СЗО и ОН промовираат употреба на дигитални технологии за подобрување на услугите за имунизација во Северна Македонија
Пандемијата со КОВИД-19 предизвика брза интеграција на дигиталните технологии во јавниот здравствен сектор во Северна Македонија.
Од технологии коишто им овозможуваат на луѓето полесно да пристапат до услугите за имунизација, до подобрено следење на тоа како политиките влијаат врз здравјето на населението и подобри начини за зајакнување и на здравствената работна сила и на пациентите, дигиталните алатки отворија мноштво можности за напредок кон универзалното здравје за сите.
Уште од почетокот на пандемијата, националните здравствени власти вложија напори да го искористат целосниот потенцијал на достапната технологија - да го подобрат начинот на којшто се даваат услугите и како се управува со здравствениот систем. СЗО и ОН во Северна Македонија ги поддржаа овие напори како дел од заедничката програма „Безбедни и иновативни здравствени услуги за време на пандемијата со КОВИД-19 во Северна Македонија“, спроведувана од УНИЦЕФ, СЗО и УНФПА, и финансирана од Фондот за КОВИД-19.
Зајакнато собирање податоци за обезбедување на безбедни, иновативни и квалитетни услуги за имунизација
„Искористувањето на моќта на дигиталните технологии е од суштинско значење за поодговорни, економични здравствени услуги засновани на податоци, како за КОВИД-19 така и за рутинската имунизација. СЗО го поддржа воведувањето на иновативни дигитални алатки во здравствениот сектор како дел од напорите на Владата за надминување на предизвиците во планирањето, управувањето со логистиката, администрирањето на вакцинацијата и следењето на имунизацијата“, истакна Д-р Ане Јохансен, специјален претставник на регионалниот директор за Северна Македонија и шеф на канцеларијата на СЗО во Скопје.
Една од дигиталните интервенции е и воспоставувањето на национална електронска база на податоци за имунизација поврзана со националната е-здравствена евиденција за да се обезбедат точни и навремени податоци за имунизацијата. Електронскиот регистар за имунизација (ЕИР) беше надграден за да ја вклучи регистрацијата на вакцините за Ковид-19 од досиејата на поединечни пациенти, додека податоците за имунизација на деца и новороденчиња беа ретроактивно внесени во ЕИР од хартиените картони за имунизација.
Беа воведени и други алатки за да се задоволат потребите на населението, како што е полесен пристап до Националниот сертификат за имунизација за КОВИД-19 преку веб-портал и испраќање потсетници до родителите да ги донесат децата на вакцинација преку систем за масовно известување.
Зајакнатото собирање податоци и за имунизација за КОВИД-19 и за рутинската имунизација отвора можности за подобро следење, координација, како и планирање и донесување одлуки базирани на докази. Во исто време, целокупната модернизација на процесот на имунизација помага да се намалат административните задачи, овозможувајќи им на здравствените работници да ги стават пациентите на прво место и да посветат повеќе квалитетно време за нега на пациентите.
Искористување на потенцијалот на технологијата за подобрување на професионалното учење
Здравствените работници, како еден од најдоверливите извори на информации, имаат клучна улога за да се постигне висока стапка на вакцинација. Нивните ставови и знаење за имунизацијата може во голема мера да влијаат на одлуките на нивните пациенти за вакцинација. Обезбедените ресурси и алатки за знаење, на здравствените работници им овозможуваат да располагаат со средства и да ја зголемат самодовербата за да бидат поефективни во нивната работа и да помогнат да се постигне повисока стапка на вакцинација.
Користењето на дигитални технологии за информирање и обука на здравствените работници е еден од најдобрите начини за зајакнување на нивните професионални вештини.
„СЗО во Северна Македонија разви електронски пакет за обуки за да ги оспособи здравствените работници со нови вештини и знаења за имунизација и за да им помогне да напредуваат, а со тоа да го зајакнат националниот здравствен систем за доброто на целото население“, истакна д-р Јохансен.
Беа обучени околу 60 менаџери на програми за имунизација од целата земја за планирање, управување, следење и евалуација на системот за имунизација. Покрај тоа, 340 здравствени работници беа обучени за ладен ланец за вакцини, безбедност при имунизација, микро планирање за опфат на секоја заедница, управување со сесија за имунизација, следење и надзор, и партнерство со заедниците.
Акредитираните курсеви за обука на OpenWHO, поврзани со КОВИД-19 и вакцинацијата беа адаптирани и на локалните јазици. Знаењето стекнато од овие курсеви им помага на здравствените работници да го подобрат квалитетот на услугите за имунизација, да споделат иновативни практики за вакцинација со своите колеги и да ја промовираат вакцинацијата кај нивните пациенти.
Патот во иднина
„Интегрирањето на дигиталните технологии во здравствениот систем може да ги подобри начините на коишто се даваат здравствените услуги и да донесе долгорочни придобивки. Овие активности, потенцијално ќе овозможат зголемување на опфатот со вакцинација, и за редовната вакцинација, и за вакцинацијата против Ковид-19“, заклучи д-р Јохансен.
СЗО ќе продолжи да го поддржува одговорот на КОВИД-19 и закрепнувањето во Северна Македонија, вклучително и примената на дигитализација за да се изврши максимално влијание врз здравјето на населението.
„Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на КОВИД-19 во Северна Македонија“ е заедничка програма којашто има за цел да го подобри пристапот до услугите за сексуалното и репродуктивното здравје, имунизацијата и родово базираното насилство за жени, адолесцентни девојки и деца, со посебен фокус на најранливата популација во оддалечените и недоволно опфатените области со услуги. Активностите се спроведуваат заеднички од страна на УНИЦЕФ, СЗО и УНФПА и се овозможени со придонес во Фондот на ОН за одговор и закрепнување од владите на Норвешка, Холандија, Швајцарија, Данска, Шведска, Република Кореја, Финска, Австрија, Обединетото Кралство, Шпанија, Нов Зеланд, Соединетите Американски Држави, Исланд, Хрватска, Португалија, Тајланд, Република Словачка, Романија, Камбоџа, Кипар и Филипини.