Соопштение

Германија и Северна Македонија: Експерт на ОН ги поздравува напорите за репатријација, реинтеграција и гонење на државјаните повратници од Сирија и Ирак

13 јули 2023

„Земјите како Германија и Северна Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практична“, рече Фионула Ни Аолаин (Fionnuala Ní Aoláin), специјален известувач на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот

 

ЖЕНЕВА (13 јули, 2023 година) – Експерт на Обединетите нации денес ги поздрави суштинските напори на Германија и Северна Македонија за решавање на сложената ситуација во која се наоѓаат нивните граѓани повратници од конфликтните зони, особено од Арапската Република Сирија, преку нивна репатријација, реинтеграција и гонење.

„Земјите како Германија и Северна Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практична“, рече Фионула Ни Аолаин (Fionnuala Ní Aoláin), специјален известувач на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот, на крајот од 10-дневната посета на Германија и Северна Македонија.

Фионула Ни Аолаин ги истакна тешките услови во камповите и затворите во североисточна Сирија каде овие лица масовно и произволно се затворени, особено нагласувајќи ги тешките последици по ранливите деца коишто и понатаму се затворени без пристап до образование, здравствена заштита, безбедност и други основни права.

„Ги поздравувам напорите на Германија за поттикнување на енергичен и стручен ангажман на граѓанското општество во процесите на откажување, дерадикализација и реинтеграција, што покажува колку е важно да се има пристап што го вклучува „целото општество“ за враќањето на овие лица, како и пристап кој е заснован на човековите права и кој овозможува сеопфатна и нестигматизирачка реинтеграција во општеството“, рече таа.

Специјалниот известувач истакна дека Северна Македонија започна со изработка на модел за реинтеграција во заедницата врз основа на мултидисциплинарна експертиза со вклучување на социјални работници, клинички психолози и претставници од безбедносниот сектор со цел семејствата, особено жените и децата, целисходно да се реинтегрираат во нивните заедници.

Експертот истакна дека е важно гонењето за меѓународните злосторства со разорно дејство извршени од страна на ИСИС во Сирија и Ирак да се врши во согласност со начелата за владеење на правото. Таа го поздрави иновативниот и уникатен пристап на Германија во постапувањето по меѓународните кривични дела и видливата подготвеност на земјата за премостување на огромниот јаз во неказнивоста на злосторствата извршени од страна на ИСИС.

„Изречно повикувам на репатријација на мажите и жените од Германија и Северна Македонија, за да се осигуриме дека напорите за враќање и отчетност и понатаму ќе продолжат“, рече таа.

Ни Аолаин рече дека двете земји мора и понатаму будно да внимаваат на тоа дали политиките и практиките за борба против насилниот екстремизам поврзани со враќањето и реинтеграцијата се навистина усогласени со стандардите за човековите права.  Таа изрази загриженост дека некои напори за реинтеграција во пракса, наместо да спречат, можат да предизвикаат стигма и отфрлање на повратниците од општеството.

„При гонењето и судењето на повратниците мора да се постапува во согласност со меѓународните стандарди за фер и правично судење, казните мора да бидат пропорционални и условите во казнено-поправните установи мора да бидат соодветни, со цел на повратниците да им се даде подеднаква можност за рехабилитација и реинтеграција во општеството“, рече експертот на ОН.

Специјалниот известувач го поздрави проактивниот пристап на двете влади кон ова сложено правно и политичко прашање, што претставува значаен пример за другите држави во поглед на олеснување на враќањето и реинтеграцијата на нивните граѓани од конфликтните зони, вклучувајќи ја и Сирија.

 

ЗАВРШУВА

 Г-а Фионуала Ни Аолаин (Fionnuala Ní Aoláin) е назначена за Специјален известувач за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот од страна на Советот за човекови права на Обединетите нации. Таа ја извршува оваа функција од 1 август, 2017 година. Г-а Ни Аолаин е истовремено почесен професор и професор по право, јавни политики и општество на Институтот Робина од Правниот факултет при Универзитетот во Минесота и професор по право на Универзитетот Квинс, Белфаст, Северна Ирска. Нејзиниот мандат ги опфаќа сите земји и неодамна беше обновен со Резолуција 49/10 на Советот за човекови права.

Специјалните известувачи се дел од таканаречениот механизам на Специјални процедури на Советот за човекови права. Специјални процедури, најголемото тело на независни експерти во системот за човекови права на ОН, е општиот назив за група независни механизми на Советот за утврдување на факти и следење коишто се фокусираат на конкретни ситуации во одредена земја или тематски прашања во сите делови на светот. Овие експерти работат на доброволна основа; тие не се вработени во ОН и не добиваат плата за нивната работа. Тие се независни од која било влада или организација и служат во индивидуално својство.

Страници од веб-локацијата на ОН за човекови права во земјите: Германија и Северна Македонија

За повеќе информации и прашања од медиумите, контактирајте со:

Г-а Карен Рејес Толоса (+41 76 342 3400; karen.reyestolosa@un.org)  

За прашања од медиумите поврзани со други независни експерти на ОН, контактирајте со Маја Деруаз (maya.derouaz@un.org).

Вестите во врска со независните експерти за човекови права на ОН можете да ги следите и на Твитер под следната назнака: @UN_SPExperts   

Загрижени сте за светот во којшто живееме?

 Во тој случај, ЗАСТАНЕТЕ во одбрана на нечии права денес.

#Standup4humanrights

 и посетете ја веб-страницата на 
http://www.standup4humanrights.org

 

 

Тела на ОН вклучени во оваа иницијатива

ОХЦХР
Канцеларија на висок комесаријат за човекови права

Цели што ги поддржуваме преку оваа иницијатива