20 декември 2021 година, Скопје. И покрај тоа што Република Северна Македонија има поволни географски и климатски услови за производство на говедско месо, државата е нето увозник на жив добиток, свежо и замрзнато говедско месо и производи од говедско месо, со домашно производство кое не може да ја задоволи домашната побарувачка и кое подлежи на жестока конкуренција од увозот.
Домашниот потсектор говедарство се базира пред се’ на индивидуални фармери, кои главно ги задоволуваат сопствените потреби, и мал број на средни говедарски фарми со интензивно производство. Истиот се карактеризира со несоодветни сточарски практики, шаренило во расовата структура, постојан пад на бројот на говеда и одгледувалишта, отсуство на соодветна програма за одгледување и практики за репродукција, зависност од увоз на скапа добиточна храна, недоволно искористени пасишта, слаба комуникација и недостаток на соработка меѓу различните актери во вредносниот ланец на потсекторот. Ова ја ограничува продуктивноста, конкурентноста и изгледите за одржливо, пазарно ориентирано домашно производство на говедско месо.
За да се решат овие прашања, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) го поддржа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во идентификување на главните прашања што го засегаат развојот на говедарството, конкретно во делот на вредносниот синџир во потсекторот, и обезбедување препораки за воспоставување на здрав вредносен систем преку мултисекторски пристап. Резултатите од овие активности беа презентирани на работилница која се одржа денеска во хотелот Александар Палас во Скопје, на која учествуваа претставници од владини инситуции, академската заедница, клучни чинители во вредносниот ланец на потсекторот говедарство – земјоделци, производители, преработувачи, кланици и трговци на мало.
Во своето воведно обраќање на работилницата, Бесир Јашари, државен советник за земјоделство, сточарство и рибарство при МЗШВ, истакна дека ‘’развојот на говедарството е добар индикатор за развојот на вкупното стопанство на една земја, бидејќи претставува алка меѓу растителното производство од една страна, и голем број на преработувачки индустрии од друга страна’’. Оттука, тој додаде, Владата ја препознава важноста на потсекторот говедарство и во континуитет преку своите годишни програми обезбедува поддршка како во делот на одгледување на говеда, така и во делот на инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства во потсекторот.
На отворањето на работилницата, Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и шеф на канцеларијата на ФАО во Скопје, изрази задоволство што ФАО ги поддржува напорите на државата за зајакнување на домашното говедарско производство, почнувајќи од детална анализа на моменталната состојба, главните политики, институционалните аспекти и состојбите во вредносниот ланец, кои влијаат на развојот на потсекторот. „Уверени сме дека наодите од нашата сеопфатна анализа ќе послужат како основа за зајакнување на националните политики и инвестициското опкружување за создавање услови за инклузивен, ефикасен, модерен и конкурентен потсектор за одгледување на говеда, којшто ги исполнува стандардите за квалитет и безбедност на храна, води грижа за благосостојбата на животните и животната средина’’ - истакна тој.
Во интерес на националните приоритети во Стратегијата за земјоделство и рурален развој за 2021-2027 година за зајакнување на генетскиот потенцијал на приплодните животни, ФАО исто така ја оцени и постојната програма во државата за вештачко оплодување на кравите и даде препораки за подобрување на генетскиот материјал и диверзификација на локалните раси со цел зголемување на квантитетот и квалитетот на добиеното месо. Во наредниот период, во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, ќе се истражат можностите за понатамошни подобрувања во вредносниот ланец на потсекторот говедарство и унапредување на домашното производство на висококвалитетно говедско месо, вклучително потенцијални инвестиции и извори на финансирање.
Како што истакна ФАО експертот за добиток, Тибор Шукс, „важноста на овие анализи е што тие даваат практични и остварливи препораки до Владата за подобрување на вредносниот ланец во говедарството и програмата за вештачко оплодување.“ Тој ја потврди подготвеноста на ФАО да оди рака под рака со национални експерти за спроведување на препораките“.
Во однос на следните чекори, Набил Ганги изрази надеж за продолжување на соработката. „Врз база на сегашните напори, ФАО е подготвена да соработува со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултетот за ветеринарна медицина и сите клучни национални и меѓународни партнери во следните фази на овозможување на значајни инвестиции за трансформација и модернизација на македонскиот потсектор говедарство, што несомнено придонесува за намалување на сиромаштијата и подобрување на исхраната на населението“, додаде тој.