Со здружени сили кон родово одговорно буџетирање
Граѓанските организации се важни партнери, но и надзорници за да се осигури дека владините мерки и буџети се родово одговорни.
Повеќе од 60 претставници/чки од граѓански организации, владини институции, меѓународни експерти и практичари од областа на унапредување на родовата еднаквост и активист(к)и од регионот на Западен Балкан и пошироко се собраа на меѓународната конференција „Улогата на граѓанското општество во родово одговорното буџетирање: учество, застапување и отчетност“. Настанот се одржа во Охрид, Северна Македонија помеѓу 26 и 29 јуни, а домаќини беа UN Women, Gender Budget Watchdog Network и International Budget Partnership.
Конференцијата започна со доделување награди за животно дело за унапредување на правата на жените во Северна Македонија. Потоа, следеа седум панел-дискусии и работилници на повеќе теми, што беше одлична можност да се слушне како граѓанските организации од целиот свет наоѓаат начини да ги мобилизираат и зајакнат жените преку создавање платформи за соработка со владините институции, истражувања и застапување за женски прашања.
Еден од заклучоците беше дека за напредок потребно е владините мерки и буџети да се родово одговорни и ги одразуваат гласовите на жените и оваа потреба останува итна.
Покрај тоа, конференцијата понуди богата агенда на работилници, каде што учесниците/чките имаа можност да се запознаат со методологии за буџетски кредибилитет, зајакнување на маргинализираните заедници и родово следење во време на кризни ситуации. Тоа им даде можност на ГО и женските организации да разменат искуства и позитивни практики и да изградат посилни партнерства за унапредување на родовата еднаквост.
Улогата на граѓанските организации во вклучувањето на родовите аспекти во процесите на носење политики и буџети беше главната тема на панелот модериран од Ермира Љубани од регионалната канцеларија на UN Women за Европа и Централна Азија, чија цел беше да отвори дискусија особено во моменти кога одговорот за отпорност не успева да одговори на различните потреби на жените и мажите, како последица на здравствени, економски и други кризи.
На посебен панел се дискутираше за различните пристапи за зајакнување на учеството на граѓанските организации во процесите на креирање локални и централни политики и буџетирање кој се фокусираше на придобивките што може да ги донесе учеството на ГО во овие процеси.
Иницијативите за родово одговорно буџетирање беа во фокусот на третиот панел во којшто се одржаа четири паралелни работилници на теми како што се менструалната и јавната хигиена, економското зајакнување на жените, подобрени социјални услуги, услуги за жени со попреченост и зголемено учество на жените во спортот.
Покрај тоа, четвртиот, петтиот и шестиот панел имаа многу богати дискусии на теми како што се: ГО како надзорници во процесот на родово одговорно буџетирање, партнерство за реформи во јавните финансии за да се постигне родова еднаквост, и буџетски кредибилитет односно како исполнувањето на буџетските ветувања може да помогне во унапредување на родовата еднаквост. Ивона Паунович Бишевац од UN Women во Северна Македонија, одговорна за РОБ, беше фасилитаторка на панелот и го пренесе искуството на UN Women во поддршката на развојот на методологијата за родов надзор на буџетот и искуството со различни граѓански организации за доближување на жените до заедниците.
Паралелните работилници што беа дел од шестиот панел отворија пат за подлабоки дискусии. Трите работилници се фокусираа на: методологијата за анализа на буџетскиот кредибилитет, зајакнување на маргинализираните заедници и отпорност на буџетскиот одговор, мониторинг од родова перспектива. Сите тие се од витално значење за родово одговорно буџетирање.
Седмиот и последен панел на оваа четиридневна конференција беше посветен на вмрежувањето на ГО. На панелот имаше дискусии за вмрежување на ГО и застапување за родова еднаквост и родово одговорни политики и буџетирање. Беа дискутирани предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации во вмрежувањето, стратегиите за спречување на негативните фактори за вмрежување и лимитирањето на просторот за делување на граѓанското општество.
Оваа високо ефективна и интензивна конференција обезбеди платформа за сите страни да разменат мислења и идеи за начините, можностите и предизвиците да сорабоотуваат кон заедничката цел.