Караванот за КОВИД-19: Доближување на информациите за вакцинација и на можноста за вакцинирање до локалните заедници во Северна Македонија

Вакцинацијата е од клучно значење за заштита на поединците и заедниците од тешка форма на болеста КОВИД-19.
И покрај тоа, само околу 46,5% од вкупното население во Северна Македонија е вакцинирано против КОВИД-19, а процентот на оние кои примиле и засилувачка доза е само 8,4%, што остава голем број луѓе незаштитени од потенцијално тешките последици од вирусот.
Со цел надминување на оваа ситуација, Министерството за здравство организираше „караван“, односно низа настани во локалните заедници раководени од една потесна група луѓе надополнета со припадници на заедниците, со цел да им се приближат информациите и вакцините за КОВИД-19 на локалните жители кои имаат потреба од нив. Досега, над 200 луѓе се вакцинирани за време на настаните во заедниците организирани како дел од караванот.
„Убедливо најголем дел од лицата кои се хоспитализирани поради КОВИД-19 се или целосно невакцинирани или вакцинирани со само една доза. За овие лица, КОВИД-19 останува животозагрозувачка болест. Преку овој караван сакаме да допреме до што повеќе луѓe кои би ги добиле информациите што им се потребни од оние на кои им веруваат, како и да им ја направиме вакцинацијата против КОВИД-19 лесно достапна во местото каде живеат” – изјави д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО во Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.
Вакцинации и совети на лице место
Со поддршката од СЗО, Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), караванот посети 14 урбани и рурални заедници низ целата земја каде процентот на вакцинирани против КОВИД-19 е понизок од националниот просек. Само во Ново Село, село во источниот дел на државата, 50 лица беа вакцинирани при само еден настан. Во Шуто Оризари, предградие во главниот град Скопје, 35 лица примија вакцина за разлика од бројката од само четири лица вакцинирани за време на двете недели пред настанот.
Покрај вакцинацијата на лице место, екипите на караванот составени од здравствени работници, волонтери на Црвениот крст и студенти по медицина, им даваа на граѓаните прецизни информации за вакцините против КОВИД-19 и за други теми, одговараа на нивни прашања и даваа совети обликувани според перцепциите и грижите искажани од самите граѓани.
„Одиме подготвени, со брошури, со факти за вакцините против КОВИД-19, маски, дезинфициенси и други клучни ресурси. Важно е да продолжиме да се придржуваме до сите превентивни мерки за кои знаеме дека даваат резултати” – изјави еден од здравствените работници кој е дел од патувачкиот караван.

Допираме до луѓето во нивното место на живеење
Локалните граѓански организации (ГО) дејствуваа на терен во заедниците за да ги информираат граѓаните за караванот пред неговото пристигнување. „Навистина е важно да ги задоволиме потребите и приоритетите на заедницата на локално ниво, за што е потребно да се оди од куќа до куќа. Нашите теренски работници ја искористија оваа можност за да ја подигнат свеста на заедницата за важноста на вакцинацијата против КОВИД-19” – изјави Мерсиха Усеин од ГО „Ромалитико“.
„Теренските активности, како оваа, овозможуваат да ги донесеме вакцините и информациите поблиску до локалните заедници. Вакцините спасуваат животи. Тие се безбедни и делотворни и значително го намалуваат ризикот од тешка форма на болест и смрт. Вакцинирајте се за да се заштитите себеси, вашите деца и вашите заедници” – додаде г-ѓа Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Една од главните причини зошто луѓето го посетија караванот и се вакцинираа беше нивната намера да го заштитат сопственото здравје и здравјето на нивните сакани. „Се вакцинирав затоа што имам две деца и не сакам да се разболиме. Имам дете со парализа, и како негова мајка треба да бидам здрава и жива” – изјави жена која се вакцинираше на еден од настаните во рамките на караванот.
Други лица ги посетија настаните затоа што вакцинацијата им беше лесно достапна. „Поминував оттука, го забележав настанот и решив да се вакцинирам со трета доза” – изјави друг посетител.

Зголемување на процентот на вакцинирани против КОВИД-19
Со вакцините против КОВИД-19 безбедно се вакцинираа милијарди луѓе во светот. Сите вакцини поминуваат низ ригорозно тестирање и независни проценки со цел да се осигура нивната безбедност и делотворност. Примањето на сите препорачани дози на која било од вакцините против КОВИД-19 им помага на луѓето да развијат максимална заштита против сите актуелни варијанти на вирусот.
„Вакцините се многу побезбеден начин за развивање имунитет против КОВИД-19 отколку заразувањето со вирусот и истите докажано обезбедуваат посигурна заштита од природниот имунитет. Вакцинацијата е исто така многу важна во контекстот на олеснување на превентивните мерки: колку повеќе луѓе се вакцинирани, толку подобро заштитени ќе бидеме сите ние како заедница” – истакна д-р Беким Сали, министер за здравство.

Активностите за зголемување на процентот на вакцинирани лица преземени изминатава година докажаа дека во различни заедници успеваат различни пристапи, потврдувајќи ја потребата од индивидуализиран пристап прилагоден на потребите на локалните популации, како и потребата од обезбедување лесен пристап до вакцини и до веродостојни информации за КОВИД-19.
Пандемијата е далеку од завршена. Караванот и другите целно насочени интервенции придонесоа за зголемен интерес за заштита од КОВИД-19. За време на првата недела од проектот „караван“, здравствените домови ширум земјата пријавија просечно зголемување од над 11% на бројот на вакцинации на дневно ниво во нивните вакцинални пунктови во споредба со претходната недела.