УНФПА воведува дигитални решенија за сексуално образование во време кога училишните активности се одвиваат на интернет поради пандемијата со Ковид-19
Новата дигитална платформа развиена од УНФПА им овозможува на младите со аутизам пристап до соодветни на возраста и точни информации за сексуално образование.
СКОПЈЕ, Северна Македонија — Ирена Лозана сфати дека нешто не е во ред кога нејзиниот син Кан престана да зборува и почна да се повлекува од другите луѓе, претпочитајќи да си игра сам.
„Градењето типични пријателства и играњето игри со другите сè уште не се дел од неговиот живот“, вели Лозана. Кан, кој сега има 11 години, е дете со аутистичен спектар на нарушување (АСН), дијагноза што создава бројни предизвици, како за родителите така и за децата, особено кога влегуваат во тинејџерските години.
Меѓутоа, семејствата како тоа на Лозана сега имаат нова алатка со која можат да се справуваат со некои од овие предизвици: развиената онлајн образовна платформа на УНФПА, која со појавата на пандемијата со Ковид-19 доби на уште поголемо значење.
„Недостигот на социјални вештини кај луѓето со аутистичен спектар е особено забележлив во областа на сексуалноста и интимните односи“, вели Тања Станкова, наставник за лица со попреченост. Таа објаснува дека дури и најосновните промени што се случуваат за време на пубертетот честопати може да бидат збунувачки за младите луѓе со АСН, кои не знаат секогаш што да очекуваат додека сексуално се развиваат или како да разликуваат соодветно од несоодветно однесување.
Дигиталните алатки од суштинско значење за време на пандемијата со Ковид-19
Новата дигитална платформа развиена од страна на УНФПА во Северна Македонија им овозможува на младите луѓе со АСН со своја динамика и во безбедна средина да пристапат до точни информации за сексуално образование, соодветни на возраста. Дигиталните алатки за секој вид образование, вклучително и сексуалното образование, станаа особено важни за сите млади луѓе откако во јануари низ целиот свет почна да се шири новата болест со коронавирусот (Ковид-19). Во март сите училишта и универзитети во Северна Македонија се префрлија на учење преку интернет, со цел образованието на учениците да не заостане и покрај тоа што училниците остануваат затворени, како една од мерките за зачувување на јавното здравје.
Содржината на новата онлајн платформа на УНФПА се заснова на концептот на „Социјални приказни“, развиен од Керол Греј во 1991 година, како алатка за учење за деца, адолесценти и возрасни со аутизам. Овој концепт беше развиен како проект на Глобалниот фонд за иновации, со поддршка од владите на Данска и Финска.
„Приказните на платформата опфаќаат различни теми во согласност со фазите на сексуалниот развој на една личност“, вели Станкова, која својот магистерски труд го посвети на сексуалното образование за лица со нарушување на аутистичниот спектар и која во рамките на новиот проект на УНФПА беше ангажирана како консултант. „Овде се вклучени теми почнувајќи од делови од телото, приватни и јавни простори, пубертет и пријатни и непријатни допири, па сè до сексуални чувства, сексуални односи, интимни врски и заштита од сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост“.
Голем број млади лица од Источна Европа и Централна Азија сè уште немаат пристап до висококвалитетно сеопфатно сексуално образование. Училиштата во Северна Македонија спаѓаат во оние кои не нудат посебен академски предмет на оваа тема, иако некои елементи, како што се сексуално преносливите инфекции, се опфатени на часовите по биологија и образованието за животни вештини.
Според неодамнешното истражување спроведено од страна на УНФПА, Северна Македонија, родителите и наставниците, како и другите професионалци кои работат со деца со АСН високо ја ценат корисноста на дигиталните алатки во сеопфатното сексуално образование. Родителите и наставниците велат дека тие исто така користат онлајн платформи за да им помогнат на децата со АСН да се ангажираат од социјален аспект, како што е слушање музика или играње игри, како и за едукативни цели.
