Правото на храна во Европа и Централна Азија: Повик за поголеми заложби
Хуан Еханове, Раководител на сектор за право на храна, ФАО (лево)
Виорел Гуту, Помошник генерален директор на ФАО и Регионален претставник за Европа и Централна
Правото на храна е основно човеково право кое не вклучува само пристап до храна или начини за нејзина набавка, туку и пристап до доволно, безбедна, хранлива и културно прифатлива храна. Вградено во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (ICESCR), во кој членуваат сите држави од Европа и Централна Азија, остварувањето на ова право денес останува премногу далечно за многумина.
Оваа година ја одбележуваме 20-годишнината од Доброволните насоки за правото на храна, во чие застапување Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) има клучна улога. ФАО одигра клучна улога во унапредувањето на остварување на правото на соодветна храна на глобално ниво, здружувајќи ги силите со меѓународните организации, граѓанското општество и приватниот сектор и нудејќи насоки и техничка поддршка за земјите членки, вклучително и оние во Европа и Централна Азија, во спроведувањето на политики и програми за негово остварување. Оваа годишнина е погоден момент да се размисли за напредокот, но и предизвиците во остварување на ова право во целиот регион.
Доброволните насоки за правото на храна нудат широк спектар на препораки за поттикнување на прогресивното остварување на ова право во контекст на националната обезбедност со храна. Иако владите ја сносат примарната одговорност, преземајќи чекори за да обезбедат дека нивните граѓани имаат пристап до доволна, безбедна и хранлива храна, насоките исто така ја охрабруваат меѓународната заедница, граѓанското општество и приватниот сектор да ги поддржат овие напори и активно да се вклучат.
Секое спроведување во изминатите две децении, без разлика колку било мало, придонесе за прогресивно остварување на правото на храна, без оглед на тоа кој го иницирал и кога се случило. Реално, сите засегнати страни, вклучително и владите во Европа и Централна Азија, следеа голем број од овие упатства кои имаат за цел да обезбедат достапност, пристапност, соодветност и адекватност на храната. Примери за вакви акции вклучуваат субвенции за земјоделците, бонови за храна, програми за исхрана во училиштата, стандарди за безбедност на храната, промоција на одржливо земјоделство, имплементација на GLOBAL G.A.P. стандардите за безбедни и одговорни производствени процеси во земјоделството, како и бројни локални иницијативи од граѓански организации за адресирање на предизвиците со обезбеденост со храна, како што се банки за храна, општествени градини и програми за едукација за исхрана. Иако ефективноста на овие активности може да варира, тие колективно придонесуваат за прогресивно остварување на правото на храна во регионот. Секоја инцијатива има значаен придонес.
Политиките на Европската унија, како што се Стратегијата „Од фарма до вилушка“ и Европскиот столб за социјални права, имаат за цел да создадат праведен, здрав и еколошки одржлив систем на храна, истовремено промовирајќи соодветен животен стандард и социјална инклузија. Надвор од ЕУ, земји како Грузија ја користат експертизата на ФАО преку програми како што е Европската програма за соседство во земјоделството и руралниот развој (ENPARD), која се фокусира на зајакнување на капацитетите на малите фармери и оператори со храна, како и нивната позиција во земјоделско-прехранбените системи. Ова вклучува развој на задруги за подобрување на локалните системи за храна и зајакнување на управувањето и официјалниот систем за контрола на безбедност на храната. Во Централна Азија, земји како Узбекистан направија значителни чекори во безбедноста на храната преку национални програми насочени кон подобрување на хигиенските стандарди во производството и преработката на храна, осигурувајќи дека прехранбените производи ги исполнуваат меѓународните стандарди за безбедност на храната со цел заштита на здравјето на потрошувачите.
Загрижувачки е што специфичното законодавство за правото на храна останува недоволно развиено во ЕУ и другите европски и централноазиски земји. Советот на Европа сè уште нема воспоставено правен инструмент кој експлицитно го штити ова право, а многу нации во регионот немаат сеопфатни правни рамки за негово спроведување.
Доброволните насоки даваат голем број препораки, вклучувајќи развој на национални стратегии за обезбедност со храна, законски рамки и институционални механизми, промоција на одржливи системи за храна, обезбедување на социјална заштита, поттикнување на меѓународната соработка и воспоставување механизми за мониторинг. Сепак, политиките и програмите се само средства за постигнување на целта. Она што навистина е важно е напредокот во реалниот свет, без никој да не биде изоставен, особено ранливите групи како што се децата, жените, постарите лица и маргинализираните етнички групи.
