Напуштањето на земјоделското земјиште во Северна Македонија предизвикува голема загриженост, приближно 32 отсто од обработливото земјоделско земјиште во државата е напуштено – што е многу повисока стапка отколку во повеќето други европски земји.
Напуштањето на земјиштето има значителни импликации за Северна Македонија, вклучително деградација на животната средина и изгубени можности за зајакнување на одржливото производство на храна и справување со сиромаштијата во руралните средини.
Продолжувајќи со напорите за решавање на ова прашање, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) одржаа работилница во Скопје на 17 февруари каде експерти на ФАО и претставници од работната група за земјишна политика при МЗШВ дискутираа за можните решенија за овој проблем.
За време на работилницата, присутните разговараа за претстојниот извештај на ФАО за структурата на земјоделските стопанства, развојот на пазарот на земјиште и напуштањето на земјиштето - еден од резултатите од ФАО проектот за поддршка на развојот на пазарот за земјоделско земјиште во насока на враќање на напуштеното земјиште во процесот на производство.
„Увидите што ги доби министерството за состојбата со напуштеното земјоделско земјиште во државата се многу корисни за потребите на измените на Законот за земјоделско земјиште, кои се во фаза на подготовка“, изјави Драганчо Стојчев, државен правен советник во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. „Веруваме дека наодите од анализата на ФАО и препораките даваат одлична основа за Министерството да развие сеопфатен сет на интервенции за справување со напуштањето на земјиштето и подобрување на неефикасните структури на фармите.
Тековниот обрт на пазарот на земјоделско земјиште за продажба од 0,5 отсто од вкупното земјоделско земјиште, или околу 1.700 хектари - е премногу низок за да се одговори на предизвиците со структурата на земјоделските стопанства во земјата, според анализата на ФАО. Политиките треба да дадат приоритет на развојот на пазарот на земјоделско земјиште и да се фокусираат на зголемување на обртот и промовирање на мобилноста на земјиштето за да се овозможи проширување на земјоделските стопанства, да им се обезбеди пристап на нови и млади земјоделци до земјоделско земјиште и можности за развој на малите земјоделски стопанства во комерцијални семејни фарми.
Извештајот идентификува неколку основни причини за напуштање на земјиштето, вклучително:
- основните природни услови на земјишните парцели;
- неповолна земјишна структура, карактеризирана со мала просечна големина на земјоделските стопанства и прекумерна расцепканост на земјиштето;
- зависност од наводнување наспроти слабо функционални системи за наводнување; и
- други економски причини кои водат до иселување на младите од руралните области и следствено напуштање на земјиштето.
Мортен Хартвигсен, Службеник на ФАО за земјиште, истакна дека оваа сеопфатна анализа е позитивен чекор кон идентификување и следење на напуштеното земјоделско земјиште - предуслов за какви било други мерки и активности за решавање на проблемот. ФАО препорачува сеопфатен пакет на интервенции за справување со напуштањето на земјиштето и подобрување на земјишната структура, изјави тој. Интегрираните мерки и интервенции треба да ја комбинираат земјишната политика со други сродни области, како што се земјоделството, економијата и оданочувањето, што на крајот ќе придонесе за поголема профитабилност за семејните фарми, поголеми приходи и подобри услови за живот во руралните средини.
ФАО со години работи на консолидација на земјоделското земјиштете во регионот, поддржувајќи го развојот на пазарите на земјоделско земјиште и подобрено управување со државното земјоделско земјиште во согласност со Доброволните упатства за одговорно управување со земјиште, риболов и шуми во контекст на националната обезбеденост со храна (Voluntary Guidelines on the Responsible Governance of Tenure of Land Fisheries and Forests in the Context of National Food Security)
ЛИНКОВИ:
Воведување на националната програма за консолидација на земјиште
Mainstreaming National Land Consolidation Programme
Регионална иницијатива на ФАО: Зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фарми
FAO regional Initiative: Empowering Smallholders and Family Farms
Правен водич за консолидација на земјиште
Legal guide on land consolidation
Европски добри практики за земјишно банкарство - студија и препораки на ФАО
European good practices on land banking - FAO study and recommendations