Промовирање на физичка активност на работното место за здраво работоспособно население во Северна Македонија
Поголемиот дел од работоспособното население не практикува редовна физичка активност се наведува во нова анализа на моменталната состојба со физичката активносt
Анализата беше спроведена со податоците собрани во јуни и јули 2022 година од страна на Институтот за медицина на трудот во Скопје, кој е назначен за Колаборативен центар на Светската здравствена организација (СЗО). Оваа активност е дел од пошироката иницијатива за промовирање на физичката активност на работното место, која се спроведува во партнерство со Министерството за здравство и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.
„Оваа анализа ќе послужи како одлична основа за идентификување на постоечките потешкотии во оваа област, а истовремено ќе понуди конкретни насоки за понатамошните чекори за зголемување на нивото на физичка активност на работоспособното население“, рече д-р Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот. „Физичката активност на работното место има придобивки и за вработените и за работното место – физички активното работоспособно население е поздраво и попродуктивно“.
Бидејќи поголемиот дел од возрасните го поминуваат поголемиот дел од своето време на работа, доколку сакаат да ги исполнат препорачаните 150 минути физичка активност неделно, неопходно е да бидат активни пред и по, но и во текот на работното време. Искористувањето на можностите за физичка активност на работното место е клучно за зголемување на нивото на активност кај работоспособното население.
Паркирајте го автомобилот подалеку од вашето работно место, излегувајте на пауза за ручек, организирајте состаноци со стоење или шетање наместо со седење – ова се само дел од препораките презентирани на Националниот состанок за промовирање на физичката активност на работното место кој се одржа на 1 ноември 2022 година во Скопје.
„Работоспособното население е активното јадро на секое општество, затоа е неопходно да се изготват и спроведат стратегии и програми за промовирање на физичката активност за да се спречи презентизмот, односно проблемот кога работниците доаѓаат на работа, но поради болест или други медицински состојби, не се целосно функционални, но и апсентизмот, намалена продуктивност на работното место, како и појава на болести поврзани со работата – сето тоа финансиски значително ги оптоварува здравствените системи “, рече д-р Ане Јохансен, специјалната претставничка и в.д. шефица на канцеларијата на СЗО во Северна Македонија.
Докажано е дека редовната физичка активност помага во спречување и справувањето со незаразните болести (НЗБ) како што се срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес и неколку видови на рак. Исто така, помага во спречување на хипертензијата, одржување на здрава телесна тежина и може да го подобри менталното здравје, квалитетот на животот и добросостојбата.
Мултисекторската соработка беше клучна за промовирање на физичката активност и здравиот начин на живот во Северна Македонија во изминатите неколку години.
„Поттикнати од наодите од експертската мисија на СЗО од 2019 година за промовирање на физичката активност во целата земја, Министерството за здравство иницираше широк опсег на активности за населението од сите возрасни групи“, рече Сања Саздовска од Министерството за здравство, лице за контакт со СЗО за физичка активност. „На пример, беше изменет законот за да се зголеми времето за физичка активност во училиштата, со што се направи напредок кон подобрување на здравјето и добросостојбата на децата на училишна возраст“, рече Саздовска.
„Практикувањето на каква било физичка активност е подобро од никаква активност“, рече Ленче Алексовска Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. „Со постепено додавање на мали движења на релативно едноставен начин во текот на работниот ден, можеме да постигнеме многу“.
Глобалниот акциски план на СЗО за физичка активност 2018-2030 ја нагласува важноста на работното место за зголемување на физичката активност кај населението. Според овој Акциски план, глобалниот напредок во зголемувањето на физичката активност е бавен, најмногу поради недостаток на свест и инвестиции.
СЗО ќе продолжи да ја поддржува владата на Северна Македонија во промовирањето на здрав начин на живот низ целата земја и во зајакнувањето на активностите за спречување на НЗБ.