Во оваа смисла, остварување на правото на храна е нерамномерно во регионот. Според ФАО, бројот на лица соочени со умерена или сериозна несигурност во обезбеденост со храната во 2023 година надмина 111 милиони. И понатаму постојат значителни разлики во пристапот до хранлива и здрава исхрана, особено меѓу ранливите популации и во урбаните, и во руралните средини. Достапноста на храната исто така претставува сериозна грижа. Во 2022 година, поради високата инфлација, 8,3 отсто од граѓаните на ЕУ не можеа да си дозволат оброк кој содржи месо, риба или еквивалент на вегетаријанска храна секој втор ден, а во земји како Ерменија, речиси 15 отсто од населението се соочува со слични предизвици во пристапот до соодветна исхрана. Зголемената концентрација на производството и дистрибуцијата на храна во рацете на неколку големи корпорации ги влошува овие разлики, ограничувајќи ја разновидноста и достапноста на здрава храна.
Ова доведе до прехранбени услови во кои доминираат ултра-преработени производи со висока содржина на шеќери, масти и адитиви, што е поврзано со зголемени нивоа на дебелина и болести поврзани со исхраната низ целиот континент. Во Централна Азија, традиционалните начини на исхрана сè повеќе се заменуваат со помалку хранливи опции, што доведува до двојно поголема неухранетост, вклучувајќи недоволна исхранетост и анемија кај жените на возраст од 15 до 49 години. Исто така, недоволната исхранетост, особено заостанатиот раст кај децата под пет години, останува висока во некои земји во Централна Азија, Кавказ и во Заедницата на независни држави (ЗНД) Европа и Украина: Азербејџан (13,3 отсто), Таџикистан (13,1 отсто), Украина (12,3 отсто) и Киргистан (10,3 отсто).
Прекумерната тежина кај децата под пет години, анемијата кај жените на возраст од 15 до 49 години и дебелината кај возрасните се во пораст во голем број земји од регионот. Западен Балкан (10,3 отсто) и Кавказ (9,1 отсто) имаат највисока стапка на прекумерна тежина кај децата под пет години. Регионалната преваленца на дебелината кај возрасните е во пораст и ја надминува глобалната проценка. Стапките на анемија кај жените на возраст од 15 до 49 години ја надминуваат глобалната проценка (29,9 проценти) во Киргистан (35,8 проценти), Таџикистан (35,2 проценти) и Азербејџан (35,1 проценти).
За да се одговори на овие предизвици поврзани со неухранетоста, сите чинители во Европа и Централна Азија треба да се фокусираат на квалитетот на исхраната, обезбедувајќи физички и економски пристап за сите граѓани до доволна, разновидна и урамнотежена исхрана. Никој не смее да биде изоставен. Ова треба да биде поддржано со едукација и кампањи за подигање на јавната свест, кои промовираат поздрав и поодржлив избор на храна. Активностите на приватниот сектор поврзани со состојките и составот на храната, трговијата на мало и маркетинг практиките се од клучно значење. Исто така, неопходно е да се зајакне поддршката за одржливо земјоделство кое ја промовира биолошката разновидност, вклучувајќи зачувување на локалните и традиционалните системи за храна во региони како Западен Балкан, Кавказ и Централна Азија.
Ангажирањето на граѓанското општество, малите земјоделци и локалните заедници во креирањето политики е од клучно значење за создавање инклузивни политики во насока на сигурна обезбеденост со храна. Еден од најновите и најзначајни чекори во оваа насока беше Вториот форум за правото на храна, одржан во Женева во мај 2024 година, каде што беа дискутирани глобалните предизвици во врска со правото на храна, со фокус на Европската граѓанска иницијатива за обезбедување сеопфатни предлози за одржливи системи за храна.
Регионот има потенцијал да предводи глобални иницијативи за правото на храна преку промовирање одржливи, правични и инклузивни системи за храна во меѓународните трговски договори и развојната соработка заснована на човековите права.
Додека ја одбележуваме 20-годишнината од усвојувањето на доброволните упатства за правото на соодветна храна, Европа и Централна Азија мора да ја искористат оваа можност за да ја зајакнат својата посветеност. Преку развој и спроведување на силно законодавство, политики и соработка за правото на храна на глобално ниво, регионот може да постави моќен пример, обезбедувајќи дека сите негови граѓани имаат пристап до храната што им е потребна за здрав, активен и исполнет живот.