За проектите кои ќе треба да се реализираат во општините, ќе одлучуваат форумите во заедницата
Доделени сертификатите на 25 модератори за Форуми во заедницата во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“
Граѓаните на 40 општини, во наредните неколку години, преку учество на Форуми во заедницата директно ќе одлучуваат какви проекти да се реализираат во нивното место на живеење. Станува збор за алатка за граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво, која е воспоставена и успешно функционира во земјава подолго од една деценија, а сега се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Станува збор за програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
„Швајцарија преку Програмата за соработка со Северна Македонија ја поддржува локалната самоуправа и децентрализацијата повеќе од 15 години. Воведувањето и спроведување на Форумите во заедниците е резултат на оваа соработка што значајно придонесува за охрабрување и вклучување на граѓаните во процесот на донесување на одлуки.“ – потенцираше Вероник Улман, Амбасадорката на Швајцарија во земјава.
Со цел успешно спроведување на Форумите во заедницата, во периодот септември – декември 2022 година, ЗЕЛС и УНДП спроведоа процес на сертификција на форумски модератори. По спроведените обуки и тестирања, вкупно 25 лица се стекнаа со сертификати, кои денеска им беа официјално доделени.
„Овој процес на проверка на знаењата и вештините за модерирање на форумските процеси треба да биде пракса, со цел одржување на стандардот за квалитетно спроведување на Форуми во заедницата преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа и создавање добри пракси со кои се овозможува и самоодржливост на ЗЕЛС“, рече претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Она што е навистина важно од гледна точка на општествениот капитал и граѓанскиот ангажман не е само номиналната вклученост туку и активното учество на граѓаните. Токму затоа форумските модератори имаат клучна улога во овој процес, бидејќи нивна задача е да поттикнат широка дискусија, да ги вклучат сите заинтересирани страни и да обезбедат еднакви можности за учество на сите членови на локалните заедници“, порача Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
Форумите во заедницата им овозможуваат на граѓаните да добијат соодветни алатки и простор нивните идеи и визии за нови иницијативи да бидат слушнати и разгледани од локалните носители на одлуки. Со проширувањето на мрежата на лиценцирани модератори не само што се зајакнуваат капацитетите за оваа активност туку се подигнува и јавната свест.
„Сè повеќе граѓаните стануваат свесни за својата улога во локалната заедница и дека нивниот глас е важен не само на избори. Одговорност и на централната и на локалните власти е да создаваат амбиент во кој што граѓаните на локално ниво ќе бидат вклучени во креирањето на услугите и во донесувањето на одлуките за сите важни прашања кои што се одразуваат на нивното секојдневно живеење“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.
Во рамки на втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“, во наредните четири години ќе се реализираат низа активности за поттикнување на развојот на општините и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во локалните заедници. За остварување на овие цели ќе се работи на унапредување на капацитетите на општинските советници, директно вклучување на граѓаните во носењето одлуки, подобрување на законодавството, дигитализација на услугите, зголемена транспарентност и борба против корупцијата. Едно од клучните начела на проектот е при реализацијата на сите проектни активности во целост да се почитуваат принципите на еднаква родова застапености и еднакви можности за сите граѓани.