Одржливоста не е услов, туку голема можност за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор во Северна Македонија. Ова беше заклучокот на денешниот Бизнис форум со наслов „Претворање на одржливоста во конкурентност: Изградба на отпорни бизниси во неизвесен свет“.
За промоција на одржливоста како извор на поголема конкурентност за приватниот сектор, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Стопанската комора на Северна Македонија и семејството на Обединетите нации во земјата, во соработка со други домашни и меѓународни партнери, го организираа форумот.
„Денешниот форум е многу повеќе од уште една конференција посветена на економијата. Тоа е можност да разговараме како ја замислуваме иднината на нашата земја и каква економија сакаме да градиме во годините што следат,“ изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Учесниците на форумот нагласија дека одржливоста не е дестинација, туку трансформативно патување, каде успехот зависи од адаптабилност, иновации и отпорност, а не од големината на фирмите. Компаниите што рано инвестираат во ефикасност на ресурсите, иновации, одговорно управување и развој на работната сила се подобро позиционирани да управуваат со ризици и да ги искористат можностите.
„Одржливоста е добра за развој и раст на бизнисот. Инвестирањето во поинклузивна, поотпорна и поодржлива иднина не е само заедничка одговорност — тоа е конкурентна предност која им помага на компаниите да управуваат со ризик, да се прилагодат на промените и да напредуваат во услови на неизвесност,“ рече Рита Колумбија, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. „Затоа Обединетите нации стојат подготвени да соработува со приватниот сектор, нудејќи знаење, партнерства и практични алатки за усогласување на бизнис успехот со одржливиот развој.“
Меѓу многуте теми, учесниците дискутираа за Одржливост / ESG во пракса, како што се Иновации, Дигитализација и Зелени инвестиции за отпорност, Одржливи синџири на снабдување и подготвеност за извоз, како и Пристап до одржливо финансирање и ESG‑поврзани инвестиции.
Заклучокот беше дека посилната соработка меѓу Владата, приватниот сектор, финансиските институции, коморите и развојните партнери е суштинска за одржливоста да стане двигател на раст, извоз и отпорност. Тие препорачаа воспоставување национална мулти‑партнерска платформа за промоција на одржливи деловни практики, обезбедување прилагодена поддршка и финансирање за МСП за исполнување на барањата на ЕУ пазарот, проширување на пристапот до комбинирано одржливо финансирање, зајакнување на стопанските комори за испорака на практични ESG решенија и мерење на напредокот преку национален панел за одржлива конкурентност. Заедно, овие чекори имаат цел да ја претворат одржливоста во извор на долгорочна економска сила и подобрен животен стандард.
„Одржливоста треба да биде интегрирана во секоја ниша од општествениот систем, од образованието до приватниот сектор, за во духот на Агендата 2030 никој да не биде изоставен и секој да може да придонесе за општествениот развој,“ препорачаа учесниците.
Покрај многу институционални претставници, меѓу кои Народната банка на Република Северна Македонија, Македонската берза и други, на дискусијата се приклучија и претставници од бројни приватни компании со свои искуства и практики, со цел да инспирираат други компании да го следат нивниот пример. Меѓу нив беа претставници од ЕВН, Телеком, Пакомак, Завар, ТАВ аеродроми, ЕКО Флуид, Алкалоид, Витаминка, Макстил, Тиквеш, Комфи Ангел, Костал, неколку домашни банки (НЛБ, ПроКредит и Халк Банка) и меѓународни финансиски институции, како Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).