Искористување на големите податоци за следење на миграциските текови
Заедничката програма „Планирање и дискурс за миграциската политика заснована на докази во Северна Македонија“
Како дел од Заедничката програма „Планирање и дискурс за миграциската политика заснована на докази во Северна Македонија“ (подготвена и водена од ИОМ, УНХЦР и УНФПА и Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН), компонентата на УНФПА се занимава со тековниот пораст во тенденциите за надворешни миграции. Во фокусот е растечкиот број на мигранти од Северна Македонија во странство, што според проценките на крајот на 2019 година изнесува 658.000 луѓе или 32 проценти од вкупното домашно население. Применетиот пристап е иновативен и вклучува поддршка за развојот на миграциската политика преку искористување на потенцијалот на големите податоци, како нов, нетрадиционален и главно неискористен извор за проценка на миграциските бројки и текови во Северна Македонија. Иако националните институции имаат увид во општата статистика поврзана со миграцијата, не постојат интегрирани извори на податоци каде што овие бројки може темелно да се анализираат. Оттука, достапните традиционални извори на податоци за миграцијата, како што се податоците од пописот, истражувања на примерок од населението (како што се ХБС, СИЛЦ, ЛФС и други) и административните извори вклучувајќи ги националните информациски системи за управување (МИС) на ниво на сектор, честопати не се доволни и информациите што тие ги даваат се недоволни.
Тековните активности во рамките на компонентата на УНФПА имаат за цел да се искористи мноштвото постоечки, но сепак фрагментирани и не лесно достапни информации на сите нивоа, за коишто е потребна анализа и триангулација со цел да се пресметаат проценките за миграцијата и да се направат предвидувања за трендовите за миграцијата и населението во Северна Македонија, преку
- потенцијална употреба на големите податоци, како што се гео-просторни податоци, податоци за мобилни телефони, податоци од социјалните мрежи итн., со потенцијал да се обезбедат проценки речиси во реално време во однос на миграциските бројки и текови, и преку
- истражување на потенцијалот на податоците за девизните дознаки, односно, главно приватни финансиски трансфери добиени од лица со привремен или постојан престој во странство, како растечки извор на надворешно финансирање на националната економија со јасна поврзаност со миграцијата и потенцијално вреден извор за добивање статистички податоци за миграцијата.
Проценките на миграцијата првично ќе бидат направени со користење на огледална статистика – преку примена на статистичка рамка заснована на неколку збирни извори на информации, или официјални статистички податоци за миграцијата пријавени и од земјите на потекло и од земјите на дестинација или со комбинација на различни официјални и други извори за земјата. Очекуваниот исход е да се добијат проценки за миграцијата со мерења за грешки. Тоа ќе биде проследено со следната фаза со којашто ќе се прошири опсегот за да се вклучат и нетрадиционалните извори на податоци - големите податоци.
Потенцијалната примена на аналитика за големи податоци за да се направат индиректни проценки на миграцијата и за да се премости јазот помеѓу традиционалните извори на податоци и реалните текови на иселеништво, се истражува преку активности насочени кон собирање на алтернативни извори на податоци. Процесот вклучува методологија од повеќе чекори којашто води до индиректни проценки за миграцијата.
Тековните активности насочени кон истражување за девизните дознаки како најопиплива врска помеѓу миграцијата и развојот вклучуваат (1) пејзаж и компаративна анализа на дознаките од работници мигранти во рамките на нивната сложена социоекономска перспектива, коешто ја дава севкупната перспектива за овие лични трансфери и нивната макроекономска важност за Северна Македонија. Дознаките, коишто се состојат од лични трансфери помеѓу резидентни и нерезидентни домаќинства, вклучително и работнички надоместоци и други трансфери од странство, се стабилен финансиски прилив регистриран преку Системот за известување за меѓународни трансакции (ИТРС) на Народната банка на РСМ. Тие придонесуваат за одржување на макроекономската стабилност на платежниот систем, но и за поддршка на растот на земјата и преку потрошувачка, но и преку инвестиции. Анализата дава преглед на тековниот систем на собирање податоци и опциите за развивање програма за собирање податоци за дознаки преку водење дискусии/ избор на главните пристапи за добивање на податоци за миграцијата. Тековните активности, исто така, вклучуваат (2) подготовка на методологија за преглед на примените дознаки преку неформални канали, подготовка на инструменти за истражување и ангажирање на истражувачка агенција за да се спроведе анкета на домаќинствата кои примаат дознаки во Северна Македонија. Дел од дознаките се официјално регистрирани преку финансиските оператори во Северна Македонија и тие статистички податоци се јавно достапни на веб-страницата на НБРСМ. Меѓутоа, поради појавата да не се користат формални финансиски канали од страна на многу работници мигранти кои преносот на парите го вршат физички, статистиката за вкупниот обем на приливот на дознаки во земјата е значително потценета. Преку тековната работа се очекува да се понудат одредени спроведливи препораки за тоа како да се разреши дихотомијата со официјалните податоци за приватните трансфери коишто редовно ги објавува НБРСМ, и коишто се неколкукратно повисоки од дознаките на работниците кои официјално се пријавени преку финансиските субјекти. Последново претставува значителен финансиски прилив којшто во голема мера го покрива трговскиот дефицит во земјата.
Постојат многу позитивни социо-економски и макроекономски аспекти за важноста на дознаките, и оттука е важно да се направи анализа на природата, големината и развојот на дознаките. Не помалку важна е нивната потенцијално важна улога за поддршка на развојните заложби на земјата.