Денеска во Скопје се одржа завршен настан на кој беа презентирани резултатите од регионалниот проект на ФАО, чија цел е да се подобри овозможувачката средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени. Северна Македонија беше дел од проектот заедноso Ерменија, Киргистан и Таџикистан. Со поддршка на ФАО, македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги унапреди напорите за подобрување на домашното производство на семиња и саден материјал, со фокус на заштита и зачувување на генетската разновидност на домашните сорти.
Влијанието на климатските промени врз производството на семиња има сериозни импликации за обезбедноста со храната. Ограничениот пристап и високите цени на земјоделските суровини, вклучително и висококвалитетниот семенски материјал и капацитетите за нивно производство, складирање и примена, дополнително влијаат на ефикасноста и отпорноста на земјоделското производство на климатските промени.
За да одговори на зголемената побарувачка за висококвалитетен семенски материјал отпорен на климатските промени, македонското Министерство за земјоделство доби поддршка од ФАО за подобрување на националниот систем за семе. Ова вклучуваше подобрување на домашното производство на висококвалитетни и климатски отпорни семиња од стратешки култури и зајакнување на националните капацитети за да се обезбеди соодветно снабдување со семе за земјоделците.
Како дел од проектот, Министерството работеше на подобрување на производството и сертификацијата на квалитетен семенски материјал и ги оцени националните политики за семепроизводство, дистрибуција и сертификација во земјата. Заедно со Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, беа формирани демонстративни експериментални полиња во Кочани, Скопје и Тетово за производство, тестирање и мултипликација на квалитетен семенски материјали од неколку стратешки култури.
„Висококвалитетните домашни сорти отпорни на климатските промени, добрите национални политики за семиња и капацитетите за одгледување на нови и одржување на локалните сорти - се важен чекор во трансформирањето на прехранбените системи на одржлив начин, подобрувањето на обезбеденоста со храната, приспособувањето кон климатските промени во земјоделството и повеќе. Затоа, овој проект е од големо значење за одржливиот развој на домашното земјоделство“, изјави Трајан Димковски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија.
Со поддршка на ФАО, беше спроведена сеопфатна анализа за да се процени состојбата на домашниот систем за семе во Северна Македонија во однос на изборот, конзервацијата, производството, политиките и правната рамка. Анализата резултираше со збир на препораки насочени кон подобрување на ефикасноста, одржливоста и отпорноста на системот за семе кон климатските промени.
Клучните препорачани мерки вклучуваат развој на политики за програми за одгледување растенија, редовно финансирање за одгледување и зачувување на растенијата, едукација на земјоделци и млади научници за системи и техники на семепроизводство, создавање регистар на домашни сорти, поддршка на научните институции, поттикнување на соработка помеѓу експертите и властите, обезбедување јавна достапност на регистри, основање ботанички градини, спроведување на демонтративни опити за испитување на климатската отпорност на семињата и подигање на јавната свест за важноста на подобрување на отпорноста на системите за семе кон климатските промени.
Тања Сантиванез, регионален земјоделски службеник на ФАО, објасни дека овие мерки, доколку се спроведат, можат многу да помогнат во трансформирање на македонскиот земјоделско-прехранбен систем на одржлив начин, подобрување на обезбеденоста со храна, прилагодување кон климатските промени и зајакнување на конкурентноста.
Претставници на Министерството за земјоделство беа ангажирани и на регионална обука организирана од ФАО во Ерменија. Обуката даде можност да се разменат знаења и искуства со другите земји учеснички за управување со квалитетот на семето, политиките на семето и принципите и елементите на гаранција и сертификација на квалитетот на семенскиот материјал.
Г-ѓа Кристина Митиќ Арсова, национален тим лидер на ФАО, изрази благодарност до сите партнери и засегнати страни кои придонесоа за успехот на проектот. Таа нагласи дека ‘’досегашните анализи и активности ќе послужат како основа за идни конкретни иницијативи за унапредување на домашниот семенски систем“.
ЛИНКОВИ:
Земјоделството во Северна Македонија станува поотпорно на климатските промени преку квалитетно семепроизводство
https://www.fao.org/europe/news/detail/North-Macedonia-s-agriculture-becomes-more-climate-resilient-through-quality-seed-production/
ФАО и Северна Македонија
https://www.fao.org/countryprofiles/index/en/?iso3=MKD
ФОТОГРАФИИ: Проект на ФАО за Северна Македонија „Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени “
https://www.flickr.com/photos/128106072@N05/albums/72177720296177412