Не секогаш беше толку загадено. Можевме да дишеме во текот на зимата. Сега, претставува луксуз кога можеме да ги отвориме прозорците за да влезе свеж воздух во зимските месеци. Драган Јаневски, директорот на средното стручно училиште „Наце Буѓони“, се присетува на минатото кога тој и неговото семејство што живее во Куманово можеле да дишат почист воздух. Урбанистичкото планирање и намаленото зазеленување, зголемената густина на населеност и следствено, греењето на станбените простории и сообраќајниот метеж, сето тоа придонесува за лоши нивоа на квалитетот на воздухот во Куманово.
Според извештајот објавен од Европската агенција за животна средина, 96% од урбаното население во Европа е изложено на небезбедни концентрации на ситни честички. Слична е ситуацијата во сите поголеми градови во Северна Македонија. Скопје, Битола, Куманово и Тетово се истакнати во извештаите како едни од најзагадените градови во регионот.
„Ние не реагираме само на предизвикот со загадувањето на воздухот“, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, „ние работиме на обезбедување на чист воздух како право, а не како привилегија.
Проектот EU4CleanAir, амбициозна иницијатива финансирана од Европската Унија и имплементирана од УНОПС, ги поддржува овие четири најзагадени градови во Северна Македонија за подобрување на квалитетот на воздухот. Со буџет од 10 милиони евра, проектот треба да се справи со предизвиците за квалитетот на воздухот и да има влијание врз животната средина и јавното здравје. Со активности поврзани со намалување на емисиите од изворите на греење и јавниот транспорт, урбаното зазеленување и со истражување на потенцијалите за централно греење и подобрување на мониторингот на квалитетот на воздухот, проектот има за цел да ги поддржи локалните власти во Скопје, Битола, Куманово и Тетово во решавањето на еден од најголемите еколошки предизвици за нивните граѓани.
„Важно е локалната администрација да покаже иницијатива и да ги поддржи активностите, како што е ЕУ за чист воздух, кои ќе придонесат за почист воздух во Куманово. Сите дишеме ист воздух и сите треба да направиме напор воздухот што го дишеме да не биде загаден“, вели градоначалникот Димитриевски.
Како дел од проектот, општина Куманово иницираше преминување на изворите за греење во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ од екстра лесно масло на гас како почист извор на енергија. Оваа промена беше поттикната од фактот дека застарените практики за греење, со користење на загадувачки извори на енергија, беа главни придонесувачи за лошиот квалитет на воздухот во градот.
„Преминот кон почист систем за греење во нашето училиште е повеќе од само надградба на технологијата, тоа е инвестиција во благосостојбата и иднината на нашите ученици“, вели Драган Јаневски директорот на училиштето „Наце Буѓони“. „Со оддалечувањето од традиционалните методи на греење кон почисти извори на енергија, овозможуваме нашите ученици да можат да учат во поздрава средина, ослободена од штетните емисии што го погодуваат и нашето училиште. Ова подобрување не само што создава побезбеден простор за напредок во учењето, но исто така ги учи на важноста на одржливоста и влијанието што зелените практики можат да го имаат врз нивниот секојдневен живот“.
Се проценува дека оваа замена на изворите на енергија може да ги намали емисиите на одредени загадувачки материи за 99%. Проектот ќе продолжи да идентификува дополнителни јавни згради кои се погодни за слични надградби и модификации во Куманово и во другите три града.
Покрај овие технички надградби, проектот EU4CleanAir става силен акцент на вклученоста на заедницата, особено преку иницијативите за урбано позеленување. Учениците и жителите на Куманово ќе играат клучна улога во трансформирањето на нивниот град во позелена, поздрава животна средина. Со активно вклучување на учениците и жителите во урбаното позеленување, проектот не само што ја подобрува зелената инфраструктура на градот, туку и гради трајна посветеност на грижата за животната средина меѓу заедницата.
Признавајќи дека заедничките напори на ЕУ, локалната администрација и УНОПС ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот во овие четири градови во Северна Македонија, потребни се сеопфатни и постојани напори за да се направат значителни подобрувања на квалитетот на воздухот во земјата, бидејќи ние сите треба да работиме заедно за чист воздух.