Биомедицинската опрема обезбедена од СЗО и УСАИД им помага на пациентите заболени од КОВИД-19 во Северна Македонија
4 Јули 2022
СЗО и Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) обезбедија монитори за пациенти, маски за кислород и машини за позитивен притисок на дишните патишта (BiPAP) на две нивоа – што им овозможува на здравствените работници да внесат кислород во белите дробови на пациентот – за Министерството за здравство заради поуспешно справување со одговорот на КОВИД-19 од страна на Северна Македонија. Биомедицинската опрема, во вредност од 6.244.000 денари (околу 100.000 евра), ќе им помогне на здравствените работници во центрите за КОВИД-19 да обезбедат подобар третман и нега за пациентите.
Мониторите за пациенти претставуваат основни алатки за третман и нега за пациентите со респираторни болести и на кои им е потребна интензивна нега. Истите обезбедуваат информации за виталните знаци вклучувајќи пулс, притисок, сатурација со кислород и други респираторни параметри кои медицинскиот персонал ги користи за подобро управување со третманот на пациентите со тешки симптоми на КОВИД-19. Маските за кислород и BiPAP машините помагаат да се спасат животи така што обезбедуваат навремена и соодветна терапија со кислород за пациентите заболени со КОВИД-19.
„Сакам да се заблагодарам на СЗО и на УСАИД за овој навистина вреден придонес за нашиот здравствен систем. Со ова ќе се зајакне нашиот одговор на КОВИД-19, а особено грижата за пациентите со тешка форма на КОВИД-19. Би сакал сите да ги потсетам дека пандемијата сѐ уште не е завршена и дека нашиот здравствен систем мора да биде подготвен и опремен за да може да се спасуваат животите на луѓето“, истакна д-р Беким Сали, Министер за здравство на Северна Македонија.
“Пандемијата на КОВИД-19 не е завршена, но оваа пандемија не принуди на глобално ниво да ги препознаеме недостатоците на здравствените системи во однос на одговор на ваква јавноздравствена криза. Медицинската опрема што ја доставуваме денес ќе одговори на некои од тие недостатоци - не само за лекување на пациенти со КОВИД-19, туку и за други на кои им е потребна интензивна нега и следење, особено за респираторни заболувања. Горди сме што продолжуваме со партнерството со СЗО и Министерството за здравство во нашиот заеднички одговор на КОВИД-19, кој исто така има за цел да го зајакне здравствениот систем на Северна Македонија”, рече Џејмс Стајн, в.д. Претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.
Д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО за Северна Македонија и в.д. шеф на канцеларијата во земјата истакна дека „со намалувањето на недостатокот од медицинска опрема во центрите за КОВИД-19, не само што се поддржуваат здравствените работници во клучните моменти, туку и подготвеноста на здравствениот систем за исполнување на идните долгорочни потреби.“
Покрај оваа донација, СЗО и УСАИД во изминатите 2 месеци обезбедија ИТ опрема во вредност од 836.908 денари за надградба на информациско/комуникациската инфраструктура на националниот Оперативен центар за јавно-здравствени вонредни состојби и за 10-те регионални центри. Исто така, беше обезбедена ИТ опрема во вредност од 932.530 денари за Институтот за јавно здравје и десетте регионални центри за јавно здравје за поддршка на одговорот на пандемијата.
Покрај обезбедувањето биомедицинска и ИТ опрема, како и реагенси и набавки за тестирање COVID-19, СЗО придонесува во националните напори преку партнерство со УСАИД за голем број други иницијативи, вклучително и градење на здравствениот систем за подготвеност за итни случаи и капацитети за одговор на земјата за време на пандемијата со КОВИД-19, развој на оперативен центар за итни случаи на јавно здравје и разузнавачка мрежа со 10-те регионални центри за јавно здравје низ целата земја; поддршка на градењето капацитети на здравствената работна сила, со цел што подобра подготвеност и одговор, како и борба против дезинформациите за да се зголеми довербата во процесот на вакцинација против КОВИД-19.