Чифлик го усвои планот за консолидација на земјиштето, поддржан од мнозинството земјопоседници
Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им донесат придобивки на 395 земјоделци.
24 октомври 2024 - Земјоделската област Чифлик (Општина Чешиново-Облешево) во Северна Македонија ќе претрпи значителна трансформација, по достигнување на клучната пресвртница во проектот за консолидација на земјиштето во селото. На 18 октомври, сопствениците на земјиште со квалификувано мнозинство го усвоија Планот за распределба на земјиштето, со што Чифлик стана шесто село во Северна Македонија каде што се спроведува консолидација на земјиштето. Оваа иницијатива е дел од проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им донесат придобивки на 395 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето значително го намалува бројот на земјишни парцели трикратно - од 1.246 на само 454, при што просечната големина на парцелите се зголемува од 0,13 на 0,34 хектари. Ова ќе овозможи создавање на поголеми и поефикасни парцели, кои ќе ги рационализираат земјоделските практики и ќе ја подобрат продуктивноста на долг рок.
Со усвоениот План за распределба на земјиштето, следната фаза ќе се фокусира на регистрирање на новоформираните парцели во Катастарот на недвижности. Истовремено, се подготвува значителна инвестиција во земјоделската инфраструктура во Чифлик, финансирана од ЕУ. Планираните подобрувања вклучуваат унапредување на пристапните патишта и изградба на нови, заедно со развој на неопходните системи за наводнување и одводнување.
Овие инфраструктурни подобрувања имаат за цел да ја зголемат пристапноста до земјоделските површини и да обезбедат ефикасно управување со водите, поддржувајќи одржлив раст и повисоки приноси за локалните земјоделци. Изградбата на инфраструктурата се очекува да започне следната година, што ќе го означи следниот чекор во трансформација на земјоделската средина во Чифлик и ќе даде поттик за руралниот развој во Северна Македонија.
КОРИСНИ ЛИНКОВИ:
Веб-страница на проектот: Унапредување на консолидацијата на земјиште во Северна Македонија
Flickr албум: Консолидационо подрачје Чифлик, Северна Македонија - моментална состојба
Flickr албум: Консултации со земјоделците во Чифлик, Северна Македонија
Контакт за медиуми:
Радмила Славкова
Национален специјалист за комуникации
ФАО Северна Македонија
Radmila.slavkova@fao.org