Здравствените работници - примарен извор на веродостојни информации за имунизација на децата
Добрата интеракција помеѓу здравствените работници и родителите или старателите може да одреди дали детето ќе биде целосно вакцинирано или не.
Скопје, 26 април 2022 година: УНИЦЕФ и Министерството за здравство, во партнерство со Македонското лекарско друштво и Македонското здружение на медицински сестри и акушерки, поддржуваат серија работилници за обука на здравствени работници од првата линија на контакт со пациентите со цел подобрување на нивното знаење, вештини и однос кон родителите и старателите за делотворно комуницирање со нив на темата имунизација во детството.
Глобалните истражувања покажуваат дека квалитетот на интеракција меѓу здравствените работници и родителите и старателите претставува клучен фактор за родителите да ги донесат децата на сите вакцинации согласно со Националниот календар за имунизација. Здравствените работници од првата линија на контакт со пациентите спаѓаат меѓу највлијателните извори на информации во поглед на придржувањето до вакциналниот календар и се суштински важен мост помеѓу заедниците што ги опслужуваат и здравствените услуги што ги обезбедуваат и поддржуваат. Со ваквата нивна улога и положба, практикувањето добра меѓучовечка комуникација претставува клуч кој ќе обезбеди родителите да имаат веродостојни информации, што е клучен фактор за подобрување на опфатот со вакцинации.
Едно неодамнешно истражување на УНИЦЕФ за самоефикасноста, ставовите и перцепциите на здравствените работници за рутинската имунизација на децата во Северна Македонија покажува дека во последните 24 месеци, вакциналните тимови се соочиле со колебливост кај родителите во поглед на вакцинирањето на нивните деца (31%). Истражувањето исто така покажува дека меѓучовечката комуникација на тема имунизација станува сè поголем предизвик. Истовремено, огромното мнозинство родители и старатели на мали деца ги посочуваат здравствените работници како нивен примарен извор на информации за имунизацијата. Обуката е осмислена за да им помогне на здравствените работници не само да продолжат со давање прецизни информации за вакцините туку и да изградат стил на комуникација кој влева доверба кај родителите и старателите, покажува емпатија и разбирање за нивната загриженост.
Покрај тоа што има за цел да ги поддржи здравствените работници како да препознаат различни видови неодлучност околу вакцините и да им даде практични насоки како да даваат персонализирани совети на родителите за тие да можат да носат одлуки засновани на информираност со кои ќе ги заштитат своите деца, обуката е осмислена и на начин што ги зема предвид разликите во знаењето меѓу здравствените работници. Обуката се однесува на 4 главни области:
- дефинирање и примена на клучните принципи на меѓучовечката комуникација во комуникацијата за имунизација со родители/старатели на деца под 5-годишна возраст;
- учење и практикување вештини за слушање и учество во разговори насочени кон зголемување на опфатот со вакцинации;
- зголемување на довербата и способноста на здравствените работници за задоволување на потребите на родителите и старателите и одговор на нивните грижи во врска со безбедноста и делотворноста на вакцините, врз основа на докази; и
- користење комуникација заснована на дијалог за да се зголемат процентите на имунизација.
УНИЦЕФ досега има поддржано 10 работилници на кои учествувале 244 здравствени работници од првата линија на контакт со пациентите. До крајот на годината, се очекува 1000 здравствени професионалци да се стекнат со знаење и вештини за практицирање добра меѓучовечка комуникација на темата рутинска имунизација.
Модулите за обука за меѓучовечка комуникација за имунизација и Прирачникот за учесниците се изготвени од страна на Центарот за програми за комуникација „Џон Хопкинс“ и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.