Новата веб платформа ‘’E-земјоделство’’ овозможува полесен пристап до постојните дигитални системи
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во континуитет работи на надградба и подобрување на информациските системи во земјоделството преку дигитализација, со цел подобрување на податоците за креирање на политики и мерки во насока на транзиција кон попродуктивно и одржливо земјоделство, во согласност со Целите за одржлив развој.
Во таа насока се вклучува и изработката на агрометео веб страната на УХМР и новата веб платформа ‘’E-земјоделство’’ (http://e-zemjodelstvo.mk/ ) изготвени со техничка поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО).
Тоа што е особено значајно е дека новата веб платформа ‘’E-земјоделство’’ овозможува полесен пристап до постојните дигитални системи како Земјоделскиот Пазарен Информативен Систем и тековни агрометеоролошки податоци, кои се сега достапни на едно место.
Платформата ‘’E-земјоделство’’ вклучува и новитети, како Национална база на просторни податоци преку глобалната Earth Map платформа (www.earthmap.org) каде Северна Македонија е првата земја во светот која, со поддршка на ФАО, доби свој под-домен (https://northmacedonia.earthmap.org/) за просторни податоци кои подобро ќе ги информираат националните земјоделски политики, а во насока на адаптација на земјоделското производство кон климатските промени на локално и национално ниво.
Преку aлатката Earth Map достапна и во сегментот “Карти” на платформата Е-земјоделство, сите институтиции, земјоделци, научната и пошироката јавност имаат пристап до национални и меѓународни агро-еколошки просторни податоци за државата.
Дополнително, во рамки на платформата “Е-земјоделство” им се овозможува на земјоделците да водат евиденција на инпути (трошоци) и приходи за сопственото земјоделско стопанство преку алатката “Moja Фарма”. Преку оваа алатка секој производител има можност бесплатно да го подобри управувањето со сопственото земјоделско стопанство. Покрај евиденција, алатката нуди и можност за генерирање на автоматски извештаи за планирање на профитабилноста на различни земјоделски производи, со цел да се зголеми продуктивноста и да се намали употребата на производни материјали кои ја загадуваат животната средина.