Бариери за пристап на младите лица со попреченост
Бариерите за пристап до сеопфатно сексуално образование се особено високи за младите лица со аутизам, затоа што тие честопати немаат разбирање за тоа што се случува со нивните тела додека претрпуваат физички и емоционални промени. Нивните родители, негуватели, воспитувачи и врсници, исто така, имаат ограничени информации за сексуалните потреби на младите со аутизам, тема што честопати се смета за табу-тема за дискусија или воопшто, за тоа како темите поврзани со сексуалноста да се дискутираат со овие лица. Стравот, нетолеранцијата и дискриминацијата исто така се пречка за добивање информации и услуги поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје.
Според Светската здравствена организација, на глобално ниво, едно на секои 160 деца има нарушување на аутистичниот спектар. Според неофицијални податоци, од вкупно два милиони жители во Северна Македонија, околу 12.000 до 15.000 лица се со аутизам. Сепак, во државата недостасуваат официјални податоци за темата.
„Јавноста треба да стане свесна за постоењето на деца со аутизам“, вели Лозана. „По здравствениот преглед на Кан, за жал, се вративме дома чувствувајќи уште поголема тага, страв, самообвинување, конфузија и лутина. Дури и денес Заводот за ментално здравје на деца и младинци ги исполнува само минималните капацитети за справување со потребите на семејствата со деца со попреченост“.
Една глобална студија спроведена од УНФПА укажува на тоа дека децата со попреченост имаат речиси три пати поголема веројатност да бидат подложени на сексуално насилство отколку децата без попреченост. Девојчињата и младите жени со попреченост 10 пати повеќе се соочуваат со родово-базирано насилство за разлика од оние без попреченост. Ваквите факти сѐ повеќе ја зголемуваат важноста на обезбедувањето пристап до сеопфатно сексуално образование за сите луѓе, без оглед на статусот на попреченост.
„Моето дете во моментов се соочува со почетокот на тинејџерските години, кога хормоните ќе ја завршат својата работа и неговите потреби ќе се променат, исто како и кај сите други деца“, вели Лозана. „Меѓутоа, сексуалноста како потреба и процес сè уште е табу и главен проблем кога станува збор за споделување соодветни и точни информации со дете со аутизам“.
Иновативни пристапи за обезбедување универзален пристап
Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија почна да ги дизајнира своите дигитални приказни како дел од глобалниот напор на УНФПА да развие иновативни пристапи за обезбедување универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје преку употреба на технологијата. Тимот на Северна Македонија беше еден од осумте светски тимови на УНФПА избрани да учествуваат во глобалниот иновациски „Bootcamp“ што во јули 2019 година се одржа во Минхен, Германија.
„Нашите дигитални приказни базирани на докази за сексуално образование за лица со аутистичен спектар на нарушувања вклучуваат 25 комплети приказни и околу 600 визуелно прилагодени илустрации“, вели Јованка Брајовиќ-Григоријевиќ, водач на тимот за иновации во Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија.
Тимот тестираше прототип на нивните дигитални приказни како дел од m-health платформата на УНФПА, притоа прибирајќи повратни информации за содржината, основните карактеристики и функционалностите на платформата од шест фокус-групи кои вклучуваат родители и старатели, како и професионалци кои работат со лица со АСН.
„Преку овие дигитални приказни, лицата со аутистичен спектар на нарушување ќе може да добиваат точни информации што ќе им помогнат да го разберат сопствениот сексуален развој и промените што се случуваат за време на пубертетот, да разликуваат соодветно од несоодветно однесување и да ги практикуваат однесувањата што се во согласност со социјалните норми кога станува збор за сексуалноста“, вели консултантот на УНФПА, Станкова.
Лозана е согласна дека приказните за сексуално образование ќе ѝ бидат од голема корист во комуникацијата со нејзиниот син. „Многу сум среќна што оваа алатка е насочена кон подобрување на целокупниот квалитет на живот на целото семејство, но најмногу на децата со аутизам“, вели таа.