Вклучување на родовите аспекти за реформите поврзани со ЕУ во Северна Македонија
Зошто вклучувањето на родовите аспекти е важно за земји како Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ?
Вклучувањето на родовата перспектива е важен аспект на којшто земјите-кандидатки за Европска Унија треба да работат за време на процесот на пристапување. Родовата еднаквост се бара со договорите на ЕУ и е клучен принцип според Европскиот столб за социјални права. Европската Унија, исто така, се заложи за 85 % од активностите спроведени како дел од надворешната политика до 2025 година да имаат родова перспектива односно да придонесуваат кон родова еднаквост и зајакнување на жените. Интегрирање на родовата перспектива ќе стане експлицитно барање и општа обврска во процесот на пристапување во ЕУ и во сродните реформски процеси.
За да се постигне ова во Северна Македонија, канцеларијата на UN Women во партнерство со Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија (МТСП), а во блиска соработка и со Државниот завод за статистика, го спроведуваат проектот Инструмент за родова еднаквост (ГЕФ). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Шведска.
Проектот работи на централно ниво за да ги зголеми долгорочните капацитети и вештини на клучните владини кадри задолжени за процесите на европска интеграција и родова еднаквост, така што целите за родова еднаквост се повеќе се одразуваат во процесите на планирање и изготвување политики во државата.
Во јуни 2022 година, UN Women организира настан за вмрежување под наслов „Заеднички чекори кон унапредување на инструментот за родова еднаквост – ГЕФ“. Како прв голем собир на клучните чинители на проектот – членови на секторските работни групи, националните структури на ИПА, координаторите за родова еднаквост, Делегацијата на Европската Унија во земјата и Амбасадата на Шведска како донатор, настанот понуди простор за дијалог и интерактивни сесии, фокусирајќи се на тоа како да се постигнат целите на проектот преку градење капацитети, градење бази на знаење и вмрежување.
Дискусијата, меѓу другото, се фокусираше на предизвиците и можностите за вклучување на родовите аспекти во секојдневното работење на јавната администрација и начините за подобрување на сегашната состојба. Поконкретно, некои од заклучоците, предизвиците и можните решенија што ги искажаа учесниците беа:
- постои јасна потреба родовата еднаквост да добие поголемо внимание и да се третира на системски начин;
- тековното градење капацитети за родовата машинерија во земјата е предуслов за одржливо решение во вклучувањето на родовите аспекти;
- треба да се воведе „координатор за еднакви можности“ како посебна позиција во систематизацијата на државните институции. Според моменталната ситуација, ова е само дополнителна задача за дел од постоечкиот кадар, создавајќи ризик од нестандардизиран пристап меѓу институциите и неодржливост на сработеното;
- треба да се понуди релевантна и континуирана обука, како и зголемена поддршка и мотивација за сите вклучени засегнати страни;
- родовата статистика е од клучно значење и сите засегнати страни треба да бидат свесни во текот на нивната работа како да ги собираат, анализираат и користат податоците;
- потребна е практична, наместо само декларативна поддршка, особено од највисокиот политички ешалон каде се носат одлуките.
На настанот беа презентирани и првичните наоди од две студии кои служеа да се проценат потребите за обука, а беа спроведени неодамна во рамките на проектот. Имено, процената на капацитетите за вклучување на родови аспекти во процесите на планирање поврзани со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) ја потврди потребата за националните механизми за родова еднаквост (Одделот за еднакви можности, координатори за еднакви можности) да ги унапредат капацитетите за НПАА и за спроведување на законодавството и политиките на ЕУ за родова еднаквост во согласност со регулативите на ЕУ и меѓународните обврски.
Втората процена се однесуваше на капацитетите за вклучување на родовите аспекти во процесите од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), и истата детектира потреба за поголемо знаењето за родовите политики и вклучувањето на родовите аспекти и голем интерес за обуки за процесите на ИПА меѓу членките на единиците на ИПА и Секторските работни групи.
Според овие наоди, проектот ја планира понатамошната поддршка за Владата на Северна Македонија во транспонирањето на правото на ЕУ за родова еднаквост како дел од агендата за пристапување во ЕУ. Проектот исто така е насочен кон постигнување резултати за родова еднаквост во согласност со Агендата за 2030 година и Целите за одржлив развој, особено ЦОР 5: Да се постигне родова еднаквост и еманципација на жените и девојчињата.