Млади еко иноватори добија средства за реализација на решенија за заштита на водените ресурси
Пет тима добија по 120.000 денари за да го реализираат своето иновативно решение за подобрување и заштита на водените ресурси во заедниците во кои живеат
Скопје, 18 април 2022 година: На работилницата за креативно размислување, пет тима составени од деца и млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да го реализираат своето иновативно решение за подобрување и заштита на водените ресурси во заедниците во кои живеат и да ги намалат штетните ефекти од климатските промени.
Младите иноватори беа избрани како дел од програмата АПШИФТ, при што десет тима составени од педесет средношколци од Скопје, Струмица, Тетово, Валандово, Прилеп, Велес и Берово учествуваа на тридневна работилница за примена на методологијата на креативно размислување. Под водство на ментори и професори, сите тимови имаа можност да ги развијат своите идеи и да стекнат нови практични вештини.
“Поддршката на младите во правец на реализација на нивните иновативни идеи за заштита на животната средина секогаш била и ќе биде дел од сите политики и стратегии на Министерството за животна средина и просторно планирање. Посебно се радувам што фокусот на оваа програма е водата и нејзиното одржливо користење. Очекувам дека одбраните иновативни решенија заслужуваат да бидат финансирани, бидејќи водата како ресурс е од животно значење и е најранлива категорија што ќе биде погодена од климатските промени,“ рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
“Драго ни е што децата и младите пристапија со елан на овој циклус на АПШИФТ и повторно покажаа дека имаат способност да создаваат иновативни идеи кога ќе им се обезбеди простор да се изразат и да учествуваат. Имаме должност да продолжиме да ги ангажираме во разработка на решенијата. Сите активности за заштита на животната средина и климата мора да ги правиме заедно со децата и за децата затоа што тие го носат најголемот товар од климатските промени, а воедно можат да понудат соодветни, реални и остварливи иновативни решенија,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
“Поттикот за иновација и креативно размислување кај младите е одличен начин да се придвижат позитивни промени поврзани со животната средина и климатските активности. Им честитам на ангажманот на овие млади луѓе и со нетрпение ги очекувам одличните идеи што ќе ги разработат во текот на наредните месеци!“ изјави Н.Е. Кристен Форсгрен Бенгсон, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија.
„ Партнерскиот однос на ФИТР и УНИЦЕФ продолжува да креира суштинска поддршка за младинското социјално претприемништво и реализирање на идеите на младите талентирани луѓе. Ме радува што во изминатите три циклуси од UPSHIFT програмата успеавме да наградиме 32 тима кои ќе работат на иновативни решенија за здрава животна средина, храна, вода и чист воздух. Им честитам на сите кои кои беа вклучени во програмата, заеднички истражуваа и ги споделуваа своите вештини. Фондот, преку различни инструменти, односно Предизвик за млади истражувачи и FabLabs, ќе продолжи да ја поттикнува иновативноста и да создава подобри услови за сите млади во нашата држава“, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Петте најдобри тима кои добија средства за спроведување на своите идеи се:
- СУГС „Браќа Миладиновци“-Скопје ќе работи на намалување на потрошувачката на питка вода за наводнување и одржување на училишниот двор и зоолошката градина преку возобновување на училишниот бунар.
- СОУ „Орде Чопела“-Прилеп и СУГС „Владо Тасевски“-Скопје, ќе работат на собирање и искористување на дождовницата во подземни и надземни контејнери кои ќе ги користат за полевање на сопствените насади во дворовите.
- ССОУ „Коле Неделковски“-Велес, ќе работи на спречување на губитоците на вода во градскиот водовод во Велес преку инсталација на сензори во водоводните цевки кои ќе испраќаат директни информации до ЈКП Дервен преку системот SCADA.
- ОСЕУ „8 Септември“-Тетово, ќе работи на прочистување на водата за пиење во нивното училиште преку поставување на филтри.
- СУГС „Владо Тасевски“-Скопје и СОУ „Орде Чопела“-Прилеп, ќе работат на собирање и искористување на дождовницата во подземни и надземни контејнери кои ќе ги користат за полевање на сопствените насади во дворовите.
Во следните три месеци, тимовите ќе бидат поддржани од ментори при спроведување на нивните идеи.
АПШИФТ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која се комбинираат работилници за социјални иновации, со менторство, материјали и основни финансиски средства. Нејзината цел е да се поттикне иновативно и креативно размислување кај младите, да се разберат предизвиците со кои се соочуваат и да им се помогне да осмислат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Таа се базира на методологијата „дизајн по мерка на човекот“ која е пренослива и им помага на наставниците и учениците да развиваат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа и успешна комуникација.
Програмата е финансирана од Шведска, ја спроведува УНИЦЕФ и здружението ЛЕАД во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерството за труд и социјална политика.