Во Еуроп хаус (Europe House) денеска беше означен почетокот на подготовката на новата Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Македонија“. Проектот е ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски изјави дека за нив е од стратешка важност оваа определба на Владата, на Министерството, на институциите, заедно со поддршка на Европската Унија, на ФАО којшто е имплементатор, за да се придонесе во решавање на проблемите поврзани со расцепканоста на структурата на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства.
Токму затоа во овие години, тоа било еден од нивните сериозни приоритети.
‘’Значајни се достигнувањата во овој дел. Се воспостави правната, институционална рамка за консолидација на земјиштето, обезбедувајќи основа за спроведување на националната програма за консолидација. Капацитетите за спроведување на консолидација се зајакнаа преку системско надградување и вклучени страни. На национално ниво беа направени напори за подигнување на свеста за консолидација на земјиштето на земјоделците помеѓу сите засегнати страни на терен, со што се подобри и разбирањето за придобивките од реализацијата на консолидацијата во подрачјата. Беа поставени основите за финансиско и стратешко планирање за консолидацијата на земјиштето, обезбедувајќи ефикасно планирање и распределба на ресурсите за спроведување на овие проекти. И на крај, како најзначајно, успешно спроведовме на терен, проекти за консолидација на земјиштето коишто се видливи, коишто се опипливи и коишто земјоделците на терен ги чувствуваат и придобивките за тоа, бевме сведоци преку сите наши теренски посети што ги имаме, истакна министерот Николовски. Николовски додаде дека има значително намалување на расцепканоста на земјишните парцели, нивно окрупнување во девет подрачја во државата каде се изготвиле планови за консолидација со поддршка на овој проект.
На настанот, преку видео линк, се обрати заменикот регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија (ФАО РЕУ), Набил Ганги. ‘’Задоволство ми е да бидам дел од овој значаен настан во Скопје, додека го започнуваме процесот на изработка на нова стратегија за консолидација на земјиштето во Македонија во наредните години, нагласи Ганги.
„Новата Национална стратегија за консолидација на земјиштето е клучна алатка за промовирање одржливо користење на земјиштето и унапредување на тековниот напредок на структурните земјишни реформи во земјоделскиот сектор во Северна Македонија. Треба да се гордееме со фактот дека новата стратегија има цврста основа на која треба да се изгради, потпирајќи се од десетгодишното искуство во консолидација на земјиштето во Северна Македонија, вклучувајќи ги достигнувањата и научените лекции од претходниот стратешки период“, додаде тој.
Беа презентирани и клучни достигнувања на Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2012-2020 година и научените лекции од претходниот стратешки период, кои ќе бидат основа за развој на новата стратегија за консолидација на земјиштето 2022-2030 година.
За ЕУ-проектот „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“
Надоврзувајќи се директно на резултатите од проектот МАИНЛАНД, овој проект има за цел да го поддржи МЗШВ во унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, преку подобрување на националната политика за консолидација на земјиштето, вклучително стратешката, правната и институционалната рамка, како и во понатамошна имплементацијата на Националната Програма за консолидација на земјиштето, преку целосно спроведување на проекти за консолидација во две подрачја, заедно со изградба на земјоделска инфраструктура. Проектот исто така поддржува подготовка на нова Национална стратегија за консолидација на земјиште и Акционен план за периодот 2022-2030 година. Во тек се неколку клучни активности, вклучително формирање на Постојана советодавна група за консолидација на земјиште, преглед на националните политики, законодавство и програми за оцена на постигнатите резултати во претходниот стратешки период и подготовка на Белешка за повеќенаменска консолидација на земјиштето. Од мај 2023 до декември 2024 година, ќе се спроведат консултативни работилници за нацрт-стратегијата, со цел ангажирање и консултирање на сите засегнати страни, како и за поддршка на процесот на одобрување на стратегијата од страна на Владата, по што ќе следи кампања за подигање на јавната свест од февруари 2025 до октомври 2025 година за промовирање на новата Стратегија на национално ниво. Буџетот на проектот е 1,2 милиони евра - финансиран преку ЕУ ИПА II 2019 Инструментот (1 милион евра) и придонес на ФАО (0,2 милиони евра). Проектот се реализира во период од 42 месеци, од август 2022 година до јануари 2026 година.