. Потоа се сортираат според тип, се сушат, се чистат од лушпите и се печат. Сега ќе биде многу полесно - со механизирање на голем дел од процесот, работата ќе се заврши многу побрзо“, вели Ѓурчиновска. „Следен чекор ќе биде да го унапредам работењето со машина за лупење и печење на лешниците. Можам да кажам дека секоја финансиска поддршка е навистина добредојдена, особено за нас жените-земјоделки. Оваа поддршка е мотив за мене да не се откажувам “.
Друга регистрирана жена-земјоделска производителка што има добиено грант од Мерката 115 е Фросина Георгиевска. Овоштарката од Преспа, град во југо-западниот дел на земјата, е и гласна активистка за унапредување на положбата на руралните жени.
Пред и самата да стане регистриран земјоделски производител во 2009 година, Георгиевска соработувала со други земјоделци што и ја мотивирало да основа сопствен бизнис. Зела земја под закуп на свое име и започнала да го проширува бизнисот заедно со сопругот. Сега има 13.500 м2 насади со овошни дрвја, главно јаболка, но и круши, сливи и цреши.
Георгиевска посветува многу време во лобирање за правата на земјоделските работници и претставува голема инспирација за жените. Таа е среќна кога гледа дека бројот регистрирани жени-земјоделски производители во Преспа расте, и вели дека тоа ќе помогне во борбата против родовите стереотипи во земјоделството.
Според кажувањата на Фросина, 90 проценти од жителите на Ресен заработуваат за живот од бизнисот со јаболка. Затоа, инвестициите во модернизирање на преработката на јаболка се од клучна важност за егзистенцијата на заедницата.
„Успеав да купам мелница, преса, резервоари за јаболковина и машина за полнење, што многу ќе ми помогнат за пласирање на мојот производ на пазарот“, вели Георгиевска. „Грантот е важна институционална поддршка, но истовремено е и мотивација да продолжиме да работиме на нешто што го планиравме веќе подолго време.“
“Процесот на родово-одговорно буџетирање му помогна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да препознае дека финансиската поддршка за жените - регистрирани земјоделски производители ќе биде од суштинско значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во овој сектор. Така, министерството ја согледа важноста од проширување на финансиската поддршка и наместо првично планираните 100 гранта го удвои годишниот буџет за мерката и обезбеди поддршка за 250 жени-производителки.
„Ова создава широк опсег на можности за жените во руралните области, за да ги прошират своите бизниси и да воведат нови производи. Во тој контекст, жените од руралните средини имаат позитивно влијание врз домашниот економски раст“, забележува Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Мерката 115, прва од овој вид, настана како резултат на испробаниот и делотворен процес на родово-одговорно буџетирање, кој се стреми да овозможи потребите на жените и девојките да бидат задоволени и да добијат приоритет во јавните политики, програми и трошоци.
Проектот на UN Women „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“ е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската меѓународна агенција за развој – Сида. Двата донатори се силно посветени на забрзување на економското зајакнување на жените што се занимаваат со земјоделство и што живеат во руралните области.
„Клучот за зајакнување на земјоделскиот сектор и создавање одржлив економски развој може да е во обезбедувањето пристап за жените до продуктивни ресурси и можности. Со заедничка работа Владата, граѓанското општество, приватниот сектор и поединците можат да ја поддржат родовата еднаквост во земјоделството и во руралните области“, изјави амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Сибил Сутер.
„Рамноправното распределување на буџетските ресурси со цел најдобро да се задоволат специфичните потреби на жените и на мажите, како и на девојчињата и на момчињата, придонесува да се обезбедат еднакви можности за секого, со што се зајакнуваат демократските процеси во општеството“, вели амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон. „Бидејќи потекнувам од рурална област, свесна сум колку е важен придонесот на малите бизниси во развојот на руралните заедници. Шведска е горда што, заедно со Швајцарија, придонесе за воведување на родово-одговорното буџетирање во Северна Македонија, ползувајќи ги знаењето и експертизата што ги обезбеди UN Women.“
Сторијата е развиена од тимот кој работи на спроведување на проектот за родово-одговорно буџетирање на UN Women во Северна Македонија – Ивона Паунович-Бишевац, Кристина Плечиќ-Беќарова, Иван Вчков и Мирјана Недева, со поддршка од регионалната канцеларија на UN Women за Европа и Централна Азија.
Првично објавено на https://www.unwomen.org/en/news/stories/2021/10/feature-women-agricultural-producers-in-north-macedonia-get-help-to-grow-their-businesses