СКОПСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА - ЧЕКОР НАПРЕД КОН ОДРЖЛИВО УПРАВУВАЊЕ СО МИГРАЦИИТЕ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
Заедничка фотографија на министрите и директорот на ИОМ © IOM Western Balkans, 2022
На 15 и 16 ноември во Скопје, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Чешка, под претседателство на Советот на Европската Унија, беа домаќини на Конференцијата „Одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“, која се одржа со поддршка на Меѓународната организација за миграција, ИОМ.
Воведни обраќања имаа министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџиак, и генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино, додека пак првиот потпретседател на Владата и министер за внатрешни работи на Република Чешка, Вит Ракусан, како и европскиот комесар за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји им се обратија на учесниците преку видео порака.
Со потпишување на Скопската декларација за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан, претставниците на земјите на Западен Балкан се обврзаа на зајакнување на соработката за справување со криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе, особено преку зголемување на пристапот до редовните патишта за мигрантите и поттикнување на социјалната вклученост. Тие, исто така, се обврзаа да работат заеднички кон сеопфатно управување со враќањата, и да ги подобрат практиките и процедурите за враќање, реадмисија и реинтеграција засновани врз човекови права и праведни процеси.
„Денес го напуштам регионот со уверување дека преку Скопската декларација успеавме да воспоставиме сеопфатен приод кон управувањето со миграциите во Западен Балкан и да најдеме решенија за справување со миграциите на хуман и уреден начин. ИОМ е посветена да им помогне на партнерите во регионот да ги преточат овие важни заложби во усогласени и конкретни дејства на сеопфатен начин со вклученост на целото општество“, изјави Антонио Виторино, генерален директор на ИОМ.
„Интероперабилните системи се многу значајни за продолжување на нашата работа и воспоставување одржливи и кохерентни системи за управување, вклучително и за идентификација на мигрантите. Практичните врски за поврзување на регионот со системите на ЕУ се исто така неопходни за ефективно управување со миграциите, особено преку сеопфатно управување со границите и програмите за реадмисија“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
На конференцијата учествуваа голем број партнери од Западен Балкан, претставници на соседните земји-членки на ЕУ, меѓународни организации и академската заедница со цел идентификување начини за ефикасно управување со миграциите во Западен Балкан.
Средба на Генералниот директор на ИОМ Антонио Виторино со претседателот Пендаровски © Претседател, 2022
На маргините на конференцијата и за време на неговата официјална посета на Република Северна Македонија, генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино се сретна со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски за да разговараат околу прашањата поврзани со управувањето со миграциите и блиската соработка меѓу Северна Македонија и ИОМ.